#SheCodes: Викторија Анчевска – iOS тим лидер

#SheCodes е серијал на интервјуа на IT.mk во соработка со Adeva и Female Bootcamp. Female Bootcamp е првиот bootcamp за развивање на ИТ вештини за жени во Македонија, со цел развивање на дискусија и промоција на ИТ секторот пред жени кои што се заинтересирани за пристап во индустријата.


Име: Викторија Анчевска
Едукација: Дипломиран инженер по информатички науки и компјутерско инженерство на ФИНКИ, Скопје
Технологии со кои работиш: iOS development (Swift, Objective-c)
Работно место: iOS team lead во Codewell

Во неколку зборови претстави се на публиката, која е Викторија Анчевска?
Мојата ИТ професионална кариера ја започнав малку порано со тоа што почнав паралелно да работам како iOS developer и да студирам веќе од мојата трета година на факултет. Главната цел ми беше да завршам факултет со некакво реално практично знаење, па така работата во Codewell ми изгледаше сосема погодена. Работејќи тука, имав шанса да бидам дел од тимот позади Letz.do, македонски стартап кој ја доби наградата Product Hunt Bot Of The Year 2016 за нивниот продукт.

Како се одлучи за кариера во ИТ индустријата? Дали ја избра оваа кариера поради практични, финансиски причини, или пак нешто сосема друго?
Уште како мала, бев доста заинтересирана за креирање и градење работи од нула. Можам лесно да изградам куќа од Lego коцки, но воопшто не се снаоѓам во цртање или сликање. За мене, програмирањето е можност да се биде креативен. Пишувањето код ми дава можност да ги искористам достапните технологии и да ги префрлам сите мои идеи во код. Развивање на едноставна, лесна за употреба, брза мобилна апликација е мојата верзија на едно парче уметност. Користејќи го само мојот лаптоп, можам да изградам различни апликации кои ќе им помогнат на заедницата. Друга работа која ме мотивираше е тоа што секој ден се учи нешто ново. За да се биде успешен, мора да се следат најновите технологии кои се развиваат со едно огромно темпо. На овој начин, никогаш не престанувам да инвестирам во сопственото знаење.

Што прави Викторија кога не програмира?
Покрај работата, сакам да патувам и да запознавам нови луѓе. Сакам да читам секакви работи, од белетристика, стручна литература до блогери за интересни теми. Ја сакам природата, така што спортот и активностите во природа се мојот начин на полнење на батериите.

Раскажи ни за твојата сегашна работа во Codewell и твоите активности како програмер и предавач на новата академија за iOS програмирање со Семос?
Мојата работа претставува организирање на повеќето iOS проекти во Codewell. Тоа значи разгледување на спецификацијата за проектот, конципирање на сите главни задачи што треба да се направат и доделување на соодветниот програмер. Воедно и работам на развивање на iOS апликации за аутсорсинг проекти за разни компании кои соработуваат со Codewell.

Последниве неколку месеци сум дел од тимот кој ја креираше iOS академијата од Codewell и Семос. Како предавач на оваа академија која ќе трае 20 недели, моите активности се креирање на комплетна програма за целата академија, како и наоѓање на што е можно повеќе и подобри ресурси кои ќе придонесат за подобар квалитет на академијата.

Најинтересен проект на кој имаш работено?
Како најинтересен проект ќе го споменам проектот за мојот дипломски труд – Креирање на chatbot за препорака при избор на филм. Се работи за chatbot кој во разговорен формат дава сугестии за филмови врз основа на вкусот на конкретниот корисник. Овој проект го издвојувам како најинтересен затоа што успеав да креирам апликација која ќе го реши мојот проблем со барање на добар и интересен филм.

А, најпредизвикувачки?
Дефинитивно, најпредизвикувачки проект беше Letz.do. Најголемиот предизвик за мене беше да сум дел од тим кој развива продукт во кој силно верува дека ќе стигне до светски рамки. Моите главни обврски беа развивање на iOS мобилна апликација за AI chatbot за продуктивност, како и учествување во формирање целосна слика за продуктот – дефинирање на разни карактеристики, опции и функционалности кои би ги имал продуктот. Стартап духот, целосната посветеност на сите програмери, одговорноста, како и учењето од разните грешки низ процесот на развивање на свој продукт го направија овој проект како најпредизвикувачки.

Дали постои полова дискриминација во ИТ секторот? Дали си почувствувала полова дискриминација во текот на твојата досегашна кариера?
Кога станува збор за ИТ секторот, мое мислење е дека дискриминација постои, но во многу помали мерки во споредба со другите сектори. Долг е процесот на искоренување на таков тип на дискриминација, но среќна сум што постојат разни иницијативи и организации кои даваат се од себе за да се поместиме чекор напред во ова поле. Во мојата досегашна кариера немам почувствувано полова дискриминација и навистина го ценам тоа.

Што би ги советувала младите девојки кои сакаат да изградат успешна ИТ кариера, кон што да го насочат својот фокус?
Бидете желни да научите нови работи. Поради брзите промени во ИТ индустријата, секој ден од вас се бара да научите нешто ново. Најдете нешто кое навистина сакате да го работите, за да може секојдневно да уживате во работата. Не плашете се да преземете одговорност.
Слушајте внимателно што имаат да кажат поискусните луѓе. Тие некогаш биле на иста позиција како и вие сега.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии