Што претстави Apple на својот настан – Новиот iPhone 10 XS со A12 Bionic и првиот 7 nm процесор

Дејан Соколоски

во feature, Вести

Можеби подзаборавивме, но ова е годината кога Apple го отвори својот кампус. Секако компанијата на оваа конференција мораше да нè потсети на тоа, а се започна со прилично забавно видео.

Вообичаено овие настани започнуваат со статистика. Apple во паузата помеѓу две конференции стигнаа до 500 милиони корисници во продавниците. Сепак поголема вест е надминувањето на 2 милијарди продадени iOS уреди.

Apple Watch

Очекувано Apple претстави нова надградба на часовниците. Компанијата останува доследна на претходните функционалности на часовникот: поврзаност секаде; фитнес и здравје.

Новиот часовник доаѓа со поголема површина на екранот, поточно 32% поголем екран. Сепак кога часовникот е во прашање, најголема надградба е модуларниот дисплеј кој корисникот може да го персонализира според своите потреби.

Часовникот доаѓа со нов двојадрен 64-битен процесор и куп подобри сензори, акцелерометри, жироскопи и слично. Компанијата благодарение на овие надградби може да предвиди кога корисникот паднал. Ако корисникот паднал и не е повреден ќе го исклучи сигналот, ако не е добро ќе се вклучи автоматскиот аларм или корисникот сам ќе го направи ова.

Новиот часовник постојано ја следи работата на срцето. Часовникот сега прави постојана проверка за аритмија на пример, или ќе го алармира корисникот ако пулсот е премногу низок. Конечно часовникот може да направи и електро-кардиограм. За ова часовникот ги има сите дозволи од Агенцијата за здравство.

Сепак надвор од ова некако немаше вистинска разлика со претходните најави и претставувања. Часовникот секако ќе си ја пронајде својата публика, иако прашање е дали навистина постои вистинска потреба да се замени постоечкиот часовник.

Apple Watch 4 доаѓа во три бои: сребрена, златна и сива. Цената се движи од 400 долари нагоре, но претходната верзија ќе биде со пониска цена. Часовникот започнува со продажба од петок и доставата започнува слeдниот петок. Новата надградба на Watch OS доаѓа на 17 септември.

iPhone

Apple се одлучи иднината на iPhone да продолжи од iPhone X. iPhone X s секако како и сите претходници е „најдобриот и најубавиот“ телефон направен досега. Телефонот е со најдобра заштита досега – IP68 .

Телефонот повторно доаѓа во 2 верзии. Помалата е со 5.8-инчен дисплеј, а поголемата iPhone 10s Max со 6.5-инчен дисплеј. Двата уреди доаѓаат со Super Retina дисплеј.

iPhone 10s Max е најголемиот телефон на Apple досега. Ова можеби е најдобро потсетување дека Apple понекогаш прави лош избор. Компанијата со години ги игнорираше големите уреди, но денес изгледа дека компанијата го промени своето мислење.

Најверојатно очекувате дека и процесорот е најдобар досега. A12 Bionic е новиот процесор и прв 7 nm процесор. Новиот A12 Bionic е 6-јадрен. Прoцесорот може да изврши 5 билиони операции во секунда. Телефонот доаѓа со 4 јадрен графички процесор развиен од Apple. Телефонот доаѓа и со 512GB слободен простор, иако има различни верзии.

Новиот процесор е побрз од претходните, но ова најдобро се забележува при пуштањето на апликации кои сега се вклучуваат 30% побрзо.

Слично како и минатата конференција на Google, оваа на Apple е фокусирана на вештачката интелигенција. Сепак се чини дека барем кога овој дел во прашање, Google е далеку пред Apple.

Но, Apple (барем до почетокот на октомври) е најдобра платформа за проширена реалност, барем кога телефоните се во прашање.

Bethesda беше дел од презентација на iPhone. Компанијата ја претстави Elder Scroll Blades. Играта изгледа импресивно и за прв пат изгледа дека телефонот може да биде и посериозна платформа за гејминг од она што сме навикнати досега.

Но, забавата не престана со Bethesda. Следната презентација го претвара телефонот во тренер за кошарка. Кошаркарската легенда Стив Неш ја претстави апликацијата која ќе и помогне на следната генерација на кошаркари.

Овој пат Apple има повеќе игри на презентацијата, и навистина изгледаат одлично. Проширената реалност овозможува одлично искуство, но едно од прашањата кои се поставуваат е дали и со Apple, сепак проширената реалност не може да пронајде некоја нова и навистина корисна функционалност.

Ако презентацијата на камерата ви изгледаше познато главната причина за ова е поради тоа што слични работи видовме и на презентациите на Google. Секако вештачката интелигенција го овозможува ова, па спојувањето на повеќе слики кое го гледаме на оваа конференција ќе биде достапно на сите „flagship“ телефони.

За прв пат iPhone доаѓа и со DualSim. Компанијата за среќа има и сопствена технологија која ќе овозможи и подобро искуство за корисниците.

Уште само една работа…

Иако беше најавено, сепак деоаѓа како некакво изненадување. Apple претстави и уште еден телефон iPhone 10 R. Телефонот доаѓа во повеќе бои од претходните модели. Уредот доаѓа со IP 67 заштита. Телефонот доаѓа со 6.1-инчен LCD дисплеј кој компанијата го нарече Liquid Retina.

Телефонот доаѓа со помалку функционалности, поедноставна камера, но FaceID е тука, а компанијaта го користи и новиот A12 процесор. Телефонот доаѓа со три конфигурации, почнувајќи од 64GB. Основната верзија доаѓа за 750 долари.

IPhone 10 s и iPhone 10 s Max ќе бидат достапни во 128, 256, 512GB верзии за 1000, односно, 1100 долари.

Телефоните официјално нема да бидат достапни во Македонија во септември.

За жал, ова беше сè на оваа прес конференција, што значи дека корисниците кои се надеваа на надградби на компјутерите и таблет компјутерите ќе мора да почекаат.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии