Што значи новата либерализација на .мк доменот?

(Oва е гостински текст на Иван Петрушевски, основач на Mkhost.com.mk, компанија за хостинг, регистрација на домени и веб девелопмент)

Наспроти очекувањата за електронско регистрирање на домени, либерализација на .мк доменот во моментов само значи отварање на повеќе „пунктови“ на компании – соработници на македонската академска истражувачка мрежа МАРнет, каде корисниците наместо да одат само во регистарот во Скопје, ќе можат штампаните барања и документи, потребни да се регистрира .мк домен, да ги доставуваат до новите пунктови по нивен избор по цена дефинирана од компанијата соработник на Марнет.

Што изјави ИТ министерот во врска со либерализација на .мк доменот?

Пред неколку месеци, министерот за Информатичко општество и администрација Иво Ивановски објасни дека со либерализацијата сите граѓани ќе можат да регистрират „уште една услуга по електронски пат, без посета на шалтери, пополнување формулари и нивно испраќање до МАРнет, како и да почнат свој бизнис многу побргу од постоечките процедури“.

„Еден од проектите што ги вети Владата е електронско регистрирање домени и поддомени на мк, со цел да се овозможи од кое било место да може електронски да се достават, да се плати електронски и нивниот домен електронски да биде регистриран во кој било период од денот“, изјави министерот Ивановски. „Ќе имаат период од еден месец технички да ги подготват своите системи за да можат од 1 октомври сите институции, организации и компании од приватниот сектор што ќе искажат интерс да се поврзат со овој систем и да ги препродаваат на некој начин домените во име на МАРнет да може да почнат да функционираат“.

Она што го изјавил министерот јасно вели дека сите граѓани ќе можат да регистрираат .мк домен по електронски пат, без посета на шалтери (новите пуннктови што погоре ги споменав), без пополнување на формулари. Тој исто вели дека со овој проект на либерализацијата на .мк доменот ќе може од било кое место електронски да се плати и регистрира .мк домен во било кое време од денот. Сето ова е одлично, овој начин на регистрација на .мк домени би ги направил крајните корисници најсреќни, но новиот правилник кој Марнет го донесе не го вели истото. Според член 16 од правилникот на МАРнет се вели:

Новиот правилник на Марнет вели дека корисникот ќе мора да пополни барање, да стави потпис на него и да се достави до МАРнет или до новите „пунктови“ – фирми соработници со кои МАРнет ќе направи договор. Единствено, работата електронски ќе може да се заврши доколку корисникот поседува електронски потпис. Исто така, физичките лица кои ќе вршат регистрација на домени ќе мораат лично да ги носат документите до фирмите соработници кои ќе можат да регистрираат домени или во МАРнет. Корисниците кои лично ќе ги носат документите ќе мора и да се идентификуваат преку документ за лична идентификација (лична карта, пасош и слично).

Како беше до сега

За оние кои не се информирани за ситуацијата која беше активна до сега (и која сè уште е активна – до моментот на потпишување на првата партнер фирма на МАРнет) за тоа како се одвиваше процесот за регистрација на еден .мк домен, ќе дадеме кратко објаснување. За регистрација на .мк домен беа потребни ( и сеуште ќе бидат потребни ) документите:

  • Барање за регистрација пополнето во електронска форма и испечатено.
  • Правни лица: копија од Тековна состојба од Централен регистар.
  • Физички лица: Документите се доставуваат лично.
  • Копија од уплатница.
  • И сите документи се доставуваа лично само во Марнет – Скопје.

Втор начин, за оние кои не сакаа да одат низ оваа процедура со документи, беше да најдат фирма која ќе посредува меѓу МАРнет и нив (крајните корисници на доменот). Како на пример нашата хостинг компанија – МКхост која регистрираше домени по барање на крајните наши корисници, се со цел тие да ги избегнат процедурите со МАРнет. Повеќето хостинг компании и други посреднички фирми го правеа истото и регистрираа домени за крајните корисници, затоа што беа запознаени во целата оваа процедура и затоа што за нив беше јасен и познат целиот концепт и имаа повеќе регистрации во одреден период.

Периодот за регистрација на доменот со текот на годините се забрза, благодарејќи на новиот тим на МАРнет и ажурноста која ја воведоа, но сепак, регистрација за време на викенд и во доцните временски часови не беше можна и нема да биде можна и со новата либерализација. Единствено, со новата либерализација, ова би било возможно доколку некоја од партнер фирмите на МАРнет отвори свој пункт кој би бил достапен физички 24/7/365 каде корисниците кои сакаат да купат домен ќе го посетат лично со спремната документација.

Што ново воведе МАРнет

МАРнет направи либерализација на .мк доменот, со што овозможи на компании да се пријават и да вршат регистрација на .мк домени. Ова значи дека било која компанија може да се пријави и да врши регистрација на .мк домени, односно да добие статус на „регистрар“. Секако, претходно треба да исполнува одредени барања, да креира сопствен систем каде ќе се чуваат сите податоци за корисниците и да се прилагоди на тестирањата на новиот систем за регистрација на домени. Новата компанија која ќе добие статус регистрар од страна на МАРнет, ќе ја врши истата функција која ја вршеше до сега МАРнет, односно ќе прима барања од корисници за регистрација на домени, ќе дава поддршка на корисниците кои закупиле домен од кај нив, ќе ги известува корисниците за истек на домените, ќе води евиденција за плаќање, евиденција за секој вид на промени во досието на доменот и сите останати услуги кои МАРнет ги вршеше до сега.

Функцијата на МАРнет ќе остане иста и корисниците ќе можат и понатаму да ги регистрираат домените во МАРнет, но со оваа промена МАРнет овозможува на корисниците да изберат каде ќе го однесат своето барање и каде ќе го регистрираат својот домен. Идејата е да се креираат повеќе „пунктови“ на фирми – соработници на МАРнет каде ќе ги примаат и обработуваат барањата на крајните корисници кои ќе сакаат да регистрираат .мк домен.

На овој начин, корисниците кои не се од Скопје ќе можат да ги носат барањата и во други градови (каде ќе се појават новите фирми – регистрари). Сепак она што ќе остане исто и непроменето е што ќе мора повторно да се штампаат и носат барања со потпис и печат, како и лично за физичките лица. Интересно е што секој регистрар ќе ги продава .мк домените по своја однапред дефинирана цена, така што корисниците ќе може да бираат каде највеќе им одговара и таму да го регистрираат доменот. За она што ќе добијат корисниците со ова ќе зборуваме подолу во постот.

МАРнет воведе нов изменет правилник со повеќе дефинирани промени и поправки на одредени работи кои не беа целосно дефинирани со стариот правилник. Го отстранија правилото со кое доколку поседувавте ист назив на доменот со една наставка, без ваше одобрение друг не може да регистрира ист назив на домен со друга слободна наставка. На пример доколку компанијата А го поседуваме доменот: primer.mk, вие како компанија Б ќе нема да може да го регистрирате доменот primer.com.mk без претходно одобрение од компанијата А која го поседува primer.mk. ( Ова правило ќе биде укинато официјално започнувајќи од 01.01.2014 година).

Го решија проблемот со „заглавените“ домени кои беа регистрирани пред 2003-та година. Така да во рок од неколку месеци, доколку крајните корисници не ги обноват овие домени, истите ќе бидат избришани и достапни за било кого. Со стариот правилник овие домени беа заштитени на некој начин и немаа точно дефиниран период на истек, со што и доколку одреден домен не беше во функција и неговиот сопственик повеќе не постоеше истите беа сè уште активни.

Што добиваат крајните корисници со либерализацијата на .мк доменот

Крајните корисници ќе можат да бираат каде ќе ги регистрираат своите домени:

  • Ќе постојат повеќе институции како МАРнет, каде ќе можат да се доставуваат барањата за регистрација– значи ќе имаат избор. Оние корисници кои не живеат во Скопје ќе можат да ги носат барањата и во други градови каде што МАРнет ќе има свои партнер фирми (регистрари).
  • Корисниците ќе можат да бираат и во однос на цена и квалитет на поддршка кај новите регистрари.
  • Цената за регистрација на .мк домените ќе варира од регистрар до регистрар, но нема да биде поевтина од моменталната. 
  • Доколку одреден корисник не е задоволен од моменталниот регистрар, лесно ќе може да се префрли кај друг регистрар. Во зависност од регистрарите, корисниците ќе можат да вршат онлајн промена на DNS серверите за доменот во било кое времe.

Фирмите партнери на МАРнет нема да може повеќе да посредуваат домени за крајните корисници

Со новата либерализација ќе се лимитираат регистрарите (компаниите кои ќе добијат лиценца од МАРнет за раководење со .мк доменот) да не може да регистрираат повеќе од 30 домени во својство на регистрант, односно МАРнет сака да го отстрани посредувањето на одредена компанија во улога на регистрант да регистрира домени во нејзино име за крајни корисници. Па така, оние корисници кои не сакаа да се малтретираат со документациите сега ќе мора да го прават тоа, затоа што фирмите кои посредуваа за нив и кои ќе добијат лиценца за регистрација ќе нема да можат да го регистрираат доменот во сопственост на самата компанија регистрар.

Зошто Марнет не го ослободи .мк доменот да може било кој онлајн без документи да регистрира домен?

Најверојатно, главната причина поради која МАРнет не го ослободи .мк доменот целосно е контролата врз сопственоста на домените, односно МАРнет сака да знае во секое време кој е правилниот сопственик на доменот, однапред докажан преку барање со потпис и печат (ако е компанија) и потпис, лично присуство и идентификација со документ доколку е физичко лице. Ако овие барања и документи се отстранат, тогаш Марнет се плаши дека ќе настане хаос во .мк доменот и ќе немаат целосна контрола врз тоа кој точно е правилниот сопственик на одреден регистриран домен, односно крајните корисници би можеле да ставаат невалидни и неточни информации при регистрација на доменот.

За потсетување, на пример интернационалните генерички домени (.com .net и слично) може да се регистрираат без документи и лични идентификации и потписи, односно онлајн преку овластени регистрари кои само бараат електронски внес на вашите податоци.

15 коментари на “Што значи новата либерализација на .мк доменот?

  1. Искрено се надевав барем една работа што најави тој министер ќе се оствари до крај како што треба ама еве и од неа гледам ништо на крај нема да биде…
    Инаку на тие во Марнет кога ќе помислам дека нешто ми треба од нив косата ми се крева.
    Прво, кај сите документи треба да ги спремиш и однесиш таму, толку вообразени и дрски вработени деца не сум видел.
    За најнормални работи што секаде во свет се одвиваат за 5-10 мин, тука ти се поставуваат како демек незнам кога ќе биде, па види провери после, па не можеме денес, па викенд иди, па ај од понеделник… Да не му се верува на човек!
    Па ти седи си, чекај си и проверувај си дали таа/тој таму ќе се 'смилува' на пр. да ги смени NS кога ти си ги поднесол за да на пр. DNS propagation го поминеш кога ти си планирал, а не кога нив ќе им текне.
    И сето тоа само заради тоа што немаш каде на друго место.
    Дури одат до таму и се осмелуваат да ти кажат па ако се тоа се направи онлајн што ќе работиме ние…ало!?

  2. A уууууууууу ка да живеме во Северна Кореја колкава процедура за еден домен.нека земат пример од светските хостиси како се регистира и што е потребно за еден хостинг.ова само кај нас го има.

    1. Точно има моногу кој функционираат многу поавтоматизирано но не е точно дека ова само кај нас го има.
      Австралија, Албанија, холандија, Италија и многу други земји процедурата е скоро иста. Сепак треба да ги гледаме позитивните примери а не негативните за тоа си во право.

      1. "поавтоматизирано" – Ова треба да значи дека нешто и кај нас е автоматизирано ?

        Инаку сите тие државни домаини кои си ги набројал може да се купат онлине, тешко во некоја држава да е процедурата и приближно еднаква како кај нас,, и во поголемиот дел на африка е "поавтоматизирано" .

      2. Има, пример промената на NS, технички и административен контакт, добивање на authorization key ке биде автоматизирана барем кај нас.
        Инаку не е точно дека регистрацијата е online на домените на наведените земји, да може некој да го регистрира online за вас како што досега правеја хостинг компаниите во МК за .мк домените. Но реално процедурата е горе-доле мануелна во реалноста.

      3. Јас зборам за нормален корисник а не за хостинг компании и друг тип на реселери. Оди на годадду ќе видиш дека можеш да регистрираш домаин од наведените земји.

      4. Во тој случај можеш да регистрираш .мк домен online во моментот и кај нас. Се што треба да направиш е нарачка и уплата online исто како кај godaddy.

      5. Ве молам не ширете дезинформации. Прочитајте го убаво законот и правилникот на марНЕТ:

        Со новиот систем ке треба регистрантот (како што сте на пример Вие), да ме идентификувте со лична карта, и јас лично да ја потпишам пријавата за побарување на домејн.

      6. Погрешно ја свати пораката. Со новиот правилник да бидеќи сме официјаллни партнери, но до сега немораше бидеќи бевме посредници.

  3. Абе мислиш за дозвола за нуклеарна централа аплицираш. Сето ова, електронско регистрирање на домени може 2 програмера да го направат за 2-3 месеца максимум.

    1. Ние веќе го имаме и тестирано е и работи, работата не е технички туку административно во Марнет кој бараат писмени документи.

      1. може ли кај вас, веќе постоечки домен, но регистриран преку вас на ваше име да биде префрлен на име на физичко лице?

      2. Да, но ако не е за брзање почекај 1-2 месеци да се стартува либеризацијата пошто пак ке треба после да го пререгистрираш т.е истата процедура двапати. Вака одеднаш ке завршеш работа

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии