Серифна или сан серифна типографија, што треба да биде мојот избор?

Милош Ристоски

во Вести

Ова е гостински текст од агенцијата за маркетинг и адвертајзинг squareONE, кој е дел од IT.mk серијалот тeкстови на тема маркетинг, дизајн и дигитални медиуми.


Честопати размислуваме за моќта на пишаниот збор, но ретко за улогата на дизајнерот во пренесување на тонот на самиот збор или реченица. Буквите, броевите и симболите се само дел од целата комуникациска магија која типографијата ја креира во нашите дизајни.

Интересна е временската вредност на типографијата, која многу децении во минатото имала својство на средство за комуникација и препознатливост на буквите и симболите во физичкиот простор. Не изненадува што типографијата е суштински дел од дизајнот, па затоа потребно е да се разбере основната „анатомија“ на типографските семејства.

Двете најголеми поделби на фонтовите се честопати и двете причини за двоумење кој тип на фонт да се искористи во одреден дизајн. Оваа поделба се однесува на категоризацијата на серифни и сан серифни фонтови.

Серифна типографија

Препознатливи уште од почетокот на 15-тиот век, овие класични фонтови се познати како серифи, по малите орнаменти на краевите на секој карактер. Најмногу се користат во принт дизајни, интернет содржината при креирање на кратки наслови, но и при употреба на медиуми кои вклучуваат страници со долга содржина. И покрај тоа што нивната популарност е препознатлива многу одамна, тие оттогаш успешно продолжуваат да владеат со кралството на фонтови.

Различните карактеристики и историјата на серифната типографија им дава на луѓето чувство на елеганција, став и доверба. Ова обично е вистински избор за компаниите кои сакаат да се карактеризираат како реномирани, луксузни и сериозни. Професионалните бизниси, како што се правните ентитети, едиторијали и осигурителни компании, се примери за кои серифната типографија би била соодветно решение.

Vogue, T-Мobile, Honda и Sony се само дел од компаниите кои се репрезентативен пример на овој типографски тип. Серифната типографија е исто така конвенционално поврзана со печатените весници, каде нејзината употреба има за цел да создаде чувство на формалност и кредибилитет. Пример за тоа е едиторијалот на The New York Times кој датира од далечната 1850 година.

Некои од позначајните примери на серифни фонтови вклучуваат Georgia, Garamond, Times New Roman, Arno Pro, Baskerville.

Сан серифна типографија

Оваа типографија создадена кон крајот на 18-тиот век комуницира сосема поинаква порака. Позната е како модерна верзија на сериф и како сет на фонтови брзо станува доминантна со масовна примена.

Додека серифните фонтови се фокусираат на прифаќање на традицијата и историјата, сан серифните имаат спротивен пристап и прифаќаат едноставен и модерен изглед. Главна карактеристика на овие фонтови е нивниот недостаток на карактеристичните орнаменти и широката употребата на едноставни, чисти линии кои се со иста дебелина. Овие линии се и главната причина што многу веб-дизајнери го користат овој стил. На овој начин, тие ја зголемуваат читливоста и прегледноста за корисниците.

Овие фонтови се сметаат за економични, чисти и модерни, па затоа се и идеален избор за логоата и насловните страни. Тие даваат чувство да се биде необичен, неформален и пријателски. Од таа причина, компаниите кои сакаат нивните брендови да се карактеризираат со ваквите епитети имаат тенденција да ги користат во развојот на своите бренд идентитети. Facebook, Adidas и Airbnb се дел од светските претставници на овој стил.

Некои од најпопуларните сан сериф фонтови се Helvetica, Open Sans, Proxima Nova и Arial.

Што треба да биде мојот избор?

Двата стила имаат своја уникатна личност и комуницираат многу различни пораки. Затоа е важно да го разберете секој стил и да бидете сигурни дека избирате фонт што се усогласува со пораката со која сакате да комуницира вашиот бренд.

Типографијата е важна за дизајнот и содржината, таа влијае на различните сетила на публиката, што ја прави психологијата на фонтови нешто што дизајнерите мора да го почитуваат. За да го изберете вистинскиот фонт за вашиот дизајн, треба да се фокусирате на пораката и емоциите на брендот. Запомнете, луѓето емотивно се поврзуваат со работите околу себе. Затоа, емотивното брендирање треба да биде нашиот главен приоритет.

Се разбира, практикувањето на основите за типографија може да ни помогнат да ја засилиме нашата игра во светот на дизајнот. И покрај тоа што треба да бидеме внимателни при изборот на фонтовите, не треба да се двоумиме да добиеме инспирација и од другите што веќе напредуваат во ова поле.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии