Системот на Itch.io злоупотребен за продавање пиратски игри

Во случај да сте поклоник на инди-игрите тогаш шансите се големи дека сте слушнале за продавницата Itch.io – скромен фронт со флексибилни можности за продажба на дигитални игри. Продавницата не е ни приближно блиску до гигантите како Steam или GOG, но е особено ценета и од гејмерите и од девелоперите. Од една страна, гејмерите добиваат пристап до игри кои не се присутни на некоја друга платформа, а од друга страна девелоперите сами си го зацртуваат профитот и не мора да бараат одобрување за објавување на играта.

Девелоперите едноставно поставуваат билдови и инстантно ги овозможуваат за преземање од корисниците

Itch.io со години функционира на овој начин. Се додека еден корисник не забележал дека инди играта Rimworld се продава со 75% попуст. Известувањето за попустот корисникот го добил преку сајтот isthereanydeal.com и веднаш побрзал да ја купи играта, со што му се дозволило да преземе само .rar датотека со Rimworld фолдерот од Steam. Сите обиди за стапување во контакт со „издавачот“ наишле на глуви уши, по што вработените од Itch.io во рекордно време бутнаа и блокираа сè што има некакви врски со пиратската верзија.

Rimworld има 97% позитивни рецензии на Steam

„Измамник креирал неколку акаунти на нашиот систем и поставил пиратски игри за продавање. Со оглед на тоа дека ние функционираме како отворен пазар, не можеме да форсираме нагледни методи пред да им дозволиме на луѓето да објават нешто. Откако заедницата нѝ го насочи вниманието кон измамникот, вложивме максимални напори да направиме интерна анализа и да ја отстраниме содржината што побргу“, објаснува претставникот од Itch.io и додава дека: „Акаунтите на ваквите измамници инстантно се суспендираат, се блокира платежната опција од системот и се отстрануваат несоодветните содржини.“

Dead Cells беше уште една инди игра која се продаваше во пиратска форма

Од Itch.io продолжуваат со објаснување дека измамникот всушност ја искористил опцијата за директна исплата, нешто што дозволува продавачот да го исфрли Itch.io како посредник и да си ги пренасочи парите директно на неговата PayPal сметка. Иако ова е корисно за одредени девелопери, сепак значи дека се повлекуваат пари, а на вработените од Itch.io им се врзуваат рацете за каква било интервенција на тоа поле. Поради тоа, Itch.io побрзаа и да ја забранат употребата на оваа услуга.

Измамникот се претставил како вистинскиот девелопер на Dead Cells – Motion Twin

Набргу по инцидентот, продавницата ги промени правилата за враќање пари. Според најновите промени, пари ќе се вратат доколку купената игра не може да се покрене, пристапот до неа е ограничен, купувањето е направено случајно или продуктот не е претставителен на рекламната кампања. Новите правила, значително ги олеснуваат шопинг навиките на гејмерите и нудат поголема транспарентност, нешто со што се сложи и основачот на Itch.io, Лиф Коркоран.

„Активно следиме и реагираме на содржините кои се поставени на нашиот сајт. И во минатото имаме детектирано и блокирано измамници, но денешниов инцидент значително се прошири поради сајтот со зделки (isthereanydeal.com) кој во рекордно време испрати известувања на огромен број луѓе, а штетата, за жал, не можеше да се локализира во почетните часови. Ова, во комбинација со директниот режим на исплата, резултира во огромен хаос кој, иако несакан, сепак ни помага да се движиме во правилна насока и да го подобриме Itch.io за сите.“

Претставник од IsThereAnyDeal.com се изјасни дека и од нивна страна се преземаат соодветни мерки. Во иднина ќе се проверува валидноста на сите зделки кои ќе се пријават како лажни и истите брзо ќе се отстранат од дата базата на сајтот.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии