#SheCodes: Марина Терџуманова – сертифициран Scrum Master

#SheCodes е серијал на интервјуа на IT.mk во соработка со Adeva и Female Bootcamp. Female Bootcamp е првиот bootcamp за развивање на ИТ вештини за жени во Македонија, со цел развивање на дискусија и промоција на ИТ секторот пред жени кои што се заинтересирани за пристап во индустријата. Причината за реализација на овој проект е намалената свест и малиот број на информации за состојбата на родовиот јаз во ИТ компаниите.


Име: Марина Терџуманова
Едукација: Дипломиран инженер по информатички науки и компјутерско инженерство и сертифициран Scrum Master
Технологии и алатки со кои работиш: Jira, Git, Trello, Xcode
Работно место: Проект менаџер и Scrum Master во Веником Софтвер

Во неколку зборови претстави се на публиката, која е Марина Терџуманова?
По потекло од Кочани, дипломирав на ФЕИТ на насока информатика и компјутерско инженерство. Постојано заљубена во технологијата, што и беше причина за ваквата професионална насока во животот. Моментално работам и живеам во Скопје. Огромен љубител на животни и уживам во добра храна и добро друштво.

Како се одлучи за кариера во ИТ индустријата? Дали ја избра оваа кариера поради практични, финансиски причини, или пак нешто сосема друго?
Уште од мала сакав и ме интересираше математика. Подоцна, во текот на моето образование, првиот допир со програмирање беше и повеќе од позитивен. Веднаш почнав да се интересирам за тоа, па и така се одлучив да запливам во тие природно-математички води. Најверојатно тоа и беше причината за одлуката да се запишам на факултет како што е ФЕИТ. Првичната причина секако беше љубовта кон самата професија. Без тоа не може да се постигне ништо. Секако дека одличната финансиска состојба во IT секторот е одлична награда за мојот труд, но тоа само по себе не би било доволно да ме исполни. Сатисфакцијата што ја добивате кога успешно извршувате некоја работна задача не може да се спореди со ништо друго.

Што прави Марина кога не програмира?
Теоретски не програмирам веќе подолго време бидејќи мојата сегашна работа не го опфаќа тоа, а кога не сум на работното место уживам во долгите прошетки во природа со моето куче, да патувам на нови места во светот, дружба со пријателите, читање литература, и во дел од слободното време се трудам секој ден да учам по нешто ново од областа на технологијата и да го надоградувам досегашното знаење, бидејќи во оваа професија тоа е неопходно.

Раскажи ни за твојата сегашна работа во Веником.
Како проект менаџер и Scrum Master имам повеќе обврски. Во моментот работам со тим кој развива и оддржува алатка за дигитална публикација на списанија. Под ова спаѓаат native апликации за iOS и Android, back-end сервиси и CMS за менаџирање на списанијата што треба да се издадат. Нашиот сервис им помага на светски познати списанија да ги дигитализираат своите изданија. Покрај ова работам и со тимовите кои ги развиваа двата најголеми наши продукти Bike Computer и Lynx Press.

Најинтересен проект на кој имаш работено?
Низ годините во Веником имав можност да работам на повеќе проекти кои вклучуваат светски познати имиња и брендови како што се “Conde Nast France”, “Heineken”, “Nike” итн. Како најинтересн проект можам да ја издвојам нашата соработка со “Conde Nast France” која го опфаќа целото дигиталното издавање на нивните брендови како што се “Vogue”, “Glamour”, “Vanity Fair”, “GQ” и “AD” и трае веќе 6 години , а секојдневно се соочуваме со  нови предизвици за подобрување на нашите сервиси и за тоа како крајните корисници може да имаат подобро искустуво со читање на омилените списанија на нивните мобилни уреди.

 А, најпредизвикувачки?
Работењето на иновативен проект како што е “Bike computer” можам да го издвојам како најпредизвикувачки бидејќи од идеја прерасна во реализација, и е предизвик да се работи на уникатност на апликацијата со која би се издвоиле од останатите конкуренти на пазарот, а овде припаѓа “Keep me safe” функционалноста која им овозможува на велосипедистите да се испрати СМС порака со нивната локација на претходно избраните контакти во случај на незгода.

Дали постои полова дискриминација во ИТ секторот? Дали си почуствувала полова дискриминација во текот на твојата досегашна кариера?
Не, во Веником не постои полова дискриминација. Овде секое мислење и идеја се важни без разлика дали доаѓа од колешка или од колега. За време на состаноци кога има дискусија за проектите на кои што работиме секој има право да го искаже своето мислење, својата идеја за тоа како би требало да постапиме, кој начин е најдобар да се развие некоја функционалност.

Што би ги советувала младите девојки кои сакаат да изградат успешна ИТ кариера, кон што да го насочат својот фокус?
Прво и најважно е да одлучат во кој дел од IT индустријата се пронаоѓаат, да откријат што е тоа што го сакаат. Многу е важно да го работиш тоа што го сакаш. Останатото е континуирано учење, напорна работа, истрајност и упорност. Да не се откажуваат од својата цел и сите професионални чекори кои ги превземаат да бидат во насока на исполнување на својата цел. Наградата за сето ова си доаѓа сама по себе.

 

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии