„Скопје 2014 под лупа“ покажа зошто отворените податоци се важни

Скопје 2014 под лупа“ не е по строга дефиниција проект со отворени податоци, туку е интерактивна мапа која ги следи потрошените пари за грандиозната реконструкција на Скопје, креирана од тим на искусни новинари од БИРН кои осум месеци собираа стотици печатени документи преку Законот за слободен пристап до информации. Но, сепак е фантастичен пример, можеби прв за македонското статистичко новинарство, кој покажува како јавните податоци можат да се искористат правилно и со цел.

„Првичната идеа ни беше со ова да им овозможиме на новинарите и на јавноста оваа база на податоци да ја користат како ресурс за натамошни истражувања на оваа тема со оглед на фактот што голем дел од овие податоци претходно не беа достапни за јавноста“, вели Ристе Змејковски од Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН).

„На тимот на Балканската истражувачка репортерска мрежа му беа потребни речиси 8 месеци да пројде низ документација за повеќе од 130 објекти на сервисот на јавните набавки, да испрати и добие одговор на преку 150 барања за пристап до информации од јавен карактер и истите да ги направи електронски достапни“.

Тоа што го прави овој интерактивен проект важен сега, кога и власта го прифати трендот на отворени податоци, е што покажува дека е можно девелоперите, компаниите, новинарите и било кој друг да креира вистински корисни проекти од oтворените податоци. Можеби во моментов нема многу отворени податоци поради проблем со техничка обработка од хартија во дигитален формат; и во повеќето случаеви е потребно да се испраќа писмено барање до институциите, сепак од БИРН велат дека властите одговориле на сите барања за слободен пристап до информации во соодветен рок.

И податоците соберени од „Скопје 2014 под лупа“ се отворени за дополнително користење. Сите информации од оваа база можат да се преземат во два формата – како табеларни податоци кои се прикажани во пребарувањата и како .pdf документи, вели г. Змејковски. „Сите податоци кои се на располагање преку оваа база понатаму може да се користат за различни намени или проекти поврзани со Скопје 2014. Excel табелите се всушност табеларниот приказ на податоците од групните резултати дадени од најразлични пребарувања, додека пак документите во pdf содржат најчесто договори поврзани со изградба на дадените објекти и се основниот извор на податоците во базата“.

Сепак, покрај позитивниот тренд за отварање на податоци, засега постои свесно ограничување кои податоци ќе бидат ослободени бидејќи не сите информации имаат иста политичка тежина. Податоците за проектот Скопје 2014 сепак се контроверзни, и можеби затоа беше потребно осум месеци да бидат соберени преку разни методи – преку отворени податоци, преку Бирото за јавни набавки и преку барања за слободен пристап до информации кои стигнуваат во печатена форма, не во дигитална.

„Дополнителен терет беше овие податоци да се внесуваат посебно затоа што тие можат да се преземет само како .pdf документи, а оние пак кои ги добивме преку пристапот до информации од јавен карактер стигнаа до нас како печатени документи, така што напорот беше уште поголем и подразбираше нивно внесување и дигитализирање со цел да ги направиме употребливи за базата и да ги приложиме како дигитални документи да бидат достапни до јавноста“, вели Ристе.

Според него, јавните податоци се „единствениот индикатор и показател за успешноста на политиките и следењето на развојот на истите“. Затоа нивното отварање – односно јавно и целосно објавување во дигитална форма во која може да се одработат, и врз тоа да се креираат апликации, сервиси, платформи и истражувања – треба да биде приоритет.

„Она што е уште поважно е истите да бидат отворени со цел да се заокружат процесите на транспаретност и отчетност и да и се овозможи на пошироката јавност да има пристап до нив“, вели Ристе. „Мило ми е што трендот на отворени податоци се повеќе и повеќе зема замав и во Македонија преку различни меѓународни партнерства и лобирање на граѓанскиот сектор и медиумите. Но имајќи во предвид дека кога станува збор за јавни податоци имателите на истите се државните институции треба уште многу да се работи на креирање на култура и создавање на капацитети за прибирање и пласирање на податоците“.

Интерактивниот проект „Скопје 2014 под лупа“ може да го погледнете на официјалниот сајт.

3 коментари на “„Скопје 2014 под лупа“ покажа зошто отворените податоци се важни

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии