(Ова e гостински пост на Митко Цабевски, стартап ентузијаст и ко-основач на u:Plug. Блог постот е објавен на Medium, а It.mk го реобјавува со негова дозвола)


Обично сите големи работи започнуваат како шега и ретко кој може да предвиди дека комплетно ќе го променат начинот на кој конзумираме или создаваме содржини. Еден од тие феномени е Snapchat. Апликацијата која за помалку од 5 години успеа да стигне до 7 милијарди слики/видеа дневно и да ги натера маркетарите да создаваат содржини специјално само за Snapchat.

Денес сите зборуваат за дигитален и мобилен маркетинг што одамна е стандард за секој бренд кој барем малку ги прати светските трендови. Snapchat е она што доаѓа потоа. Мобилен маркетинг на новата генерација.

1-5yFRef981NTfzaVp3fiYEg

Зошто Snapchat е поразличен од Facebook, Twitter или било која друга друштвена мрежа? Затоа што е „mobile native” во вистинска смисла на зборот. Додека сите останати се адаптираат на мобилната револуција, Snapchat ја создава. Храброста на Snapchat да експериментира и да ги менува стандардите, комплетно ги затече маркетарите и ги натера да создаваат содржини и кампањи исклучиво за Snapchat. Тука се крие вистинската моќ на Snapchat — наместо препакување слики и видеа за Facebook, Twitter, Instagram или YouTube, Snapchat ги натера светските маркетинг агенции и брендови да создаваат содржини специјално дизајнирани за Snapchat, и притоа да плаќаат 750.000 долари по кампања!

Филозофијата на Snapchat е всушност многу едноставна — копија на нашето природно однесување во реалниот свет. Кога разговараме, кога се дружиме, кога се забавуваме… сите овие моменти се случуваат спонтано, нема режија и на крајот едноставно исчезнуваат. Snapchat само го копира нашето природно однесување.

Додека сите останати друштвени мрежи форсираат зачувување на сé што ќе постираме, Snapchat оди во комплетно спротивната насока и ја имитира реалноста. Сите моменти во нашиот живот се привремени, се случуваат и поминуваат. Тајната на Snapchat e комплетно и непречено внимание. Знаењето дека содржините постирани на Snapchat исчезнуваат, создаваат психолошки притисок кој комплетно го конзумира нашето внимание.

Иднината на маркетингот не е во фантастични кампањи и содржини. Тоа го има веќе и премногу. Милиони содржини кои се потешко стигаат до крајните корисници едноставно се губат во интернет амбисот и нашите ограничени можности да примаме информации. Иднината на маркетингот е во вниманието, а Snapchat го има монополот.

Ако си на мобилен, кликни тука и се гледаме на Snapchat. :) Ако сакаш да научиш повеќе како се користи Snapchat, клик на мојот пост за почетници.

Слични статии