Сега сите сакаат да бидат ClubHouse

Image courtesy of Reddit

Најпопуларната нова друштвена мрежа ClubHouse наскоро ќе добие конкуренција. Facebook и Reddit претставија свои верзии на аудио друштвени мрежи кои ќе бидат сериозна конкуренција. Главните причини кои може да донесе проблеми за ClubHouse се заедниците кои веќе постојат на Reddit и на Facebook.

Проблем за ClubHouse е и падот на нови корисници на платформата. Секако една од причините за ова е што платформата е релативно затворена; Постои единствено на iOS и нови корисници може да се приклучат со покана од постоечките. Ова не го прави ClubHouse достапен, но разликата на преземања на апликацијата во февруари и март е значителна. Во февруари на ClubHouse му се приклучиле 9,5 милиони нови членови, во март на платформата дошле само 2,7 милиони нови членови, пренесе The Wrap.

Facebook ќе го ископира ClubHouse

Facebook веќе го најави својот одговор. Стандардно, друштвената мрежа без срам ќе ја ископира и интегрира новата функционалност. Аудио соби ќе бидат додадени како групи и како функционалност на Messenger. Засега ова е во тест фаза, но најавата е дека доаѓа насекаде до почетокот на летото. Корисниците во аудио собите ќе можат да споделат аудио разговори кои претходно ги снимиле. Покрај аудио собите на друштвената мрежа доаѓаат и поткасти.

Сепак пред било што од ова да се реализира започнува креирањето на алатки. Sound Studio е алатка која ќе им овозможи на сите корисници на најголемата друштвена мрежа да си снимаат свои аудио парчиња. Клучно засега е овие алатки да бидат супер едноставни и да можат да ги користат сите. Компанијата работи и на автоматска транскрипција на аудио содржината со помош на вештачка интелигенција.

Facebook веќе размислува и како да ја промовира идејата. Ќе биде креиран и фонд за исплаќање на креаторите аудио содржини. Платформата веќе најави и сосем нов формат за аудио содржините. Soundbites е своевидна копија на она што корисниците можат да го видат на TikTok, но овој пат како аудио содржина. Soundbites се куси аудио парчиња, со зборовите на друштвената мрежа: „мислете на: шеги, анегдоти, моменти на инспирација, поеми“.

Замислете: комичарот Дру Линч, ги споделува своите кратки нервозни испади и прегледи за храна во ASMR; Лоло Спенсер, активист за рамноправност,  рецитира инспиративни цитати; Тобе Нвигве, визионер и претприемач, ги споделува своите „разговори со Тоб“ за татковството и како е да се биде прва генерација нигериски Американец; Моли Бурк, слеп мотивациски говорник, снима приказни за надминување на тешкотиите; и Џош Сундквист, автор и комичар, користи говорни ефекти за да ги подобри своите имитации и раскажувањето приказни. Можностите се бесконечни и едвај чекаме да ги чуеме нивните звучни парчиња.

Една од поинтересните најави од Facebook доаѓа преку соработката со Spotify. Над 170 милиони корисници на Facebook веќе се поврзани со илјадници поткаст страници на друштвената мрежа. Поткастите ќе бидат достапни директно во Facebook апликацијата, а креаторите ќе можат да комуницираат директно со своите слушатели преку алатките кои им ги нуди Facebook. За слушателите оваа интеграција ќе значи дека ќе можат полесно да најдат интересни содржини.

Што се однесува баш за одговорот на Facebook кон ClubHouse тоа е Audio Rooms. Содржината ќе биде достапна најпрво во Facebook апликацијата, а потоа и во Messenger. Live Audio Rooms ќе бидат отворени за јавните личности кои сакаат да комуницираат со други јавни личности, но и со експерти, и фанови.

Facebook навести дека и оваа функционалност ќе пристигне пред почетокот на летото.

И Reddit работи на клон на ClubHouse

Facebook не е единствен кој работи на ривал на ClubHouse, и Reddit ја претстави својата платформа за аудио разговор, Reddit Talk.

„Во моментов имаме текст, слики, видео, текст разговори, стримови во живо, за да разговараме и да се дружиме со луѓето од нашата заедница. Иако ова е одличен начин за комуникација, понекогаш  има време кога аудио разговорите се покорисни, или искрено, позабавни. Затоа сакаме да се здружиме со вас за да истражиме нов начин на кој членовите на заедницата можат да разговараат помеѓу себе“.

Развојот на можност за аудио содржина е дел од power-ups програмата на Reddit од 2020, пренесе Mashable.

Како и во случајот со ClubHouse и во овој случај собите ќе бидат креирани на одредени теми. Модерирањето на целата конверзација во собите е во рацете на редиторите кои во овој случај се и модератори на содржината. Засега целата функционалност е во тест фаза.

Од она што е споделено од информации знаеме дека само модераторите на сабредит можат да започнат Reddit Talk. Потоа може да повикаат било кого да се приклучи на разговорите. Има некои специфични разлики со ClubHouse. Дел од овие се карактеристични за Reddit како емотикони, различни позадина, реакции на разговорите како ракети, вонземјани, дијамант и слично.

Една од содржините која веќе постои на Reddit и која може да има поголема придобивка од овие аудио разговори се Ask me Anything содржините кои во моментов се видеа со прашања кои се поставуваат порано. Со новиот аудио контент овие содржини можат да бидат со директна комуникација помеѓу говорниците и заинтересираните слушатели.

Покрај Reddit и Facebook, едeн од најголемите други конкуренти кој работи на слична аудио функционалност е Twitter. Платформата која ја тестира Twitter е наречена Space и треба да виде достапна насекаде овој месец.

Секако наскоро ќе видиме повеќе од овие функционалности, па ќе дознаеме и колкав навистина е интересот на корисниците.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии