„Шал“ е македонски краток филм снимен само со Canon 5d Mark II фотоапарат

Фотоапаратот Canon 5d Mark II стана стандард за холивудските, но и алатка за инди филмаџии да снимаат квалитетни HD филмови. Меѓу нив се и двајца млади македонски артисти Ана Јакимска и Бранко Костески кои користејќи го само импресивниот фотоапарат го снимија „Шал“, краток филм кој изгледа фантастично.

Што е „Шал“?

А. Јакимска: „Шал“ е краток наративен урбан филм кој ја допира темата на алиенацијата во модерниот град. Приказната е едноставна и извлечена од секојдневието: еден професор чека автобус седнат на клупа на автобуска постојка; една баба седнува до него и почнува разговор за најинтимните делови од нивните животи. Кулминацијата се случува во моментот кога професорот ја дознава нејзината болка и се чувствува виновен поради тоа што претходно ја избегнувал комуникацијата со неа.

Уште кога го пишувавме сценариото за „Шал“ немавме претензии со него да кажеме некоја голема филозофска вистина. Бевме свесни дека со филм кој трае помалку од 4 минути (без шпицата) не можеме да го отсликаме целото модерно општество. Но, се надеваме дека тие 4 минути сепак ќе успеат да предизвикаат некои размислувања кај публиката.

SHAWL HD from Frog And Kitten on Vimeo

.

Зошто го одбравте Canon 5d Mark II да снимате со него?

Б. Костески: Затоа што е во моментов најпристапната варијанта за да се постигне вистинската филмска естетика. Филмот, инаку, е сниман со два Canon 5d Mark II апарати.

Што е толку посебно кај овој апарат и колку сте задоволни од снимениот квалитет?

Б. Костески: Апаратот снима во HD резолуција, со поголем сензор од површината на филмската лента и има променливи објективи. Во превод, дава слика во висока резолуција, со плиток фокус и имате можност да користите фотографски објективи кои се минимум неколку пати поевтини од филмските. Малите димензии на апаратот придонесуваат за неговата мобилност и прилагодливост за снимање на терен. Задоволни сме од материјалот што го снимивме, самата фотографија изгледа и подобро отколку што очекувавме пред снимањето.

Дали имаше постпродукција и друго манипулирање на снимката?

А. Јакимска: Да, во монтажа направивме колор корекција, ги „смиривме“ топлите тонови. Филмот го снимавме на крајот на јули, во топло и сончево попладне, а ни требаше понеутрално годишно време, како пролет или есен. Со колор корекцијата го постигнавме тој ефект.

Дали би им препорачале и на други артисти да го користат овој апарат за снимање или има алтернативи?

Б. Костески: Секогаш има алтернативи. Буџетот е основниот фактор за вакви „партизански“ остварувања. Апаратот би им го препорачале на сите што снимаат без буџет, а сакаат филмот да им изгледа како да снимале со буџет. Иако фразата „без буџет“ во филмот треба да се земе со резерва.

Кажете ни малку за Вас. Што ве привлече кон филмот?

А. Јакимска: Ги сакам визуелните уметности и сакам да раскажувам приказни, а филмот е најцврстата спојка на овие две нешта. Затоа по дипломирањето на катедрата за Општа и компаративна книжевност се запишав на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Инаку, „Шал“ е мојот прв филм.

Б. Костески: Кај филмот ми се допаѓа тоа што е трајна уметност; кога ќе сработиш нешто тоа останува засекогаш. Предност на филмот во споредба со останатите уметности е тоа што приказната може да патува неограничено и може да стигне до многу широка публика. Во однос на другите уметности, филмската уметност навистина наградува.

4 коментари на “„Шал“ е македонски краток филм снимен само со Canon 5d Mark II фотоапарат

  1. Секогаш кога ќе помислам дека кај нас веќе никој не би знаел да снима и да извади добар материјал се појавуваат вакви луѓе.Браво,одлично направено

  2. Интересно и фино филмче. Но, не би се сложил со она "само" во насловот кое дава впечаток дека Canon 5D Mark II е некоја наивна алатка. Ако може епизоди од Доктор Хаус да бидат снимени со истиот D-SLR (да, верувале или не) јасно е кои се неговите можности. Впрочем, добар дел од рекламите и спотовите кои ги гледаме на тв во последно време се снимаат со него, или со Canon 7D, 60D или 550 D.

    Релативно ефтина инвестиција која во комбинација со добра оптика и добар стедикем прави чуда.

  3. Одлично! Добри кадри, добра монтажа.
    Бабата модерна, професорот хипстер (дека со шалче, де :))

    Баба ми носеше фута, месеше прекрасни пити и не паметам дека ставила кармин некогаш…

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии