Дали знаете некој македонски стартап, било тоа да е веб сервис, компанија или мобилна апликација? Како се снаоѓа тој стартап, дали е финансиран и дали има потенцијал да излезе надвор од Македонија или е фокусиран само на локалниот пазар?

Според податоците од Државниот завод за статистика од 2010 година, од вкупно 75.497 активни деловни субјекти во Македонија само 2 oтсто се од областа на информациите и комуникациите, од кои околу десетина проценти се стартапи кои се отворени во последните 2 години.

„Она што е важно да се истакне е дека самата ИТ индустрија во земјата и покрај толку малата застапеност е носител на речиси 10 отсто од годишниот БДП. Со оваа бројка оваа индустрија треба да биде двигател на економијата. Од бројките кои ги гледаме, може да се заклучи дека иако е во постојан пораст, досегашниот број на стартапи од областа на ИТ во земјата не е доволен. Во оваа индустрија треба да се зголемат вложувањата и да се стимулираат субјектите од ИТ заедницата за отварање на нови бизниси, бидејќи бенефитот кој земјата го добива од оваа гранка на економијата е огромен.“, вели Наташа Петкова од ПСМ Фондацијата. Фондацијата е организатор на Startup Weekend настанот во кој во период од три дена младите креативци работат со ментори за да креираат стартап.

До сега се одржани два вакви настани и, според Наташа, идеите од младите креативци (ПСМ Фондацијата претежно работи со млади луѓе) се перспективни, профитабилни и инвентивни, но не се доволно локално ориентирани како стартапи, туку се ориентирани кон партнерство и соработка од типот бизнис-бизнис (B2B).

„Од искуството стекнато на Europe Startup Weekend Battle натпреварот во Лондон, овие концепти функционираат и се докажани како успешни во поголемиот дел од светот, но за жал не и кај нас. Мислам дека сите македонски претставници кои учествуваа на натпреварот ја согледаа релативно депримирачката состојба во која се наоѓаат нашите ИТ компании, само поради фактот што останатиот дел од заедницата не ги гледа или не ги разбира можностите кои тие ги нудат.”

Eден интересен .мк стартап кој што не се ориентира толку кон бизнис, туку повикува на општествената одговорност, е Поправи.мк. Сигурно како победнички стартап на првиот Android предизвик во Македонија би требало да го привлече вниманието на институциите, но во македонската реалност веб и мобилниот сервиси се наоѓа во статус-кво. Во пресрет на Поправи.мк му излезе фондацијата Метаморфозис која го промовира сервисот, но сè уште се во преговори со општините и со JП „Улици и патишта“ за да соработуваат заедно.

„Можно е да се стартува проект и да се живее, но потребен е ‘вонреден’ квалитет. Критериумите за успех се сосема поинакви од оние со поголема публика. Исто така шансите за успех на комерцијални сервиси се многу мали. Тime.mk е редок пример за успешен сервис. @mkrobot успеа да направи мала империја на сервиси кои луѓето ги користат. Успехот на еден стартап го гледам единствено во таа насока.“, вели основачот на Поправи.мк, Далибор Насевиќ.

„Поправи.Мк беше голем успех за нас и воглавно немаме лоши искуства. Во нашиот случај е многу едноставно бидејќи сме програмери и освен време немаме други инвестиции во проектот. Па и советот би бил во таа насока, започнете хоби проект и видете до кога ќе ви биде интересен и ќе ве мотивира евентуалниот успех да го туркате понатаму.”

Постојат два навистина успешни примери за македонски стартапи. Еден пример е мобилната фитнес апликација SportyPal која се фокусира на светската публика и која влегува во соработка со Sony Ericsson. Повеќе за SportyPal ќе прочитате во интервјуто со Глигор Дачевски. Втор успешен пример е Time.mk, кој го споменува Далибор од Поправи.мк. Time.mk успеа да го направи првиот .мк агрегатор за вести пред 3 години, и сега ја прошири дејноста на настани за да остане најпопуларниот македонски сајт (според Alexa-mk).

Но, што е со останатите стартапи, .мк сервиси и апликации?

„Не сум сигурен дека може да ги наречеме стартапи зошто најголем дел од нив се само идеи ставени на Веб без некоја разработена стратегија за развој и раст. Може грешам, ама мене така ми се чини. Најголем дел од она што го гледаме се интернет страници со содржина (забавна или информативна) тука нема многу развој на технологија или потенцијал за брз раст.“, вели Дарко Булдиоски од New Media Mk кој има искуство со неколку стартапи и сервиси од кои тој го истакнува 140.мк. Тој мал Twitter директориум денес, според Дарко, е „неуспешен“ главно бидејќи е стартуван со голем ризик и без никаква почетна финансиска конструкција.

„Ако самите претприемачи не се подготвени да ризикуваат како би можеле да очекуваме инвеститорите да бидат подготвени за тоа? Најважниот момент во бркањето инвеститор е моментот на градење доверба кај истиот. Ако тој ја види вашата посветеност и решеност, тогаш идејата и да не е најбрилијантна на свет тој ќе ја прифати, зошто практиката да се менува дејноста на една стартап компанија е многу честа практика.”, вели тој.

Друг стартап кој започна успешно, освојувајќи го второто место на првиот Android предизвик со SpotMе, е Web Factory. Оваа млада компанија креира мобилни апликации за iOS и Android, и во моментот се самостојно финансираат од проекти, иако надежта за финансиска помош последна умира.

„Македонскиот пазар е спремен, но за бесплатни македонски апликации. Во последниве 2 години значително е зголемен бројот на македонски апликации кои се наоѓаат на маркетите за превземање на апликации. Повеќето апликации се изработени од поединци, луѓе девелопери кои имале и сè уште имаат желба за збогатување на маркетите со македонски апликации, а мал е бројот на компании кои се имаат одлучено да изработат некоја апликација како за збогатување на апликации во државава така и за потребите на граѓаните на Македонија.“, вели Михајло Штерјов од Web Factory. Стартапот ја има креирано апликацијата Таксена Марка за плаќање на таксата преку мобилен. Апликацијата беше предложена на Министерството за информатичко општество и подоцна прифатена.

„Додека пак ако збориме за креативност и креирање на нови продукти како за кај нас така и за во странство, можеме да кажеме дека има креативност и идеи, но во повеќе случаи таа креативност не можат луѓето да ја претворат во продукт бидејќи најголем проблем е капиталот. Во Македонија многу слабо дури може да се каже дека воопшто не е развиен процесот на инвестирање во идеи како тоа што се прави во другите држави, а посебно во САД. Во Македонија инвеститорите секогаш играат на картата на нешто сигурно што 99 отсто знаат дека ќе им донесе поголем капитал ако вложат во тоа. Затоа и ние се одлучивме да одиме по стапките на креирање на капитал со кој би можеле потоа да ги претвориме нашите идеи во продукти и понудиме на светскиот пазар.“

(сликата е на Krassy Can Do It/Flickr)

CodeWell е уште еден стартап на македонската сцена. Се работи за компанија која изработува мобилни апликации и која е креирана откако првичната апликација Aвтобуско им се допаднала на корисниците. CodeWell започнува со помош од бизнис инкубаторот на ПСМ Фондацијата, и откако успева да победи на Facebook натпревар добива шанса да оди во Лондон на стартап натпреварување.

„Реалноста е дека во Македонија нема многу интерес од домашни инвеститори, а што се однесува до странските инвеститори исто така не преферираат да инвестираат кај нас, бидејќи за огромен дел од нив сè уште сме непозната мала источна европска земја, па истите чувствуваат некаков страв. Но сепак како што веќе спомнав допирате до фирмите и потенцијалните купувачи многу полесно кога имате оформена компанија.“, вели Нино Карас, ко-основач на CodeWell. „Тоа што фали воопшто во нашата држава е промоција и надворешна достапност, бидејќи за некои пазари сме навистина затворени како држава. Земете го за пример Android маркетот каде што сè уште македонските компании не се во можност да продаваат апликации.“

Како што може да се види од овие неколку примери, сите стартапи имаат проблем откако ќе ја реализираат идејата да продолжат да работат на развојот и проширување, дури и излегување на странски пазари. Проблем се секако инвестициите и поддршката.

„Кај нас поимот инвестирање во стартап компанија е многу непознат и тежок за разбирање. Инвестициите преку ризичните фондови или бизнис ангели, со исклучоци кои се бројат на една рака, како и да не постојат… Моја препорака за сите оние со претприемачки аспирации e да се обидат да најдат средства пред се од нивната заштеда, роднините и пријателите, да учествуваат на натпревари кои би им обезбедиле иницијални средства за започнување на бизнисот и дури откако сите можности се исцрпени, да се впуштаат во финансирање преку кредитирање или слично. Исто така, од самиот почеток покрај локалното работење, да се ориентираат кон надворешниот пазар, па макар и во форма на аутсорсинг, бидејќи сега за сега, локалниот пазар е мал и недоволен за нивен соодветен просперитет и експанзија.“, вели Наташа од ПСМ фондацијата.

Иако целава приказна со .мк стартапите звучи демотивирачки, сепак се работи за млади луѓе кои стартуваат ИТ проекти во сè уште не-потготвен-за-тоа пазар. Тоа што треба да се има на ум, според извештај од Global Entrepreneurship Monitor, е дека поголем дел од успешните стартапи се креирани од луѓе над 30 години.

19 коментари на “Што се случува со македонските стартапи?

  1. Мора да се има на ум дека Европската и Американската старап сцена и култура се разликуваат. Човек колку и да сака не може толку лесно да прави паралели и да се труди да ги копира тие модели.

    Секако има големи сличности, но поголем дел од европските ИТ стартап компании не одат по модел да соберат милион корисници па после да мислат за модели на заработка. Јас сум запознал стартапи (и од регионов) кои за помалку од 1 година се на раб на или веќе се профитабилни, а им требаат сериозни инвеститори за да пораснат и да се пласираат на глобални пазари. Инвестирале иницијално сами и сега бараат поголеми пари за поголем раст.

    Регионов изминативе две години исклучително позитивно се раздвижува, но тој бран на словенечки-хрватски и малку српски инвеститори уште не ја гледа МК како потенцијал. Може треба да ги викнеме, словенците и онака се научени да купуваат МК производи и да ги пласираат на други пазари :))))

  2. Во врска со стартапи секаде сум споменувал па да се повторам: Правете стартуп кој ќе прави производ на кој што самите вие ќе му бидете корисник #1. Видете што ви фали во животот и направете фирма што ќе го прави и решава тој проблем. Толку.

  3. Според она што може да се прочита на интернет, огромно мнозинство на стартапите креирани во САД пропаѓаат. Според искуствата на луѓето што започнале свој стартап, дилемата пред почнувањето е „дали да најдам работа како програмер во некоја постоечка фирма или да почнам свој стартап, каде што ќе морам да работам многу повеќе, а на крајот или ќе добијам милиони или нема да добијам ништо“.

    1. Како и за повеќето работи во животот, така важи правилото и за ова: шизик на ризик! :-)
      Меѓутоа, тоа повторно отвара едно прашање кое што јас го поставив (мислам на една LinkedIn IT тематски базирана група) во која особа од Yes инкубаторот мислам беше на сет глас фалеше како сега било едноставно да се отвори фирма.
      Моето прашање беше надоврзување на твоево размислување и е особено релеванто ако се спореди процедурата те. постапката кај нас во земјава со западните земји: Навистина е фино што е лесно да се отвори компанија, а дали некој знае колку е „едноставно“ истата таа да се затвори ?

      Коментарите за мојот кредибилитет како ИТ професионалец што ги добив од група дечишта што се најдоа повикани да одговорат воопшто не се вредни да ги пренесувам тука.
      Ценам јас оптимизам и став дека „само небото е лимит“, ама сепак човек за некои работи треба едната нога да ја држи ако не на, барем близу до тлото. :))

  4. Многу битен дел од статијата:
    =========
    Според податоците од Државниот завод за статистика од 2010 година, од вкупно 75.497 активни деловни субјекти во Македонија само 2 oтсто се од областа на информациите и комуникациите, од кои околу десетина проценти се стартапи кои се отворени во последните 2 години.
    „Она што е важно да се истакне е дека самата ИТ индустрија во земјата и покрај толку малата застапеност е носител на речиси 10 отсто од годишниот БДП. Со оваа бројка оваа индустрија треба да биде двигател на економијата.
    =========

    Дали навистина?

    Мене многу ме интересира што ќе остане од тие 10% од годишниот БДП, доколку од целокупната македонска ITC индустрија која што е спомената погоре се тргне C-то, те.: македонски телеком, мобилните оператори, кабелските и интернет провајдери.
    There are lies, damn lies and statistics!

    1. Или, поточно, „Лаги, тешки лаги, и Државен завод за статистика“… :)

      Потполно си во право. Еден од главните фактори за кризата во „I“-то од ITC е и немањето доволна поддршка од државните институции (освен за одредени фирми, нели?).
      Наводно сме „земја на информатичари“, ама изгледа дека тоа завршува само на хартија. И на Фејјсбук.

  5. ^ti si go kaza svoeto, a jas ke te opomenam, mozebi si pameten covek no drugite ne se glupi, seto ova sto go spomna pogore e gradivo za prvo oddelenie za sekoj sto razmisluval za biznis, tvoite zabeleski se za nesto za sto site se svesni ne im e potrebno popuvanje, ne kaza nisto razlicno od toa sto e navedeno vo statijata
    kjuti tamu ako nemas nesto pokunstruktivno da kazes

    1. Можеби е „градиво“ за прво одделение, но проблемите кои ги имаат стартапите покажуваат дека не ги обмислиле до крај своите планови.
      Не дека нема надворешни причини, ама прво треба да си ги бараме во себе…

      И, успат, имам започнато неколку компании во животов, и секогаш сум се враќал на основните поставки, без оглед дали се за градинка или прво одделение. Повеќето од тие компании биле и се успешни.

      Троловскиот начин на кој дискутираш зборува за твоето искуство и … воспитание…

      1. pwnage, nema sto

        ama ke go spomnam ova, poveketo od ideite/proektite spomnati pogore ne se startapi tuku samo edna ideja, samo 2 kompanii procitav pogore koi se vistinski startapi koi rabotat, drugite se samo poedinci

      2. Драго ми е што се најдовме на средина! :)

        Да, некои се само поединци, претпоставувам дека се земени во текстот како потенцијални нови компании…
        Сепак, и за нив, воглавно, важат сличните правила, проблеми и успеси.

  6. Со сета почит кон колегите програмери, но имам некои забелешки:

    Успешен (IT) стартап не се прави само со добро испрограмирана апликација.

    Треба да постои бизнис план. Прашањата кои *мора* да бидат одговорени се:

    – Како ќе остварувам приход? Дали ќе давам бесплатна апликација, а ќе имам алтернативен тек на приходи (нпр. реклами)?
    – Кој е целниот пазар? Македонија е мал пазар за едноставни апликации од типот „Паркинг“,
    „Пријави“, и слични. Во тој случај, како што направија некои, мора да се најде партнер…
    – Што е она што потенцијалните купувачи ќе ги натера да извадат пари од џебот за мојата апликација? При ова, „купувач“ не мора да биде директниот корисник на апликацијата. Тоа може да биде и фирма што сака да се рекламира, или има корист од апликацијата, па инвестира во неа.
    – Колку можам да издржам во „негативен циклус“? Дали ќе преживеам период на „суша“ во продажбата?
    – Кој е развојниот план? Една верзија не е доволна. пазарот мора да се шири, да се додаваат опции, итн.
    – Oд што сѐ ќе се состои мојата понуда? Дали ќе има и други производи?

    И уште нешто:
    – Не се ориентирајте само на мобилни апликации ако не предвидувате глобален настап
    – Не се потпирајте на банкарски кредити, барајте инвеститори
    – Не очекувајте помош од државата, најчесто нема да ја добиете

    1. Хм. Јас генерално се согласувам со твојот став дека голем дел од причините за неуспех се внатрешни, меѓутоа излгеда имаме и нешто што во осигурителниот систем пригодно се нарекува force majeure.
      Прочитај ја статијата за SportyPal те. интервјуто со Глишо (http://www.it.com.mk/sportypal-e-mk-mobilna-aplikatsija-koja-poleka-go-osvojuva-svetot/), таму се забележува еден многу интересен момент:
      ====
      SportyPal во 2009-та година беше прогласена како најдобра фитнес апликација на Android Network Awards, во 2010-та влезе во најдобрите три апликации за Windows Mobile. Но, наместо да привлече инвестиции како што се случува во развиените земји, г. Дачевски вели „ние тоа не го добивме“.
      ====

      Е сеа… кој знае, можеби побарал нешто што овие не биле спремни да го дадат…

      1. Или, кога потенцијалните инвеститори разбрале дека кутрите програмери се од Македонија, земјата која се кара со сите…

        На колегите од SportyPal им честитам на успехот, издржливоста и посветеноста, и — секако — одличната апликација!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии