Сивата страна на купување игри: Kinguin

Со купување клучеви од официјални продавници директно и најисплатливо ги поддржувате девелоперите и допринесувате кон финансиска инфузија која им дозволува да продолжат да го прават она што највеќе го сакаат. Згора на ова, вашите клучеви, односно игри се безбедни и не постои ризик да не можете да ги активирате на вашата платформа за играње или пак да бидат деактивирани по одредено време. Токму поради тоа, поголемиот број гејмери се повеќе од задоволни да купуваат од најпознатите официјални продавници на игри, како Steam, Origin, или uPlay. Доколку сакаат поевтина игра, бараат чаре во официјалните продавници на клучеви, како GreenManGaming, или Fanatical. Доколку сакаат уште поевтино, следат и купуваат најразлични пакети од игри, како од Humble Bundle. Но, што доколку сакате уште поевтино? Или, што доколку имате екстра клучеви со кои не знаете што да правите? Во тој случај, потребно е да навлезете во сивите кругови на продажбата на клучеви. It.mk е тука да ви каже кои се предностите и ризиците и да ви помогне во заклучокот дали навистина треба да пливате во забранетите води.

Во иднина, ќе разгледаме неколку продавници каде се продаваат „неовластени“ клучеви за игри. Приоѓаме кон оваа тематика од чисто образовни цели и во ниеден случај не потенцираме дека треба или не треба да ги користите. Таквиот заклучок е ваш и само ваш.

Kinguin е продавница за неофицијално и неовластено продавање клучеви за игри која за неколку години успеа да се издигне на врвот. Kinguin се одликува со агресивно огромен каталог од игри. Повеќето од игрите се продаваат со значително пониски цени од официјалните продавачи. Легендарната едиција на Injustice 2 чини 60 евра, но е неполни 20 евра на Kinguin. Комплетната едиција на Batman: Arkham Knight чини 30 евра на официјалните кругови, но на Kinguin се продава за само 5 евра.

Како е ова можно?

Kinguin e дигитален пазар, платформа која обединува стотици мали продавнички на клучеви и илјадници индивидуални продавачи од заедницата. На Kinguin, секој што има клучеви може да продава. Создавате акаунт, бирате која игра сакате да продадете и по која цена, и чекате истиот да биде купен од некој друг. Како индивидуален продавач, можете да продавате до пет клучеви од игри во кое било време. Како продавница, која можете да ја отворите, продавате онолку клучеви колку што сакате, но за секое поставување клуч, потребно е да платите на Kinguin. За шеесет дена, цената за поставување клуч со цена изнесува 0.35 евра. Во случај да го продадете клучот, Kinguin зема 11% од целокупната сума, плус 0.35 евра. Парите што ќе ви легнат од продадените клучеви можете да ги искористите за да си купите игри кои вие ги сакате или, во случај да отворите Kinguin продавница, парите може да ви легнат на сметка и да си ги извадите од банкомат (ова подлегнува на дополнителни трошоци и проверки на идентитет). Кога ќе го земете сево ова во предвид, едноставно мора да се запрашате…

Кој продава игри на Kinguin?

Луѓе како нас и вас. Имаме дојдено до екстра клуч кој не сакаме да го подариме туку да го продадеме, иако таквото нешто е забрането. Во повеќето случаи, клучевите кои сте ги купиле се само за ваша, лична употреба. Многумина купуваат пакети од Humble Bundle, чекаат некој месец да се намалат количините и ги продаваат игрите за значително повисока цена. Но, некои не се толку чесни. Некои индивидуални лица и организации користат лажни платежни средства за да украдат еден куп клучеви и да ги продаваат истите за 100% заработка, на директна 100% загуба на издавачите. Ова е особено деморализирачко за инди продавачите кои ја имаат преточено нивната пот и крв во игра која се игра од многумина, а нема финансиска придобивка за понатамошно охрабрување на работата. Многу лица, пак, продаваат лажни клучеви, надевајќи се дека не знаете или нема да преземете дополнителни чекори за да си ги повратите парите. Сите овие работи ги имаме искусено и она што следи е нашето искуство и начинот на кој одбравме да се справиме со тоа.

Обично, купувањето клучеви е безболен и позитивен процес затоа што скоро секогаш, клучот кој ќе го купите успешно може да се активира на платформата за која е предвиден. Но тоа не беше случајот за нашиот клуч за Diablo 3 играта. Клучот го купивме од community продавач за неполни 10 евра, но не можеше да се активира на battle.net платформата. Ги контактиравме од Kinguin, при што нѝ беа побарани докази во форма на скриншотови каде треба да се види дека клучот навистина не може да се активира на таа адреса. Откако ги понудивме доказите, чекавме недела одговор од продавачот. Одговорот не дојде, а парите кои нѝ се вратија беа во форма на дигитална валута која можевме да ја користиме само на Kinguin. Поддршката одби да нѝ ги врати парите на нашата сметка, а нам, на времето, тоа и не нѝ премногу сметаше. Проблемите со активација на клучевите беа исклучително ретки и обично се сведуваа на неможност да се активира играта на самиот почеток. Но, како што ќе видите со еден наш иден текст за една друга продавница, ова не беше секогаш случајот.

Пред нешто повеќе од половина година, имаше промоција на Kinguin каде доколку купите игри во вредност над 30 евра, ќе добиете мистериозен подарок. Се рекламираше дека подарокот содржи ваучер до 50 евра, или некоја од најновите игри, чија цена беше 60 евра. Она што не пишуваше е и дека може да биде и било која друга игра. Авторот на овој текст купи две карти со по 2000 gems, дигиталната валута за ММО играта, Guild of Wars 2. Цената излезе дека е 37.30, евра. Мистериозниот подарок излезе дека е ваучер во вредност од 2 евра. Клучевите кои ги добивме, не можеа да бидат активирани. Кога ја контактиравме GW2 поддршката, нѝ кажаа дека тоа не се овластени клучеви и дека не сме требале да ги купуваме на прво место. Ја контактиравме Kinguin поддршката и тие нѝ кажаа дека не можат да нѝ помогнат затоа што продавачот на клучевите е реномиран и дека ние сакаме да манипулираме со системот за да си ги повратиме парите. Го ескалиравме проблемот преку Paypal. Истото попладне бевме контактирани од тимот на Kinguin и она што прочитавме навистина нè исплаши.

Во кратки црти, тимот кажа веднаш да се повлече ескалацијата, затоа што ќе бидат приморани да ги активираат нивните адвокати и да го изложат авторот на овој текст на дополнителни трошоци, а личните податоци, како поштенската адреса, и-мејл адреса и логирања со IP адресата, ќе бидат проследени до властите. Нема да лажеме, содржините на и-мејлот и заканите нè замрзнаа за момент. Десетици дена подоцна, PayPal ја усвои жалбата, а по уште десетици дена, парите нѝ беа вратени. Добивме известување дека акаунтот на Kinguin е блокиран. Сакајќи да живееме опасно, купивме 5 евра од дигиталната Kinguin валута со која може да се купи која било игра. Парите нѝ беа земени, но кога пробавме да ја искористиме валутата од 5 евра за да купиме игра, добивме известување дека акаунтот нѝ е блокиран. Го контактиравме PayPay и, за десетици дена, си ги повративме и тие пет евра.

Пливањето во сивите води знае да биде мирно. Но, од време на време, брановите знаат и да бидат непредвидливи. Знаењето за вистинските ризици и правилно справување со ситуацијата може да помогне подобро да се справите со корпоративните ајкули. Се надеваме дека успеавме правилно да ве информираме во тој поглед, доколку, се разбира, решите да чекорите по ваквиот пат.

Официјални продавници на игри:

Steam

Origin

uPlay

GoG

Овластени продавачи на клучеви:

GreenManGaming

Fanatical

GamersGate

GamesPlanet

Humble Bundle

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии