Што ветуваат партиите за избори… Побрз интернет, 5Г и е-спорт на листа на спортови

IT.mk редакција

во ИТ.МК

Предвремените парламентарни избори ќе се одржат за помалку од 10 дена, а условите поради пандемијата секако ќе бидат исклучителни и ќе биде потребна поголема грижа за безбедност. Вообичаено партиите излегуваат со низа ветувања кои ги претставуваат на граѓаните. Секако ИТ секторот не е најважен, но за најголем дел од другите сектори може да прочитате насекаде. Што се однесува до ИТ, двете најголеми партии имаат поглавја во програмата кои се однесуваат на ИТ секторот, стартапите и иновативните технологии.

Социјалдемократски сојуз на Македонија

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во својата програма има зацртано план за 5Г мрежа, продолжување на проектот за електронската лична карта и за прв пат ветување за додавање на е-спортот на листата на спортови.

На полето за стартапи најавени се неколку мерки кои во еден дел се фокусираат на ИТ секторот. Отворање на инкубатори кои нудат низа поволности за стартапите и носење на закон за бизнис ангели и формирање на нови фондови за инвестирање во стартапи.

Ќе формираме инкубатори за развој на МСП финансирани од државата со посебен акцент на ИТ компании. Во овие инкубатори ќе обезбедиме сметководство, правници и редовни менаџмент обуки.

Ќе иницираме и ќе создадеме услови за развивање на ризичниот капитал како висококвалитетен извор на финансирање и советување. Ќе донесеме посебен закон за бизнис ангели и ќе го измениме и дополниме Законот за инвестициски фондови, со што значително ќе ги намалиме ограничувањата за основање за инвестициски фондови. Ќе овозможиме формирање на хибридни фондови на ризичен капитал, односно ќе се предвидат фондови во кои покрај владата, како инвеститори ќе можат да се појават и институционални и приватни инвеститори, корпорации, банки, пензиски фондови и бизнис ангели.

Регионален акцелератор за стартапи

Дел од програмата на СДСМ која се однесува на акцелератори ветува проширување на регионите од кој ќе можат да доаѓаат стартапите во фаза на акцелерација. Според најавата се планира нов регионален акцелератор за државите од Западен Балкан.

Со воведување на регионалниот акцелератор, и тоа во рок од 6 месеци од објавата на првиот повик, ќе се прошири опфатот на апликанти и на земјите од Западен Балкан. Со овој чекор, ќе се овозможи Северна Македонија да стане регионален центар за развој на нови бизниси за млади претприемачи, со потенцијал за брз пораст. Дополнително, со соодветни критериуми за аплицирање ќе се стимулира поврзување на бизнис идеите од повеќе земји од регионот, а со тоа и проширување на „стартниот“ пазар од 2 на 17 милиони потрошувачи. Како модел за реализација на програмата и следење на проектите ќе се користи постојниот модел на поддршка на старт-апите и акцелераторите, развиен и пилотиран во изминативе две години во Северна Македонија.

Научно-технолошки парк

Како поддршка на стартапите предвидени се неколку мерки креирање на научно технолошки парк и отворање на стартап село. Втората идеја е нешто што веќе слушнавме уште пред кампањата. Замена на постоечкиот проект етно-село (Македенско село) со стартап центар.

Научно-технолошкиот парк во Скопје започна со работа во март 2019 година, со почетокот на работењето на бизнис акцелераторот, како еден од трите столба. Во меѓувреме, пилотирани се програми во другите два столба: дигитализација на општеството и трансфер на технологии. Проценетата вредност на инвестициите во физичка инфраструктура, според Студијата за изводливост подготвена од експерти од ЕК, реализирана за потребите на Фондот, изнесува околу 80 милиони евра. Научно-технолошкиот парк ќе биде целосно функционален до 2025 година.

Во прва фаза веќе е изработен идеен проект за нов простор за старт-ап компании, што треба да се реализира во 2020 година. Дополнително, Фондот веќе започна со подготвителни активности за планирање на просторот (дел од комплексот на технички факултети при УКИМ + единици во останатите универзитети), обезбедување на потребни урбанистичко-плански документи и анализа и разговори со инвеститори во просторот

Start-Up Village

Во поранешното „Македонско село“ (кое сега е сопственост на државата), ќе формираме „Старт-ап село“ („Start-Up Village“) кое ќе нуди физички простор за живеење и работа на млади луѓе со започнат или бизнис во подготовка. Простор во Start-up village може да користат и старт-ап компании од регионот, учесници во регионалниот бизнис-акцелератор, како и млади луѓе од Северна Македонија, кои заминале во странство, а ќе решат да го пренесат и/или да започнат свој бизнис дома.

Трошоците за одржување и инвестиции во овој простор ќе се базираат на приходи остварени од инвестиции во старт-ап компании, како и наем на простор за странски фондови/инвеститори со интерес за вложување во стартап компании. Планот ни е приемот на првите „станари“ да биде во рок од 12 месеци. Дополнително, во 5 града ќе искористиме постоечки државни простори како простори за co-working кои ќе им стојат на располагање на стартапи формирани од млади кои нема да мора да прават административни и логистички трошоци.

Е-спорт

Веројатно она што ќе биде големо изненадување за сите е додавањето на е-спортот во листата на било која од двете големи партии.

Ги започнуваме сите процеси и активности за официјализирање на електронскиот спорт т.е. гејмингот како официјална категорија спорт;

Единствен стандард за отворени податоци за сите

Потребата од поголема транспарентност секако не е тајна, минативе години имаме неколку одлични примери за моќта на отворените податоци.

Отворени податоци значат и едноставен начин за пристап до нив. Јавниот сектор ги има обете задачи: да ги отвори податоците за јавноста, но и да ги направи едноставни и униформирани за пристап. До 2024 година ќе обезбедиме единствен стандард за прикажување и пристапување до информациите на интернет страниците на институциите од јавниот сектор, вклучувајќи и стандарден начин за пребарување и нивна достапност за лицата со попреченост. Во првите шест месеци, ќе ги модернизираме веб-страниците на министерствата и Владата и ќе го зголемиме бројот и квалитетот на податоци. Пристапот ќе биде понатамошно развивање на т.н. активна транспарентност.

Роаминг

Во овој дел работите се скоро завршени. Државите од регионот се договорени за намалување на цената на роаминг, а по ова ќе се намали и роаминг со сите држави членки на Европската Унија.

Од 1 јули 2021 година, обезбедивме роаминг услугите во шесте земји на Западен Балкан воопшто да не се наплаќаат, односно во сила ќе стапи „Роаминг како дома“, со што ја олеснуваме комуникацијата на деловните луѓе и на граѓаните, особено туристите.

Е-услуги

Во делот за е услуги има најава за додавање на листата на електронски услуги на нови услуги. Дополнително во соработка со MasterCard продолжува проектот за единствена електронска лична карта.

Нови услуги достапни на „клик“. На крајот на 2019 година веќе обезбедивме 125 електронски услуги. Сега фокус ќе ни се десетте најбарани услуги од страна на граѓаните, од кои еден дел ќе финишираат со целосно електронски продукт (на пр. уверенијата од матичните книги):

  • Издавање на пасош (редовна замена);
  • Замена на лична карта поради истечен рок на важење (редовна замена);
  • Издавање извод од матична книга на родени;
  • Замена на возачка дозвола (поради измината важност);
  • Издавање на историјат на работни односи;
  • Издавање на потврда за користење на пензија;
  • Потврда за користење на право на посебен додаток;
  • Издавање на уверение за регистрираните податоци во матична евиденција за стажот на осигурување, остварените плати и надоместоци;
  • Потврда за користење на право на родителски додаток за дете (за трето дете);
  • Надоместок на плата поради отсуство од работа за родителство на таткото/ посвоителот на детето.

Е-ID

Сè станува поедноставно! Со потпишаниот договор со светски релевантниот Мастеркард (прв од ваков тип), станавме вистински глобален лидер во развојот и имплементацијата на иновативни дигитални сертификати за потврда на идентитетот. Договорот ќе значи брзи постапки и малку потрошено време за граѓаните да добијат документи од страна на институциите, но исто така и брзо потпишување и одобрување на барања во комуникацијата со приватните компании и банките. Се со помош исклучиво на еден мобилен телефон. Мастеркард го препозна иновативниот дух на македонската влада, како и технолошкиот и законски напредок кој го постигнавме. Мастеркард за потребите на овој проект ќе инвестира 3 милиони евра во Северна Македонија. Мастеркард ја избра нашата држава за да ја доразвие технологијата која ќе ја направи пластиката непотребна. Она за што порано беа потребни картички и документи (кои можеа да се злоупотребат и изгубат) сега ќе се прави преку мобилен телефон.

Воведување на 5G технологија.

Покривањето со 5G најавено во кампањата е продолжение на постоечкиот национален оперативен план од минатата година.

До крајот на 2023 година ќе обезбедиме целосна покриеност на најмалку еден град со 5G сигнал, а до крајот на мандатот, покриеност од 70% на главните коридори и патната мрежа во државата. При тоа, ќе предвидиме контрола и регулатива која ќе гарантира безбедност на граѓаните, критичната инфраструктура и државата

ВМРО-ДПМНЕ

Во ИТ секторот програмата на ВМРО – Демократска партија за македонско национално единство нема огромни разлика. Делови на програмата се слични, па речиси и се поклопуваат. Едно од ветувањата на оваа партија е дека освен законите од ЕУ ќе ги користат и најдобрите практики од САД и Јапонија.

Бесплатни електронски податоци

Отворените податоци и отворање на нови електронски податоци се дел и оваа програма, а тоа секако е добра вест за граѓаните кои нема да мораат да одат на шалтер, што секако е добредојдено.

Живееме во свет каде што дигиталната економија е сè поприсутна во нашето секојдневие. Дигитализацијата ги забрзува процесите, ја забрзува економијата и ја подобрува транспарентноста.

Македонија ќе го апроксимира целокупното ЕУ законодавство, посебно Дигиталната агенда 2020, INSPIRE директивата и Open Data регулативата, но ќе се апроксимираат и најдобрите практики од САД и Јапонија, кои се лидери во Дигитализацијата и дигиталната економија.

Институциите и вертикално и хоризонтално ќе бидат поврзани во еден заеднички систем, кој воедно ќе биде и едношалтерски систем за граѓаните и бизнис-заедницата. Дигиталните податоци ќе бидат на почеток само една петтина од сумата платена за хартиени документи, додека до крајот на мандатот ќе бидат комплетно БЕСПЛАТНИ со што директно ќе се влијае на граѓаните, посебно на економијата, да креираат нови бизниси и нови работни места. НА ЕДНО МЕСТО СÈ И ЗА СЕКОГО!!!!!

Дигитална трансформација

Веројатно најинтересен дел од ова поглавје на програмата на ВМРО ДПМНЕ е најавата за преструктуирање на Министерството за информатичко општество и администрација. Министерството ќе биде поделено на Министерство за информациско општество, телекомуникации и дигитализација. Делот за администрација ќе се префрли во Министерство за локална самоуправа.

Нашата визија е Македонија да биде развиена држава што ќе обезбеди благосостојба на граѓаните, со помош на интензивна и сеопфатна примена на информациско-комуникациските технологии (ИКТ). Затоа, еден од носечките столбови на програмата и една од најважните заложби на новата Влада за обнова на Македонија ќе биде дигиталната трансформација на општеството. Дигиталната трансформација ќе биде поткрепена со силна политичка волја, јасна визија и точно дефинирани цели. ИКТ ќе бидат движечка сила на развојот на приватниот сектор, особено дигиталниот бизнис, како и услугите за граѓаните и со тоа да биде двигател на економскиот раст и развој. ИКТ ќе придонесат за добросостојбата на целото општество преку развој на образованието, унапредување на јавното здравје, заштита на животната средина, итн.

За реализација на оваа визија ќе биде извршено и реструктурирање на Министерството за информатичко општество и администрација. Тоа ќе се преименува во Министерство за информациско општество, телекомуникации и дигитализација. Делот за администрација ќе се префрли во Министерство за локална самоуправа и истото ќе се преименува во Министерство за локална самоуправа и администрација.

Сите политички чинители, од локално до највисокото државно раководство, ќе бидат посветени на спроведувањето на дигиталната трансформација на општеството. Затоа е потребна висока свест во општеството и поддршка од сите чинители во тој процес. Интензивно ќе работиме на зајакнување на довербата на граѓаните и бизнисите во дигиталното општество.

Дигиталната трансформација ќе биде базирана на следните пет принципи:

  • За граѓаните и стопанството. Таа е наменета за граѓаните и стопанството и нивните потреби ќе бидат цел на самата трансформација.
  • Сеопфатност и инклузивност. Ќе бидат опфатени сите државни и јавни институции, и ќе бидат вклучени сите чинители во општеството.
  • Домашна ИТ индустрија. Нејзиното спроведување ќе се базира на постоечките капацитети и зголемување на истите на домашните ИТ компании.
  • Високи стандарди. Ќе бидат применети високи стандарди во планирањето, дефинирањето и водењето на проектите и ќе бидат имплементирани високотехнолошки решенија што најмногу одговараат на потребите.
  • Стручност и компетентност.Високостручни, компетентни и квалификувани менаџери и специјалисти ќе бидат носители на процесот на дигиталната трансформација.

Програмата е составена од главните проекти поделени во три стратешки групи: развој на современа инфраструктура чијашто основа е брз интернет за граѓаните и бизнисите; развој на дигитално општество и услови за развој на медиуми во новата ера.

Унапредување на ИКТ инфраструктурата

Во делот за унапредување на ИКТ инфраструктурата ВМРО ДПМНЕ смета дека еден од проблемите е недостиг на брз интернет за 2 отсто од сите домаќинства. Надминување на овој проблем е предвидено со државни агрегациски мрежи. Дополнително предвиден е и конкурс за уште еден мобилен оператор.

Намалување на дигиталниот јаз – интернет до секое домаќинство

Можност за обезбедување на пристап на интернет од секое домаќинство во Македонија, вклучително и од домаќинствата кои се наоѓаат во области во кои нема комерцијален интерес од операторите во Македонија за обезбедување на оваа услуга. Се работи за околу 2% од сите домаќинства во Македонија кои немаат пристап до интернет со брзина од 10 Mbps.

Брз интернет 2021 – 2025

Во согласност со Дигиталната агенда на Европската Унија (ЕУ) се предвидува до 2020 сите граѓани на Европа да имаат можност за пристап до интернет со брзина од најмалку 30 Mbps, a 50% од граѓаните да имаат пристап до интернет со брзина од најмалку 100 Mbps. Пo определувањето на белите зони (зони во кои операторите немаат комерцијален интерес за обезбедување на електронски комуникациски мрежи/услуги), државата ќе обезбеди агрегациска мрежа во тие зони со што операторите ќе имаат можност да ги обезбедат потребните мрежи/услуги до граѓаните во тие зони. Се работи за околу 80.000 домаќинства во Македонија, кои немаат можност за пристап до интернет со брзина поголема од 30 Mbps.

Трет мобилен оператор

Кон крајот на 2020 или почетокот на 2021 ќе се распише тендер за доделување на радиофреквенции за трет мрежен оператор. На тој начин ќе 38 ПРОГРАМА ВМРО-ДПМНЕ се обезбеди поголема конкуренција во обезбедувањето на овие мрежи/ услуги што ќе доведе до понуда на услуги со поголем квалитет и понатамошно намалување на цените во мобилната телефонија и мобилниот интернет.

Роаминг

Кон крајот на 2020 или почетокот на 2021 ќе се распише тендер за доделување на радиофреквенции за трет мрежен оператор. На тој начин ќе се обезбеди поголема конкуренција во обезбедувањето на овие мрежи/ услуги што ќе доведе до понуда на услуги со поголем квалитет и понатамошно намалување на цените во мобилната телефонија и мобилниот интернет.

Долгорочна стратегија за ИКТ

Низ процес на широка дебата во општеството, водена од страна на Дигиталниот форум, ќе биде формулирана долгорочната стратегија за ИКТ, како составен дел од севкупната стратегија за развој на Македонија. Целта ќе биде информациските и комуникациските технологии не да се развиваат сами за себе, туку да овозможат раст и развој на економијата и поубав живот и благосостојба за граѓаните во Македонија. Во 21-от век ИКТ треба да биде составен дел од сите области на животот. Стратегијата ќе направи пресек на тековната состојба, ќе ги формулира целите за наредните 5 години и ќе предложи проекти, надлежни институции и надлежни лица за тие проекти, и буџет за секој од нив. Понатаму, ќе се изработува акциски план за секој година пред почетокот на годината, 41 и ќе се следи напредувањето кон поставените цели од страна на Дигиталниот форум. Во националната стратегија ќе се предвиди изработка на ИКТ стратегии за државните институции за наредниот период кои ќе бидат во корелација со националната стратегија, со посебен осврт на Дигиталната агенција.

Универзална електронска идентификациска картичка и инфраструктура на јавен клуч

Воведувањето на електронска идентификациска карта е еден од клучните предуслови за успешна дигитална трансформација на општеството. Електронска идентификациска карта претставува основа за воведување на е-влада и е-општество, овозможува масовно користење дигитални услуги. Според примерот на дигитално најнапредните држави, употребата на електронската идентификациска карта ќе започне како лична карта и постепено ќе се прошири на колку што може повеќе области – како документ за лична идентификација, како уред за автентикација и авторизација кај дигиталните услуги, како здравствена картичка, како средство за електронско плаќање во банка, како картичка за јавен превоз итн. Ќе биде дефиниран концептот на национална инфраструктура на јавен клуч и ќе започне имплементација на соодветна инфраструктура.

Програма за поддршка и развој на информациско општество

Ќе се донесе законска рамка со која ќе се предвиди МИОА во соработка со Дигиталниот форум да усвојува годишна програма за поддршка на проекти кои ќе го помогнат развојот на информациското општество: електронски содржини на македонски јазик и на јазиците на немнозинските заедници, ИКТ-настани, стипендирање на талентирани ученици и студенти, откуп на дигитални содржини и сл. Со програмата ќе се предвиди преку јавни огласи да се доделуваат средства за:

  • онлајн-содржини и мобилни апликации за подобрување на животот на граѓаните;
  • организација и наградни фондови за домашни натпревари и хакатони;
  • поддршка за учество на меѓународни натпревари, олимпијади и специјализирани обуки на талентирани ученици и студенти;
  • развој на разни видови онлајн-платформи за учење на програмирање за најмладата популација, за дигитални содржини за деца или млади, апликации кои користат отворени податоци, за онлајн-знаменитости и слично

Паметни општини

Иницијативата Паметни општини ќе ги примени современите интернет-технологии во функција на локален развој. Оваа долгорочна иницијатива ќе се состои од повеќе проекти, кои би работеле на меѓусебно поврзана платформа преку безжични уреди, за да го подобрат животот на граѓаните во своите локални заедници. Таа ќе ја подобри комуникацијата меѓу граѓаните, бизнисите и локалната самоуправа, ќе им овозможи на граѓаните и бизнисите добивање онлајн-услуги од локалната самоуправа и ќе ги подобри можностите за донесување одлуки во реално време во општините со учество на граѓаните. Проектите може да се категоризираат во следните области:

  • Директна демократија – учество на граѓаните во носењето одлуки;
  • Квалитет на живот – паметно паркирање, паметно управување со сообраќајот, паметен јавен транспорт, квалитет на воздух, квалитет на вода и слично.

Субвенции

Еден од плановите за приближување на ИКТ до граѓаните се со помош на субвенции. ВМРО ДПМНЕ предвидува средства за субвенции за компјутери, помошни технологии за пристап до интернет за лицата си инвалидите, ваучери за социјално ранливи групи, студени од семејства со пониски приходи. Овојпат во програмата се предвидуваат и ваучери за обука на граѓаните.

Градење на модерен национален иновациски систем и конкурентен ИКТ сектор

Формирање на иновациски и ИТ зони

Овие зони ќе овозможат јакнење на иновацискиот и ИКТ еко системот преку концентрација на талент, даночни ослободувања, пристап до капитал и информации. Зоните ќе нудат даночни и инфраструктурни поволности за млади и креативни таленти кои имаат бизнис-идеи со цел нивна реализација преку отпочнување на старт ап бизниси. Дополнително, државата директно ќе обезбеди бесплатни сметководствени и правни услуги во првите две години за ново основаните компании и соодветна едукација на вработените во компаниите преку формирање на едукативни модули во кооперација со домашните универзитети и меѓународни институции и експерти. Во рамките на зоните исто така ќе се обезбедат повластени даночни услови и мерки за развој на брзорастечки домашни МСП и странски технолошко напредни компании, вклучувајќи и компании од ИТ индустријата кои ќе придонесат кон пораст на напредни услуги и ќе обезбедат забрзување на технолошкиот развој и креирање на високо платени работни места

Проектирање и изградба на современ иновациски и ИКТ парк, Национален институт и ФИТР

Во програмата на ВМРО ДПМНЕ се предвидени средства за инвестиции за нова иновациска ИТ зона, Национален институт за иновации и трансфер на технологија, но и дополнително зајакнување на ФИТР.

Во рамките на иновациската и ИТ зона која ќе биде креирана во Скопје, владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе проектира и изгради модерна инфраструктура (паметна зграда) со најсовремена опрема од таков тип во која ќе бидат лоцирани сите државни чинители кои се дел од таквиот национален иновативен систем, како што се: Фонд за иновации и технолошки развој, Агенција за поддршка на МСП и претприемништво, развојно-истражувачки одделенија, технолошки паркови, бизнис-инкубатори, центри за обука и сл. Оваа зона ќе биде тесно поврзана со државните универзитети во насока на искористување на синергетските ефекти во рамките на екосистемот.

Национален институт за иновации и трансфер на технологија

Во рамките на иновациската и ИТ зона која ќе биде основана во Скопје ќе се формира Национален институт за иновации и трансфер на технологија. Истиот ќе биде креиран со поддршка на странски донатори и експерти со примарна цел за градење на институционални капацитети за зголемување на иновативноста и трансфер на нови технологии во домашните компании. 107 Институтот ќе биде главниот столб на кој ќе почива НИС и во него ќе се вработат млади талентирани истражувачи, научници, и експерти од областа на иновациите и трансфер на технологија кои треба да бидат вистински сервис на МСП иновативни компании (газели и старт апи). Исто така, Институтот ќе обезбедува експертска, стручна, едукативна и професионална поддршка на сите домашни извозно ориентирани компании кои ќе инвестираат во нови технологии и кои ќе имплементираат нови технолошки решенија во нивните производни процеси со цел зголемување на апсорпциониот капацитет за трансфер на технологии и знаења

Зајакнување на институционалните и финансиски капацитети на ФИТР

Ќе ги зајакнеме институционалните и финансиските капацитети на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) со цел зголемување на неговите капацитети за исполнување на целта за обезбедување на финансиска поддршка за развој на нови иновативни бизниси и развој на брзорастечки МСП како стратешки приоритет во идниот развој на земјата. Улогата на Фондот ќе биде обезбедување на финансиски средства и можности за македонските старт ап компании преку користење на можностите од crowdfunding платформите, block chain, бизнис-ангели и други форми базирани на примена на нови технологии во обезбедување на финансии. Дополнително, значаен фокус на Фондот ќе биде ставен на програми за поддршка на ИКТ секторот

Јакнење на конкурентноста на ИКТ секторот

ИКТ секторот во Република Македонија бележи извонреден раст со години наназад како резултат на висококвалификуваниот и конкурентен кадар. Во изминатава декада уделот на ИКТ секторот во севкупниот извоз на државата се зголемува од година во година, а просечната плата бележи раст на месечно ниво, што меѓу другото е индикатор на растечката продуктивност во секторот. Покрај задржувањето на поволната даночна клима, сметаме дека од исклучителна важност е помошта за унапредување на ИКТ еко системот во Македонија, кој би придонел за понатамошно зголемување на продуктивноста и платите во секторот, како и во неговата конкурентоност во регионот и на глобалните пазари на ИКТ услуги. Охрабувачки е зголемениот број на студенти на ФИНКИ кој оваа година ја надмина бројката од илјада студенти. Сметаме дека со соодветни мерки може уште веднаш значително да се влијае на золемувањето на конкурентоноста на овие претпријатија.


Изборите 2020 се на 15 јули, а за исполнување на ветувањата ќе почекаме.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии