Што се случува на Sarajevo Unlimited, регионален форум за иновации, технологија и претприемништво

Деновиве во Сараево по трети пат се одржува Sarajevo Unlimited, првиот регионален форум за иновации, претприемништво и технологија. Една од идеите зад самиот форум е на генерациите кои доаѓаат да им се даде простор за растење и создавање во сопствената земја, наспроти тоа да бидат само пасивни корисници на новите технологии и набљудувачи на процесот на дигитализација. Преку работилници, панел дискусии, презентации, B2B состаноци, претставување на иновативни продукти и услуги да се поттикне претприемачкиот дух.

Една од говорниците на настанот е и Нина Ангеловска, основач и CEO на Grouper, и претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, која со нас ги сподели случувањата од Сараево.

Во моментов се одвива панелот на тема „Можностите на иновативна соработка во рамки на 16+1 иницијативата“. Говорници на панелот се:

  • Един Хрњица – Foreign Investors Council,
  • Билјана Чамур – Секретар, Министерството за цивилни работи, (Босна и Херцеговина)
  • Ненад Поповиќ – Министер за Иновации и технолошки развој, (Србија)
  • Јован Деспотовски – Директор, Фонд за иновации и технолошки развој, (Македонија)
  • Смилјана Прелавиќ – Секретар, Министерство за науки, (Црна Гора)
  • XIE Xincheng, Потпретседател на Националната научна фондација на Кина (NSFC) и академик на Кинеската академија на науки, (Кина)

Форматот 16 + 1 е иницијатива на Кина со цел интензивирање и проширување на соработката со 11 земји членки на ЕУ и 5 балкански земји (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Македонија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка, Словенија) во областа на инвестициите, транспортот, финансиите, науката, образованието и културата. Во рамките на иницијативата, Кина дефинира три потенцијални приоритетни области за економска соработка: инфраструктура, високи технологии и зелени технологии.

“Нашата цел е да развиеме 100-150 успешни иновативни компании дома, да креираме успешни примери и потоа да ги поврземе со други компании од Југоисточна Европа, сѐ со цел креирање на повеќе можности.

Имаме голем број компании кои користат истражувачки кадри и факултети, па следна фаза ни е да ги вклучиме и универзитетите. Знаеме дека партнерството меѓу академијата и бизнисот е клучна, а во таа насока во моментот го градиме Технолошкиот парк во Скопје.” – вели Јован Деспотовски.

Повеќе за настанот може да дознаете на официјалниот сајт или на Facebook страната.