Следен чекор – „освојување“ на Месечината?

Изминатава недела една од главните вести во светот беше дека тестовите на кинеската мисија на месечината со ‘ртење на растенијата се успешни. За жал растението не успеа да ја преживее првата ладна ноќ на Месечината.

Резултатите од овој експеримент се значајни и за иднината на истражувањето на вселената, но на покус рок првите чекор, колонии на Месечината и Марс. Ова е втора „прва“ работа која му успеа на Chang’e 4, откако претходно успеа да биде првото летало на далечената страна на Месечината.

Секако првото “ртење на Месечината е прилично либерално искористено. Станува збор за затворен систем биосфера, во која се наоѓаат семиња за памук и компири, квасец и јајца на винска мушичка. Ова е сосем доволно за креирање на минимален екосистем кој ќе постои во садот. За колкава површина станува збор добар показател е што садот е висок 18 сантиметри. Садот е поврзан со извор на кислород, вода и хранливи состојки за растенијата. Првото растение кое изрти на Месечината беше памук. За жал тестот не успеа да го помине најголемиот предизвик, да ја преживее ладната ноќ. За некој иден експеримент сега е јасно дека ќе биде потребно да се одржува температура која ќе биде соддветна за растенијата со оглед на тоа дека температурата варира од – 173C до 100C.

Ова е само еден чекор од долг пат

„Опсесијата“ на луѓето со Месечината секако не е нова. Во 1959 година советското летало „Луна 2“ е прво кое слета (се сруши) на Месечината, но истражувањето започнува многу порано.

Веројатно првите вистински истражувања на месечината започнуваат по 1609 година и откривањето на телескопот од Ханс Липерши.

  • Веќе следната година, 1610, Галилео Галилеј за првпат со телескоп ја погледнал месечината
  • 1645 – Мајкл Флорент ван Лагрен ја нацртал првата мапа на месечината
  • 1651 – Џовани Батиста Риколи им дава имиња на кратерите на Месечината
  • 1753 – Франц вон Грутиузен покажува дека Месечината нема атмосфера

По ова има долга пауза, се до 1920 година и предлогот на Роберт Годард за праќање на ракети на Месечината. До реализација беа потребни 39 години, а 1959 година, „Луна 2“ се сруши во близина на кратерот Аутолицус. Во 1966 година за првпат леталото, Луна 9 успеа да слета на Месечината, ова беше последен пат Русија да биде пред САД во вселенската програма. Неколку години претходно, во 1961 година претседателот на САД, Џон Кенеди предложи испраќање на луѓе на Месечината.

Luna 2 by NASA – http://nssdc.gsfc.nasa.gov/database/MasterCatalog?sc=1959-014A, Public Domain, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=16509292

Во 1968 година прво летало со екипаж влезе во орбита околу Месечината. Appolo 8 заврти 10 круга околу месечината и се врати на Земјата. Следната година, 1969, Нил Армстронг, Мајкл Колинс и Едвин „Баз“ Алдрин со Apollo 11 слетаа на месечината. Подоцна, истата година Чарлс Конрад, Ален Бин и Ричард Гордон слетаа на точната локација, која беше предвидена. Ова е прво прецизно слетување на Месечината.

Во 1970 година полета Apollo 13, леталото се оддалечи 400 171 km од Земјата, најдалеку што луѓето патувале досега. За жал поради сериозни технички проблеми леталото не слета на Месечината. Во јануари 1971 година Apollo 14 го започна својот лет и ја заврши мисијата на Apollo 13. Леталото се врати со 42,8 kg камења од месечината, а за прв пат беа направени експерименти на Месечината.

Следната мисија на Apollo 15 на месечината го однесе и првото возило. Со користење на роверот астронаутите може да се движат подалеку од местото на слетување.

Apollo 16 е втората мисија на месечината подолга од 3 дена, првата беше нејзиниот претходник Apollo 15. Астронаутите на земјата се вратија со 95,8 килограми материјал од месечината.

Следната мисија од Apollo програмата, Apollo 17 за жал ќе биде и последна. Крајот на 1972 година ќе остане запомнет и како последен пат кога луѓе чекореле на месечината. Јуџин Цернан, Роналд Еванс и Харисон Смит се последните астронаути пратени на Месечината.

Во 1976 година советското летало Луна 24 се врати со последниот материјал од месечината до денес.

Од 1976 до 2019 година и Chang’e мисиите на месечината главно беа завршувани од орбита и со лансирање на сонди.

Зголемување на интересот за мисии на Месечината има од 2009 година. Сонда лансирана од индиското летало Chandrayaan-1 откри дека на половите на месечината откриле замрзната вода во кратерите на половите на Месечината.

Долг е патот за освојување на Вселената

Откривањето на вода на половите е само мал дел од приказната за колонизирање на Месечината. Добра вест е дека половите всушност се и најдобра локација за колонија, бидејќи ќе може да се избегнат долгите ноќи кои на месечината траат околу 2 недели.

Веројатно најголем проблем е недостатокот на човечки мисии. Од последниот пат кога луѓе оделе на месечината до денес се поминати речиси 50 години. Ова е и главната причина поради која база на Месечината сè уште е поблиску до фантастика отколку до реалност.

Најголема предност за која месечината ја има пред останатите планети е близината до Земјата.

Колонизирањето на месечината и не е нов план. Уште во 1959 година Армијата на САД го предлага Project Horizon. Project Horizon е американска воена база на месечината. Две години подоцна Военото воздухопловство на САД го предложи Lunex Project, подземна база на месечината. Овие планови се постари и од самото слетување на екипаж на месечината.

И по прилично долг период на тишина во 2015 година се појави концептот за месечево село (Moon Village). Овојпат проектот не дојде од старите велесили САД и Русија, туку од Европската вселенска агенција -ESA. За првпат не беше воена база, туку повик за заедница и не беа повикувани држави туку и приватни инвеститори, инженери, истражувачи научници.

Планот го задвижи развојот на пропратните технологии како роботика, 3д-принтање, електроника, паметни уреди. Но, и идеи дека објектите на Месечината ќе се градат и од материјали кои може да се пронајдат на месечината.

Дополнително, напредокот на роботиката е доволен за роботи автономно да управуваат со принтерите и без присуство на луѓе да ги изработат првите живеалишта.

Идејата на ESA е и поголема отколку креирање на база во вселената, иако ова е огромен потфат. За првпат сите Земјани ќе може да учествуваат заедно во проект кој ќе ја определи иднината на сите.

Но, ESA не е единствена со планови за колонизирање на месечината. Од 2016 година и Русија планира да изгради колонија, плановите се колонијата да биде оперативна пред 2030 година. А, слични планови имаат и Кина и Јапонија.

Со државните мисии нема да завршат и аспирациите за освојување на Вселената. Space X на Елон Маск и Blue Origin на Џеф Безос се подеднакво заинтересирани за колонија на месечината, главно како прв чекор кон другите планети и ѕвездите.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии