Што е Non-fungible токен

Дејан Соколоски

во Вести

Кога споменуваме блокчејн технологии веројатно на сите прва работа која ни паѓа на ум се крипто валутите. Сепак блокчејн технологијата нуди многу повеќе и многу поинтересни и повозбудливи можности од оваа. Non-fungible токените се едно малку поразлично користење на технологијата.

NFT е токен кој овозможува трансформирање од дигитални уметнички дела во дигитални колекционерски објекти со кои може да се тргува. Дури и раниот интерес за овие токени е огромен, првиот твит на Џек Дорси на аукција достигна цена од 2,5 милиони долари; видео од првото забивање на Леброн Џејмс се продаде за 200 000 долари; популарната меме мачка Nyan Cat достигна речиси 600 000 долари. Пред десетина дена дигитален колаж на Мајк Винкелман, попознат како Beeple се продаде за 69,3 милиони долари!

NFT токенот е доказ за сопственост, купувачите на токените го поседуваат делото на блокчејнот, но понатаму немаат никаква контрола врз дистрибуцијата на делото.

Што е Non-fungible токен

За разлика од криптовалутите секој Non-fungible токен е уникатен и не се меѓусебе заменливи. Не постојат два исти non-fungible токени. За дигиталните уметнички дела non-fungible токените овозможуваат креирање на своевидни оригинали на дигитални фајлови. Со ова авторот би можел вештачки да креира „ограничена“ серија на делото. Оригиналноста на фајлот се потврдува со блокчејнот. Она што го овозможуваат овие токени за колекционерите е вештачко ограничување на бројот на инаку неограничен број на дигитален контент.

Токените се креираат кога некој дигитален фајл ќе се качи на сервис кој на пример овозможува наддавање на дигитална уметност. Ова креира копија на фајлот во „делот за записи“ (ledger). Овој токен може да се купува и продава, и може да се користи и како доказ за поседување на авторски права за некоја содржина.

Целиот процес има прилично голем недостаток кој воопшто не е поврзан со технологијата туку со платформите кои ги организираат овие продажби. Засега не е потребен никаков доказ кога некој качува дигитална уметност дека самиот е автор на фајлот.

Овие токени се користат за продавање на мемиња, твитови, музика… Само во последниот месец над 1 милијарда долари е потрошена на дигитални добра, пренесе Business Insider. Купувачите трошат од неколку долари до неколку милиони долари.

Сепак не сите се поддржувачи на овој начин за купување на дигитална уметност. Монтипајтоновецот Џон Клиз во иронија понуди еден цртеж на Brooklyn Bridge. На сервисот OpenSea цртежот веќе достигна 50 000 долари. Заедно со цртежот има и забавно видео кое комичарот го сподели на Twitter.

Еве неколку продажби на дигитални објекти кои веројатно ќе го одбележат почетокот на NFT:

Nyan Cat

Ова популарно меме во април полни 10 години. Пред нешто помалку од еден месец мемето на надавање е продадено за 300ETH или 590 000 долари.

„Nyan Cat е името на анимацијата која ја качив на 2 април 2011, и стана вирална интернет сензација. Дизајнот на Nyan Cat е инспириран од мојата мачка Марти кој го премина мостот-виножито, но продолжува да живее со духот.

Јас сум оригиналниот автор на гифот и направив ремастер на сликата за десетгодишнината. Сопствеништвото на ова дело ќе ви донесе:

Харизма: +10
Среќа: +10
Задоволство: +15“, вели Крис Торес, креаторот на делото во објавата на foundation.

Продажбата на Nyan Cat би можела да „отвори врата“ за креирање на меме економија во крипто светот.

Првиот твит на Џек Дорси

Пред десетина дена започна аукција на која ко-основачот и директор на Twitter го понуди својот прв твит на наддавање. Наддавањето заврши на 21 март и цената која ја достигна токенот е 2,5 милиони долари.

Средствата од продажбата ќе одат во добротворни цели, во непрофитна организација која помага со ковид-19 пандемијата во Африка. Без разлика што твитот е продаден и натаму продолжува да постои на микроблогот, се додека г. Дорси или Twitter не го отстранат.

Everydays – The First 5,000 Days

На 11 март колажот на Мајк Винкелман, попознат како Beeple се продаде за 69,3 милиони долари. Оваа продажба ги собори сите рекорди на целосно дигитално дело и овој токен во моментов е најскап. Висината на цената е условна со оглед на тоа дека NF-токените немаат вредност како крипто валутите. Аукцијата се одржа во Christie и ова е првпат етаблирана аукциска куќа да продаде дигитална уметност на овој начин.

„Ова е апсурдно на секое ниво на имплементација. Продадоа JPEG. Ова беше маркетинг трик тежок 69 милиони долари“, вели Килејни Никол основач и сопственичка на галерија која продава уметнички дела за крипто валути.

„Сметам дека технологијата и концептот кој овозможува доказ за дигитална сопственост на нешто е неизбежен, мислам дека има премногу возбуда за технологијата во моментов. Мислам дека интересот ќе спласне во иднина “, вели г. Винкелман во интервју за CNBC.

Грајмс 6 милиони за дигитална уметност

На почетокот на март канадската уметница и музичарка Грајмс се приклучи на NTF лудницата и продаде дигитална уметност за 6 милиони долари.

Дел од делата кои беа продадени беа уникати, но некои имаа по илјадници копии. Вкупно во оваа продажба беа продадени 10 дела. Најголем дел од продажбата всушност доаѓа од две куси видеа кои имаа илјадници копии и се продадоа за 7 500 долари. Делата се продадоа во вкупно 700 копии и „собраа“ 5,18 милиони долари, пренесе Verge

Од каде интересот

Дел од експертите сметаат дека зголемениот интерес за овие токени го предизвикала пандемијата, но и зголемената заработка од крипто валути. Новите дигитални уметнички дела се споредуваат со потрадиционалните уметнички слики од минатото чија вредност на долг рок е стабилна. Луѓето и во минатото ја користеле уметноста да зачуваат некоја финансиска вредност. Во овој случај крипто валутите релативно лесно се „трансформираат“ што е уште една предност.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии