#SheCodes: Даниела Јованоска Петренко – софтверски инженер

#SheCodes е серијал на интервјуа на IT.mk во соработка со Adeva и Female Bootcamp. Female Bootcamp е првиот bootcamp за развивање на ИТ вештини за жени во Македонија, со цел развивање на дискусија и промоција на ИТ секторот пред жени кои што се заинтересирани за пристап во индустријата.


Име: Даниела Јованоска Петренко
Едукација: Дипломиран инженер по Информатика и информациски технологии
Технологии со кои работиш: iOS development (Objective C, C++)
Работно место: Софтверски инженер во Google, Стокхолм

Во неколку зборови претстави се на публиката, која е Даниела Јованоска Петренко?
Професионално сум iOS девелопер и кариерата ја започнав во Нетцетера во Скопје. Потоа следеше Самураи Дигитал исто така во Скопје каде што за прв пат запловив и во тим менаџмент и тим лидерство.

Случајно или намерно, животниот и кариерниот пат ме донесоа до Стокхолм кога ја прифатив понудата за работата во Spotify каде освен како девелопер, работев и како тим лидер. Од таму преминав во Google каде што сум моментално.

Приватно се обидувам најдобро што можам да ги исполнам општествено/социјалните улоги на една жена на 21 век кои сум си ги одбрала за себе. Сопруга, од неодамна мајка, ќерка, пријател, совесен граѓанин на планетата Земја. Или како што љубам често да се наречам aspiring human being.

Како се одлучи за кариера во ИТ индустријата? Дали ја избра оваа кариера поради практични, финансиски причини, или пак нешто сосема друго?
Љубовта спрема компјутерите и програмирањето ја добив од брат ми. Уште од времето на MS DOS, Windows 3.0 и 386 компјутерите, тој ме учеше да инсталирам и одинсталирам игри, да го форматирам компјутерот и преинсталирам оперативен систем со старт ап дискети и слично. Можеби тоа сега звучи смешно, но во време на dial up интернет и без Google и StackOverflow тоа за мене беше вистинско хакирање кое ми беше премногу интересно.

Затоа, кога како добар математичар и физичар при запишувањето на факултет вниманието го насочив кон тогашниот ЕТФ, кога требаше да изберам отсек, отсекот за Информатика и Компјутерско инженерство природно ми дојде како прв избор.

Секако дека фактот што професијата делуваше надежно и просперитетно само го зацврсти моето убедување дека тоа е вистинскиот избор за мене.

Што прави Даниела кога не програмира?
Тука мора да напоменам дека програмирањето ми е професија, но не и хоби и многу се трудам работата да ја оставам на работа за да можам целосно да уживам во слободното време. А него најчесто го инвестирам во најблиските и во себе.

Голем љубител сум на планината и таа е мојот зен. Иронијата е што сега живеам во рамната Шведска, хаха.

Среќа, обожавам да патувам и да откривам нови места и култури, па во последно време ги комбинирам овие мои две пасии често патувајќи на планински места.

Исто така огромен љубител сум на fantasy и SciFi книги и речиси и да нема момент во времето а да не сум на сред читање на некоја таква новела.

Раскажи ни за твојата сегашна работа во Google.
Во Google работам на WebRTC фрејмворкот кој е open source имплементација, предводена од Google, на истоимениот W3C кандидат стандард. WebRTC дефинира протоколи и имплементации за realtime комуникација (аудио, видео и податочна) и иако сѐ уште не е официјален стандард, е дефакто индустриски стандард за RTC кој е прифатен и имплементиран од сите поголеми пребарувачи. Освен поддршка за пребарувачи работиме и на нативни SDK кои овозможуваат над 1000 компании и продукти да го користат и/или да придонесуваат во фрејмворкот. Меѓу попроминентните имиња се вбројуваат Hangouts, Duo и YouTube на Google, Facebook Messenger, Whatsapp, Slack, Viber и многу други.

Најинтересен проект на кој имаш работено?
Би рекла моменталниот проект на којшто работам во Google. RTC технологијата е мошне комплексна и носи доста технички предизвици. Од воспоставување на P2P врска во време на NAT, firewalls итн, до сигнализирање меѓу учесниците за условите на врската. Фрејмворкот вклучува аудио и видео кодеци, енкрипција, jitter и congestion control. Дополнително е целосно крос платформа и мојот тим напорно работи фрејмворкот да има врвни перформанси на сите уреди на којшто се извршува.

А, најпредизвикувачки?
Можеби не е проект, но како најпредизвикувачки би го навела периодот кога започнав да работам во Spotify бидејќи беше огромна промена како на професионален, така и на приватен план.

Претходно работев најчесто на аутсорсинг проекти и во Spotify за прв пат почнав да работам во компанија која е ексклузивно продукт ориентирана, со целосно рамна хиерархија и многу малце компаниски процеси, со значителна големина а сепак старт ап култура. Огромна промена во начинот на работа која што целосно ме исфрли од мојата зона на комфорт.

Дополнително, застрашувачки и предизвикувачки беше фактот што бев првата жена во целиот мобајл департмент што го засили иницајлното присуство на т.н imposter syndrome.

Но благодарение на поддршката од тимот и тим лидерот, но и поради целокупната одлична работна атмосфера и култура во Spotify, брзо ги надминав сите стравови и несигурности.

Дали постои полова дискриминација во ИТ секторот? Дали си почуствувала полова дискриминација во текот на твојата досегашна кариера?
Во глобала, за жал да, постои. ИТ индустријата е полна со стереотипи и предрасуди, кои според мене, се штетни не само за жените, туку и за мажите исто така. За среќа, мислам дека полека (голем акцент на полека) работите се менуваат кон подобро. Сведоци сме дека во ИТ заедниците, па и во поп културата (која сакале или не го обликува јавното мислење и придонесува кон креирање и уривање на стереотипи) има се подиверсифирана репрезентација во поглед на пол, старост, раса и многу други вертикали.

Со тоа полека, но сигурно се менува претставата на луѓето за тоа кој се може да биде во ИТ.

Поконкретно, зависи од околината. Има премногу токсични средини и компании полни со дискриминација. Но постојат и позитивни примери, кои се инклузивни и каде што може да успее секој пропорционално на својот допринес.

Мојата среќа досега била да сум дел од вториот дел на компании. Освен некој повремен изолиран инцидент не би рекла дека сум почувствувала систематска полова дискриминација во мојата кариера.

Што би ги советувала младите девојки кои сакаат да изградат успешна ИТ кариера, кон што да го насочат својот фокус?
Да работат напорно, посветено и совесно. Никогаш да не престанат да учат и да се надградуваат бидејќи ИТ индустријата се движи и развива со огромна брзина.

Но, мошне поважно според мене е да бидат бестрашни, свои и да не се менуваат за да влезат во некој наметнат калап за тоа како еден ИТ професионалец треба да изгледа, како треба да се однесува, колку гики треба да биде, колку време треба да поминува пред компјутер, колку технички поткован треба да биде итн.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии