Шест стартап лекции од искуството со Claxi на Startup Grind Skopje

Image courtesy of Startup Grind Skopje

На последниот Startup Grind Skopje за 2015-та (и се надеваме на уште вакви собири каде се дискутира стартап културата и претприемништвото), гостуваше Бранко Трајковски, основачот на Bransys и на новиот стартап Claxi. Claxi e мобилна апликација за повикување на поевтино такси. И ако помисливте дека се работи за македонска верзија на популарниот Uber, тогаш сте половина во право. Разликата меѓу Claxi и Uber е што првиот стартап се продава на таксистите. Кога корисникот ќе го повика такси преку Claxi, тој добива листа на таксисти кои се надаваат како на аукција. Македонскиот стартап добива процент од таксистите што го користат, за разлика од Uber кој се фокусира на корисниците бидејќи добива процент од превозот.

12370895_1550537781903399_5984786174557224104_o

Но, тоа што ги прави слични, е што Claxi ја користи популарностa на Uber да го привлече вниманието врз себе и другите слични сервиси. Во Македонија моментално има само две апликации за таксисти – Claxi и Mоето Такси кои се навлезени во пазар кој треба да се револуционизира. Нема потреба да користите диспечери ако имате апликација која ве лоцира вас и најблиското и најевтиното такси. Но, бидејќи е во Македонија, дебатата околу Claxi е навистина интересна. Ова е релативно нова идеја и може да се најде наскоро во конкуренција со глобален гигант како Uber. Поради ова имаше неколку интересни лекции од Startup Grind Skopje No.10 кои можат да им послужат на стартапите:

  • Искористете го моментот. Claxi стартуваше кога немаше ниту една мобилна апликација за такси во Македонија, но кога светот веќе дебатираше за Uber. Но, што ако Uber влезе во Македонија? Според Бранко, влегувањето на „голем играч“ може да биде само предност за Claxi. Двете апликации се различни, и тоа може да понуди избор на пазарот и луѓето ќе се навикнат да користат вакви сервиси. На Балканот веќе постојат слични такси апликации како грчкиот TaxiBeat, турскиот BiTaksi, или српскиот Car:go, и ако овие апликации се обидат да го освојат македонскиот пазар, тогаш Claxi ќе има рана предност.
  • Треба да знаеш што можеш да направиш, и поважно што не можеш. Бранко спомна дека се обидел да излезе на други пазари со своите претходни стартапи. Но, не успеал. И тука има лекција. Тој не успеал бидејќи секој пазар (посебно во Европа и на Балканот) си има свој менталитет. Треба да го разбереш тој менталитет, потребите на тој пазар и да бидеш јасен и разбирлив кога се работи за објаснување на продуктот. Ти треба пред сѐ локален партнер.
  • Но, не очајувајте бидејќи и во Македонија има пари и простор за бизнис. Треба да бараш фидбек и да го следиш интересот на бизнисот. Можеби некои работи функционираат во САД каде има позитивни примери за некоја идеја која не функционира тука. Но, ако знаеш што е потребно во Македонија, и ако има интерес, тогаш можеш да го искористиш тој интерес и да создадеш бизнис што има смисла на овој пазар. Идеализирањето на стартапи можеби е претерано бидејќи на крај тие се само бизнис.
  • Човечкиот фактор игра голема улога. Claxi не успева да стартува како што сака, имаат само десетици таксија со кои соработуваат, бидејќи таксистите не се научени да користат таблет компјутери. Claxi е дизајнирана на таков начин да не може да спречи лажни повици, и бидејќи е апликација, нова технологија за многумина, претставува предизвик за користење на таксистите и корисниците. Claxi прави напори да ги обучува таксистите, но навиките на луѓето понекогаш играат поголема улога од очекуваното.
  • Маркетирај на двете страни. Секој стартап кој работи со бизниси и корисници треба да го прилагоди својот маркетинг за нив. Ако Claxi ги таргетира таксистите, комуникацијата со нив, какви придобивки ќе добијат, тренингот за да ги обучат, тогаш треба да има сосема различен пристап од тој кон корисниците што треба да ги убедиш да користат апликација.
  • Имај добра и функционална апликација. Најголемата критика кон Claxi не беше сложениот бизнис модел, тој може да функционира, туку беше што апликацијата е лошо дизајнирана. На Startup Grind Skopje се слушнаа критики дека апликацијата делува како недовршена, и има проблеми да лоцира точни адреси. Ова е проблем за стартап кој сака да убеди корисници и таксистите да вложат напор во користење на апликација. Ако апликацијата не работи, тогаш таксистот нема да си го ризикува приходот да се обиде да ја користи.

1 коментар на “Шест стартап лекции од искуството со Claxi на Startup Grind Skopje

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии