Што е веб редирект?

IT.mk редакција

во ИТ.МК

Ако ја следите приказната со веб-страницата за пријавување за вакцинација за Ковид-19 тогаш веројатно веќе ја слушнавте и приказната за девелоперот кој беше повикан на информативен разговор. Причината за ова беше неговата сатирична веб-страница која пренасочуваше на официјалната vakcinacija.mk. Веб-страницата vaksajns.mk е сатиричен одговор на лошиот англиски јазик и грешка која неколкупати ја направи премиерот Зоран Заев говорејќи на панел на Атлантскиот совет.

Министерството за здравство го класифицираше редиректот како “упад” и го пријави случајот до Министерството за внатрешни работи и сопственикот на страницата беше брзо контактиран од страна на МВР.

„Поканет сум во ПС Карпош на разговор околу доменот vaksajns.mk. Единицата за компјутерски криминал мене брзо ми влезе во трага и брзо ме поканија за обично пренасочување кон сајтот на МЗ“, објави Адил Бакиу на Facebook.

Се чини дека случајот е расчистен согласно последниот пост на г. Бакиу:

Во ПС само разговаравме како/зошто и толку беше, околу пола саат ме задржаа, иако ми изгледа многу опасно кога вакви сатирични случаи се спроведуваат од органите на власта многу побрзо од оние што се навистина сериозни.

Што е веб редирект (URL redirect) или URL форвардирање (URL forwarding)

Редиректирање или форвардирање на URL, е техника која овозможува една веб-страница да биде достапна од повеќе различни URL адреси. Ако корисникот пристапи на локација која се редиректира ќе биде префрлен и ќе биде отворенa различна адреса. На пример ако отидете на it.com.mk ќе забележите дека сте префрлени на it.mk.

Има повеќе различни причини поради кои се прави пренасочување.

  • Може да биде поради префрлање на нов домен (во овој случај се форвардира целиот домен);
  • за скратување на урл (веројатно веќе сте забележале сервиси како tinyurl);
  • користење на слични имиња на домени (на пример goolge.com редиректира на google.com, во случај корисникот да погреши сепак ќе биде испратен на вистинско место);
  • во случај кога страниците се префрлени за да се спречат „broken links“;
  • овозможување на различни домени да реферираат до еден веб-сајт.

Автоматизирано пренасочување се прави преку HTTP status 3xx.  Има повеќе одговори (response status) кои на прелистувачот му „кажуваат“ дека „адресата е променета“. Најчесто се употребуваат HTTP 301 и HTTP 302.

HTTP 301 покажува дека страницата е перманентно префрлена на нова адреса и заедно со одговорот се испраќа адресата која прелистувачот ќе ја отвори. Прелистувачот се префрла на новата адреса, а „search engine“-от ги променува линковите.

HTTP 302 се користи поретко кога некоја страница е привремено префрлена на нова локација. Во овој случај прелистувачот се префрла на новата локација, но „search engine“-от не прави промена на линковите.

За разлика од HTTP 302 кој може да се изведе и со JavaScript, 301 секогаш се прави на серверска страна.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии