#SheCodes: Марија Најдова – софтверски инженер

#SheCodes е серијал на интервјуа на IT.mk во соработка со Adeva и Female Bootcamp. Female Bootcamp е првиот bootcamp за развивање на ИТ вештини за жени во Македонија, со цел развивање на дискусија и промоција на ИТ секторот пред жени кои што се заинтересирани за пристап во индустријата. Причината за реализација на овој проект е намалената свест и малиот број на информации за состојбата на родовиот јаз во ИТ компаниите.


Име: Марија Најдова
Едукација: Дипломиран инженер по информатички науки (ФИНКИ, Скопје)
Технологии со кои работиш: Angular, TypeScript, React
Работно место: Software Engineer

Во неколку зборови претстави се на публиката, која е Марија Најдова?
Девојка во дваесеттите години. Дипломиран инженер по информатички науки, моментално вработена како софтверски инженер во Microsoft во Прага. Секогаш желна за нови искуства, знаења, пријателства 😊

Како се одлучи за кариера во ИТ индустријата? Дали ја избра оваа кариера поради практични, финансиски причини, или пак нешто сосема друго?
Од мала ја сакав математиката и уживав во решавање на логички проблеми. Тоа што растев во период кога развојот на технологијата беше навистина брз, невозможно беше да не бидеш заинтересиран како сето тоа се случува. Така што, оваа професија и кареира беше некако логичниот избор, синтеза на овие две работи.

Што прави Марија кога не програмира?
Ги обожавам книгите и читам речиси секаква литература, почнувајќи од бестселери, класика, но и стручна литература. Сакам да патувам, да излегувам, да запознавам нови луѓе. Сакам да свирам гитара, иако никако не можам да најдам малку повеќе време да ги подобрам своите вештини 😊 На крај, сакам да поминувам време со моето семејство и пријателите секогаш кога е можно 😊

Раскажи ни за твојата сегашна работа во Microsoft.
Моментално работам на проектот Microsoft Teams, кој е еден од да речам поновите проекти на Microsoft и тоа го прави навистина интересен. Млад проект, во голема компанија која долги години е една од водечките во индустријата во светот е нешто навистина интересно. Работам на front end апликацијата во тим со експерти кои навистина си ја знаат работата. Претставува вистински предизвик и чест да се биде дел од еден ваков тим.

Најинтересен проект на кој имаш работено?
Па еден од најинтересните проекти за мене, беше еден проект за компанија која тргнува со електрична енергија, при што требаше да изработам апликација која ќе собира дневни податоци од повеќе берзи за цените електрична енергија, со цел да се направи анализа на овие податоци, предвидување на идните цени на енергијата и планирање на поисплатливо инвестирање.

А, најпредизвикувачки?
Како што спомнав и погоре, Microsoft Teams до сега за мене e најпредизвикувачки проект на кој имам работено, тргнувајќи од тоа што корисниците на проектот на кој работам се огромен број на луѓе од секој крај на светот и функционалностите што се имплементираат мора да бидат на ниво за да се задржи реномето на една компанија како што е Microsoft.

Дали постои полова дискриминација во ИТ секторот? Дали си почувствувала полова дискриминација во текот на твојата досегашна кариера?
Би рекла дека има не толку полова дискриминација, туку полова нееднаквост во ИТ сектерот. Сѐ уште огромен е процентот на разлика помеѓу мажите и жените вработени во ИТ секторот, во корист на мажите, не знам зошто е тоа така. Но, откако се вработив во Microsoft, видов нешто што навистина ми се допадна. Само на овој проект во последните неколку месеци се вработени 10тина девојки, што навистина е огромен процент за разлика од досегашниот број на жени кои работеле на проектот, овде во Прага. Така што можеби во иднина овој процент на разлика се повеќе ќе се намалува.

Извор: https://adevait.com/state-of-women-in-tech/

Што би ги советувала младите девојки кои сакаат да изградат успешна ИТ кариера, кон што да го насочат својот фокус?
Една од најбитните работи за да се биде успешен во ИТ индустријата, е постојаното надградување на своето знаење. Мора секогаш да се биде во тек со новите работи што секојдневно се појавуваат. Технологијата во која моментално си експерт, многу веројатно е дека за кратко време ќе биде заменета со некоја нова технологија. Мој личен совет за тоа како да се изгради успешна кариера, доколку се на почеток од кариерата, е да се почне во помала фирма, каде што поверојатно е дека ќе ги искусат сите аспекти на нашата работа, како работа со клиенти, менаџирање на луѓе, развој на софтвер, работа со бази на податоци, тестирање, deployment итн. и да одберат во што се најдобри или што најмногу им се допаѓа да го работат, за понатаму да се фокусираат кон тоа. Во индустрија која што се развива брзо како оваа, тешко е да се држи чекор да се биде експерт во повеќе области, но имањето на основни познавања од секоја од нив некогаш навистина знае да биде од корист.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии