Што е FinFisher, зошто има шпионски сервери во Македонија, и дали треба да се плашиме?

ELAMAN GmbH е една од компаниите која стои позади софтверот за шпионирање, FinFisher, софтвер кој се користи од владините агенции за следење на комуникацијата. Тој софтвер, поточно негов сервер е откриен и во Македонија. FinFisher/FinSpy е професионално изработен тројанец за Windows системите и паметните телефони, кој овозможува пристап до целиот систем на корисникот и следење на неговата комуникација преку интернет , следење на тоа што личноста пишува на тастатурата, пристапување до печатените и избришени датотеки и друго. Покрај сето тоа,FinFisher/FinSpy може да ги види сите ваши лозинки и поставувања на компјутерот, па дури и да ги вклучи вашата камера и микрофон, без притоа вие да знаете дека тие се вклучени. Но, како тој малициозен софтвер стигнува до корисниците?

Тројанецот се инсталира на корисничката страна откако ќе биде инсталиран софтвер или надоградба од лажен извор, а покрај РС верзијата, овој софтвер за шпионирање е достапен и за мобилните телефони (погледнете видео подолу како функционира). Како еден од софтверите преку кој бил подметнувана оваа шпионска алатка е Firefox, а во периодот во 2011 година било детектирано дека за истата цел е искористен и iTunes на Apple.

Toa што е загрижувачки е што според неодамнешните истражувања на Citizen Lab, FinFisher сервер е најден и во Македонија. Kако што објави Арангел Ангов од Слободен софтвер Македонија во својата колумна за Радио Слободна Европа, тој софтвер има IP адреса од Македонски Телеком, а македонскиот амбасадор во Германија, Ѓорги Филипов, претходно имал преговори со ELAMAN за „можност за соработка“. Nova.tv се обиде да дојде до информации од Телеком за кој го нарачал софтверот во Македонија и со која намена, но одговор сè уште нема.

„Она што е познато е тоа што го објави истражувачката група Citizen Lab од Универзитетот во Торонто во својот извештај насловен „Комерцијализација на дигиталното шпионирање: Само за нивните очи“, а тоа е дека од март годинава и во Македонија постои „Command and Control“ Finfisher сервер, што во превод значи, сервер за собирање на сите податоци од жртвите, во случајов граѓаните кои што се шпионирани.”, вели Арангел во својата колумна „Само за нивните очи“.

„Постојат многу причини зошто овој софтвер е штетен и е под лупа на истражувачката група од Торонто веќе подолго време, а една од нив, како и што е наведено во извештајот, е фактот дека многу често се злоупотребува од страна на владите за следење и замолчување на граѓанските активисти или пак секој оној кој што не се согласува со политиките на одредена влада, конкретен пример за ова во извештајот е Бахраин.“

FinFisher/FinSpy се состои од неколку компоненти за кои можете и самите да прочитате во документот објавен од Wikileaks или да го прочитате целосниот извештај од истражувачката група при Универзитетот во Торонто.

Доколку сакате да се заштитите од FinFisher – нема информации дека некој ве шпионира, нели?, но за секој случај – форумџиите на IT.com.mk имаат објавено дополнителни детали за шпионскиот софтвер.

7 коментари на “Што е FinFisher, зошто има шпионски сервери во Македонија, и дали треба да се плашиме?

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии