Слушајте аудио книги со Listen Audiobook Player

Нема ништо лошо во читањето книги, но одредени ситуации едноставно преколнуваат пишаниот збор да биде апсорбиран преку слушалки. Ситуации како физичка активност, патување, или кога вашата подобра половина ви каже дека треба сериозно да разговарате за вашата иднина. Да, да. Вие може да разочарате некого, но Listen Audiobook Player нема да ве разочара вас во ниеден момент.

Програмот изобилува со комплексни можности за манипулација и преслушување на вашите аудио книги. Нема никакви реклами, нити пак бара дополнителни плаќања за отклучување на некоја напредна можност. Штом ги префрлите аудио книгите во вашиот телефон, покренете го програмот и дозволете му неколку секунди за да ги смести сите книги во библиотеката. Процесот е автоматски и целосно заобиколува кратки аудио формати, односно песни. За да ги слушате книгите, потребно е да располагате со DRM free формат, како mp3, m4b, m4a, opus, ogg, aac, или flac. Замислете дека сте префрлиле една книга и сте започнале да ја слушате преку апликацијата. На главниот екран добивате увид во корицата на книгата, а слушањето може да оди со нормална брзина, или пак успорено, односно забрзано, што е одлично доколку сакате да „читате“ книга со забрзано темпо. Но, книгата не ви се слуша повеќе на телефонот и сега сакате да го продолжите слушањето на таблетот. Listen Audiobook Player поддржува синхронизација помеѓу неколку направи и ви дозволува лесно да продолжите онаму каде што сте застанале. Оди до таа мера да ја памети и прилагодената гласност, како и чепкањето низ вградениот еквилајзер. Доколку ја пуштите книгата во доцните часови, програмот автоматски ќе намести да ја паузира книгата за 10 или 20 минути, како не би заспале, а книгата да ви шепоти цела ноќ.

Не постои ни една лоша работа која би можеле да кажеме за програмот. Сè работи онака како што е замислено, со огромна прегледност и погодности кои ќе бидат ценети од сите аудиофили. Програмот чини шеесетина денари, но целосно ја оправдува цената.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии