Ширење на Википедија во „глобалниот Југ”, нов и поедноставен начин за уредување, избор на википедијанец на годината, кандидатура на Википедија за светско културно наследство и конечно изоставување на Џими Велс од нашите екрани при прибирањето на донации се само некои од новините кои беа најавени на Викиманија 2011 во Хаифа, Израел. И не само тоа, Викимедија Македонија на два пати беше пофалена за користењето на друштвените мрежи во промоција на содржините од енциклопедијата.

Викиманија е најголемата конференција на википедијанците од целиот свет која секоја година се оддржува на различно место во светот. Оваа година е седмото издание на Викиманија, а домаќин на овој несекојдневен настан беше Викимедија Израел, кои ја сместија конференцијата во технолошкиот центар на Израел, градот Хаифа. На конференцијата, која траеше од 4 до 7 август,  присуствуваа околу 650 уредувачи на Википедија и поддржувачи на слободното знаење, од 56 земји. Се одржаа 125 сесии, на 5 паралелни тематски „патеки”, и бидејќи е практично невозможно еден текст да ги опфати сите нив, ќе се задржиме само на најбитните моменти.

По двата претконференциски дена, кои беа посветени на технолошки работилници и дискусии за улогите во движењето Викимедија, големото отварање на Викиманија се одржа на 4 август во Аудиториумот на Хаифа, а честа да ја има првата презентација ја имаше харвардскиот професор Јохаи Бенклер. Бенклер, кој инаку е автор на книгата Богатството на мрежите, говореше за како Википедија претставува модел за нов поглед на општествените односи, тврдејќи дека Википедија и сличните интернет проекти ја предизвикале парадигмата на „научната себичност според која главен мотиватор на човековото економско однесување е неговиот егоизам. Наместо тоа, Интернетот покажал дека соработката меѓу луѓето и алтруизмот може да бидат значајни алтернативни модел за производство на вредности.

Сју Гарднер, извршниот директор на Фондацијата Викимедија, организацијата која стои позади Википедија и останатите вики-проекти, претстави извештај за најголемите постигнувања од минатата година, меѓу кои и рекордниот број на донирани средства, над 20 милиони долари, воведувањето на рецензии за квалитетот на статиите на англиската Википедија и проектот WikiLove. Во најава се и повеќе проекти за претстоечката година, меѓу кои е и се поголемата поддршка за Википедиите и вики-проектите од „глобалниот југ” (овој термин се однесува на земјите во развој), а особен интерес предизвика најавата за нов, крајно поедноставен уредувачки интерфејс во кој корисниците нема да имаат потреба од познавање на викиформатирањето. Остатокот од денот помина во знакот на соочувањето на Одборот на доверители на Викимедија Фондацијата со публиката, која ги бомбардираше со прашања, коментари и сугестии.

Харвардски професор, Џозеф Ригл, ја анализирал историјата на енциклопедиите и останатите проекти за колекција на човековото знаење и дошол до заклучокот дека Википедија денес е многу блиску до остварување на просветителските идеали на првите енциклопедисти кои се појавиле во Франција кон крајот на 18 век. Веројатно најинтересната презентација на овој ден беше презентацијата за работата на локалните ограноци на Викимедија низ различните земји во светот, при што Викимедија Македонија беше пофалена за иновативната употреба на Facebook страната и Twitter профилот за промоција на Википедија на македонски јазик. Непосредно потоа, Кирил Симеоновски од Викимедија Македонија одржа работилница за критериумите по кои Википедиите на различни јазици утврдуваат што претставува енциклопедиска статија, а што не. Вредна за споменување е презентацијата на Wikimedia Iberocoop – регионална организација која ги обединува Википедијанците од цела Латинска Америка.

Последниот ден ги гледавме презентациите за организацијата на прославите на 10-годишнината на Википедија, кои според презентерите од Фондацијата, добиле поголем медиумски одек од родендените на Google, Amazon.com и други поголеми вебсајтови. Потоа, беше презентиран новиот модел за прибирање на донации оваа година, а презентацијата имаше индикативен наслов „Тргнете го Џими од мојот екран!”. Имено, кон крајот на оваа година, кога започнува традиционалното прибирање на средства за оддржување на серверите и останатите потреби на Википедија, наместо апелот на Џими Велс, на нашите екрани ќе ги гледаме лицата од непосредната вики-заедница. Исто така, ќе биде овозможено плаќање во повеќе валути (сепак, ќе почекаме малку повеќе за плаќање во денари).

Интересно беше и на презентацијата на иницијативата „Википедија за светско културно наследство” со која се собираат потписи слободната енциклопедија да добие статус на културно наследство под капата на УНЕСКО. Потписите и официјалната кандитатура ќе се предложи следната година, а доколку биде успешна, Википедија  за неколку години може да стане првото светско културно наследство во дигитален облик.

Завршниот збор, секако, ја имаше основачот на Википедија, Џими Велс, кој главно ја повтори својата теза дека за да се спречи трендот на стагнација на бројот на уредувачи потребно е значителен напор, како од Фондацијата, така и од ограноците, но и пошироката заедница. Исто така, изненадување за сите беше неговата најава за избор на “Википедијанец на годината”, кој оваа година му припадна на уредник од Википедијата на казашки јазик. Конечно, како на затворањето на олимписките игри, се најави следната Викиманија, која во 2012 година ќе се одржи во Вашингтон, главниот град на САД.

Како заклучок, може да кажеме дека Википедија ја чекаат многу предизвици во оваа претстоечка година, но сеуште постои огромна позитивна енергија и креативен потенцијал за да се надминат пречките во благородната мисија да се овозможи слободно знаење за секој човек на оваа планета.

(ова е гостински текст на Слободан Јаќоски од Викимедија Македонија. Текстот е објавен под Creative Commons BY-SA лиценца. Почетната слика е објавена на Flickr од Викимедија Израел.)

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии