Што е демократизација на технологијата?

We Are Laika

во feature, ИТ Кариера, Статии

Ова е гостински текст на We Are Laika, платформа која спојува ИТ професионалци со компании.


„Во што ќе се претворат човечките битија, ќе биде одредено од нашите алатки, но и од акциите на државниците и политичките движења. Дизајнот на технологијата е, затоа, онтолошка одлука која носи политички последици. Исклучувањето на мнозинството од учество во таа одлука е суштински недемократски“ – Ендру Финберг, американски филозоф и теоретичар на технологијата

Достапноста на интернетот и сите форми на технологија кои ги донесе доведоа до многу поголема глобална поврзаност. Технолошкиот напредок не донесе само зголемена комуникација, ефикасност и пристап до информации, туку и поголема демократизација во дистрибуцијата на знаење и пристапност до технологија.

Гартнер ја смести демократизацијата на технологијата на листата на 10 стратешки технолошки трендови за 2020 година. Се дефинира како „лесен пристап до техничка или бизнис експертиза без долго и скапо учење“. Се фокусира на четири клучни области – развивање на апликации, податоци и анализа, дизајн и знаење. Често се нарекува и „граѓански пристап“, бидејќи доведува до поголем број на дата научници, програмери и слично. Сè поголем број на луѓе имаат пристап до технологија, што значи дека има сè побрз развој и иновации внатре во индустријата.

Филозофи и социолози кои ја поддржуваат теоријата на технолошкиот детерминизам, сметаат дека „својствата на технологијата ја одлучуваат нејзината употреба, и улогата на прогресивното општество е да се адаптира и да има корист од технолошките промени“. Значи, технологијата на една генерација го обликува општеството, а не обратно. Што тоа значи за светот денес, во време на третиот бран на демократија поттикната од пристапот до интернет?

1.Зголемена граѓанска партиципација и владина транспарентност

Twitter и Facebook Live поттикнаа граѓански движења. Од Me Too движењето, до моменталните протести во Хонг Конг и Чиле, социјалните мрежи и форумите овозможуваат граѓанско здружување, организирање и ширење на одредена политичка идеја. Сепак, има две страни на секоја приказна – благодарение на социјалните мрежи и Трамп стана претседател.

2.Полесно развивање на патенти и побрз развој во иновациите

Додека порано патентите доминираа во индустријата на технологија и иновација, и никој не можеше да направи реплика на постоечки дизајн без да плати или да биде тужен, сега е лесно да се направи малку поразличен производ, со поинаков метод и побрзо. Постоењето на open source културата на споделување овозможува нештата да се надградуваат и растат, без да се плаќа за постоечки нацрт. Технологијата денес не им припаѓа само на големите копорации, туку и на корисниците.

3.Раст на бизнисите и претприемништвото

Технологијата која им помага на бизнисите да бидат поефективни исто така ја зголемува демократизацијата, бидејќи многу нешта ни се подостапни, и често по пониска цена. Како пример може да се земат сите алатки за продуктивност, евтини алатки за landing pages или графички дизајн.

Друг голем скок во демократизацијата на технологијата е иновацијата во областите како вештачка интелигенција, кои би им овозможиле на компаниите да ги мерат и прилагодуваат процесите многу побргу, и да ги намалат бариерите како трошоци, работна сила и инфраструктура. На пример, користењето на четбот може да донесе персонализирано искуство и исклучителна нега на потрошувачи за една компанија, што гради цврсти врски со потрошувачите.

4.Демократизација на експертизата, раст на учењето и развојот

Технологијата носи баланс и во искуството и ексертизата на експертите. Многу пати се покажало дека хиерархијата е штетна за прогресот. Наместо да имаме култура на „експерти“ и чување на знаењето, технологијата и нејзиниот напредок потикнуваат култура на споделување, а со тоа и иновација, креативност и нови идеи и процеси.

Најголемата револуција се случува во областа на учење и развој. Порано, во корпоративниот хиерархиски систем, неколку луѓе во човечки ресурси одлучуваа што ќе се изучува и со какви алатки ќе располага една компанија. Во денешниот, дигитален свет, најдобар пристап е обратниот. Вработените учат самите, и предлагаат идеи и решенија на повисоките степени на организација. Моќта е повеќе кај вработените, а тие се желни да споделат знаење и креативност.

Споделувањето на знаење меѓу колеги и сектори се испоставило особено ефективно – четири пати поверојатно е во компании со висок перформанс, и ги прави компаниите издржливи и агилни.

Како да ги идентификувате експертите и да им помогнете да ги едуцираат другите? Со соодветни алатки.

Компаниите можат да делуваат како мрежа која ја фасилитира дигитализацијата на неформалниот образовен процес. На пример, доколку ги даваме соодветните алатки на нашите вработени директно. Потоа, треба да се менаџира клучниот процес на избирање на материјал за учење.

5.Флексибилно работење и помали трошоци

Големиот број апликации за комуникација, заедничко работење и продуктивност направија да бидат возможни работењето од дома и флексибилните работни часови. Клауд системите направија работата да ни биде пристапна од секаде и од било кој уред.

Во наредните години, се очекува демократизацијата на технологијата радикално да го промени начинот на кој проучуваме и користиме биологија, финансии, развивање на нови технологии и слично. Веќе е видливо како технологијата го менува, на пример, системот на продажба – префрлањето пари е бесплатно, цените пониски без провизии, и сè повеќе луѓе веруваат во плаќањето онлајн.

„Кога живееме во поврзан свет во кој се соработува, луѓето мора да се насочат подалеку од хиерархијата одозгора па надоле, кон win-win ситуации. Не мислам само на начините како може да се најдат ресурси или луѓе кои би работеле за вас, туку како да ги исполните нивните потреби и да учите од нив. И многу бизниси треба да размислуваат за заедницата околу нив, како може да ги ангажираат и охрабрат нејзините припадници кон напредок“, вели Џими Велс, ко-основачот на Википедија, за World of Business Ideas.

Ова е ветувањето на технологијата, дека постои за да нè направи пофлексибилни, послободни и да ни донесе знаење.

Демократизацијата е видлива во секој процес кој се основа на технологија денес. Се случува подеднакво и во open source софтверите, колку и во секојдневниот живот во општеството. Единствен проблем на демократијата во технологијата, е проблемот кој го носи демократијата во својата срж – Дали секој припадник на заедницата е доволно рационален, самосвесен и едуциран, да не ја злоупотреби? Одговор е секако не, но останува да видиме дали прогресот ќе биде поголем од колатералната штета која ја носи лесниот пристап до технологија.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии