Речиси 50% од нарачките преку интернет во Македонија се од AliExpress.com

Според веста објавена од страна на телевизија Алфа, купувањето на интернет во Македонија има раст од 20% во споредба со минатата година. Телевизијата, во својот прилог појаснува и дека од 75.000 пратки на месечно ниво, 33.000 нарачки се преку кинескиот сајт AliExpress.com.

AliExpress.com е сајт за трговија на мало лансиран во 2010 година на кинескиот гигант Alibaba Group, фирма основана во 1999 година од страна на Џек Ма која во светот стана позната по својот сајт за трговија на големо AliBaba.com, кој бележи приходи од стотици милијарди US долари на годишно ниво. AliExpress.com е една од најпосетените онлајн продавници во светот, дури е и најпосетен е-комерц сајт во Русија.

image-902

Сајтот е популарен генерално заради бесплатната интернационална достава која ја нудат продавачите. Бесплатната достава ширум светот им е овозможена на продавачите најчесто преку посебна програма на кинески доставувачи како China Air Mail и пакетите кои им ги нудат, со што продавачите не плаќаат за секоја достава, туку закупуваат поволни пакети со одреден број на достави на дневно ниво. Бесплатната достава функционира и до Македонија, дури и за некои продукти кои преку сајтот се достапни за 1 до 2 американски долари.

Бесплатна достава дури и на производи кои чинат 1-2 US долари

Бесплатна достава дури и на производи кои чинат 1-2 US долари

„Од Кина, преку Чешка во Прага, во рок не подолг од 1 месец, пратките пристигнуваат на скопскиот аеродром, од каде екипи на Македонски пошти со комбиња, два пати дневно вреќите со пратки ги транспортираат до Дирекцијата. За да се испита безбедноста, секоја пратка поминува низ детектор. Сепак, понекогаш се случуваат и пропусти – доставата на пратката да доцни или тоа што е нарачано да стигне на туѓа адреса.“ велат од Алфа ТВ во својот прилог.

Во прилогот, Алфа ТВ ја споменува и политиката за царинарење на Република Македонија, која и тоа како не соодвестува со глобалните трендови и е голема пречка за развој на онлајн трговијата. Доколку некогаш сте се обиделе да нарачате производ поскап од 50 евра и да ви биде доставен во Македонија, тогаш несомнено сте се соочиле со проблемите да ја докажувате вистинската вредност на веќе отворениот производ од страна на Македонска Пошта, да ве повикуваат да одите во централната пошта со испринтани копии од сајтот каде што сте го порачале за да ви кажат дека после тоа мора да чекате дома да ви се достави пратката со пресметаните ДДВ и царински давачки и слични проблеми кои немаат никаква логика…

Дополнителен проблем за граѓаните кои масовно купуваат на интернет, е тоа што се ослободени од царински давачки и ДДВ, само ако робата чини до 22 евра. Така на пример, за брендирана спортска опрема порачана од Англија во вредност од 190 долари, на Царина се плаќаат дополнителни 110 долари. За да ги избегнат давачките, граѓаните прават неколку нарачки една по друга. Од Македонски пошти велат дека веќе побарале од Царинската Управа ваквата политика да се промени…

Во веста не се споменува ништо за влијанието на локалните е-комерц сајтови како Grouper, кои пред еден месец го одбележаа својот 500.000-ти продаден купон. Исто така, не се споменуваат ниту проблеми кои одреден дел од граѓаните ги забележуваат со порачките од овој или слични кинески сајтови, како што се фалсификувана роба, не секогаш порачаните работи се доставуваат, двојни наплати и сл.

 

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии