Чекавме долго време за PayPal, со надеж дека овој финансиски сервис ќе го олесни купувањето и продавањето на производи на интернет. На PayPal се гледаше како на сервис кој со еден клик ќе ја спаси македонската е-трговија. Но, засега, PayPal во Македонија ќе дозволи само да се трошат пари, односно да се купува од странски сајтови, а понатаму, најверојатно по една година откако ќе се тестира пазарот, ќе се дозволи и продавање, со тоа и развој на локалната е-трговија, и префрлување на пари.

[youtube]bXCiaN3leEc[/youtube]

Да ги ставиме работите во вистинска перспектива, прашавме неколку експерти за е-трговија, поточно луѓе што имаат свои сајтови кои се водечки на македонскиот пазар, за што тие мислат за влегувањето на PayPal во Македонија, и кои се нивните очекувања.

Нина Ангеловска, основач на Grouper.mk, сајт кој тврди дека има 40 отсто од вкупната македонска е-трговија, вели дека влегувањето на PayPal не е толку возбудлива вест бидејќи не помага да се развиe локалната е-трговија. Странците се уште не можат да купуваат од македонски сајтови, па како домашен сајт тоа не менува ништо. Според Нина, „PayPal нема магично да ни ги реши останатите проблеми кои можеби се поголеми од самиот чин на плаќање“.

„Да бидам искрена, ние како еден од клучните играчи на пазарот на е-трговија не сме толку ‘возбудени’ околу веста за доаѓањето на PayPal во Македонија, особено не до степен до кој беше комуницирана веста преку сите медиуми и поради тоа што уште не се доразјаснети сите работи. Можноста да купуваат странци од македонски е-трговци не е сè уште отворена, односно имплементацијата на PayPal за Македонските трговци не е отворена, а тоа би значело дека за нас како домашен веб сајт не менува нешто, од причина што домашните купувачи и понатму може да купуваат преку нас со нивните платежни картички како и до сега. Исто така и сега постои опцијата странци да купуваат на домашни интернет трговци.

Сепак, сега кога е отворено за сите, особено со голем акцент на безбедноста како една од клучните предности на PayPal, сметам дека ќе влијае врз перцепцијата на граѓаните и нивно ‘ослободување’ да почнат повеќе да купуваат оналјн и тоа повеќе кон странски трговци, што може да значи проблем за Македонските трговци кои продаваат производи, особено што Македонските компании неможе да достигнат ни приближно толку ниски цени како на пр. производи на кинеските сајтови поради големите трошоци за царини и увоз за да продаваат легално.
Ние не сме многу засегнати со оглед на тоа дека работиме како посредници и повеќе продаваме услуги, патувања и производи од домашни трговици“.

Александар Тасев, основач на TC.mk, вели дека потрошувачите треба да бидат среќни бидејќи ќе имаат оговорен избор, но за домашната економија, веста засега е лоша бидејќи парите одат надвор.

„Со овозможувањето на плаќање преку Пејпал, македонските потрошувачи и компании се здобија со можност да плаќаат за производи и услуги од странски сајтови кои имаат можност за наплаќаат преку Пејпал. Од потрошувачки аспект тоа е одлично, бидејќи отвора пристап до огромен избор на производи и услуги. Макроекономски тоа е одлив на пари од Македонија и ќе значи зголемување на дефицитот во трговската размена. Но од аспект на локалниот пазар за е-трговија сепак има позитивен ефект, бидејќи со тоа индиректно потрошувачите уште повеќе се навикнуваат да пазаруваат на интернет.

Во моментов Пејпал е достапен за плаќање, што е полесната половина од приказната. Дали и кога ќе биде достапен и за примање пари и останатите напредни услуги, не би можел да шпекулирам. Кога ќе стане достапна услугата за примање пари, ние ќе бидеме меѓу првите што ќе ја интегрираме во нашите веб продавници за трговците Store.mk и за порталот за потрошувачите TC.mk“.

Љупчо Димовски, основач на WoW.мк, сервис за групни попусти за жени, вели дека PayPal им даде доверба на странските корисниците да купуваат од македонските продавници, што можеби ќе ја поттикне е-трговијата.

„Што се однесува до PayPal, бенефитите од сервисот воглавно ги очекувавме во можноста странски државјани да можат да плаќаат на домашни компании, што во оваа фаза се уште не е овозможено, а со нетрпение ја очекуваме! Реално, на домашен терен голем број софистицирани граѓани веќе се навикнати без проблем да ги користат услугите за онлајн плаќање преку платежните картички издадени од различни банки, и тоа на веб продавници во кои имаат доверба во квалитетот на производот, услугата и експедитивноста на испораката, каков што веруваме дека е www.wow.mk.

Иако и досега странски државјани практично и немаа пречка да купуваат од домашни веб продавници, веруваме дека PayPal ќе помогне да се елиминира недовербата на купувачите во сигурноста на трансакциите“.

На крај следи официјална изјава од Министерството за информатичко општество кое вели дека се работи на случајот македонските граѓани да можат да продаваат усуги преку PayPal.

„Од 17 јуни 2014 година, Република Македонија официјално влезе во групата на PayPal што претставува позитивна вест за граѓаните. На почеток ќе биде за купување на производи во продавници кои што се сертифицирани од PayPal дека нивните системи се безбедни. Веќе сме во напредни разговори за да можат и нашите граѓани да продаваат услуги на PayPal со што ќе се зголеми и процентот на е- трговијата. Особено ќе биде значајно за домашните електронски продавници кои треба побрзо да ги сертифицираат нивните системи со PayPal за да може услугата да се користи на нашиот пазар со цел да им овозможиме на нашите претприемачи, посебно на малите и средни компании да можат да ги пласираат производите ширум светот“.

1 коментар на “Што очекувате од влегувањето на PayPal во Македонија?

  1. PayPal hype etc. Интересно како користиме терминологија како „влегување“. Божем се работи за гринфилд инвестиција на Интел или сл.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии