Сè што треба да знаете за новиот Windows 10 Creators Update

Најновото Windows 10 Creators надополнување се одликува со бројни и долго посакувани новитети, како во поглед на изгледот и функционалноста, така и во поглед на безбедноста и гејмингот. Прочитајте за најимпресивните опции кои нѝ ги испорача гигантот од Редмонд, а и дознајте како да им ставите крај на рекламите низ оперативниот систем.

Подобра работа во ноќни услови со Night Light

Според бројни истражувања, светлината од екраните, поточно синото светло има пократка бранова должина и, како резултат, го потиснува лачењето на мелатонин – хормон кој поттикнува спиење. Да бидат работите полоши, таквата светлина е премногу јака и значително го загрозува здравјето на вашите очи. Токму поради овие причини, бројни корисници ги користат потенцијалите на f.lux, програм кој го преточува синото светло во потопли бои и, со пресликување на внатрешното осветлување, се создава илузија на поприроден сооднос помеѓу очите и екранот. Windows 10 Creators Update конечно ја донесува таквата опција директно преку оперативниот систем и ја елиминира потребата од инсталирање дополнителни софтвери како f.lux. Преку флексибилни можности за распореди, со Night Light подесувате кога, колку и на кој начин да се менува температурата на боите. За да го вклучите, упатете се на Display Settings.

Групирање плочки во фолдери

Слично на Windows Phone или Windows 10 Mobile OS, сега во Start менито можете да групирате повеќе плочки (tiles) во еден фолдер, за поефикасно организирање на ударниот простор. Таквото нешто се прави со влечење на една плочка врз друга, при што автоматски се создава фолдер во кој се вдомени и двете плочки. Доколку подоцна заклучите дека на некоја плочка не и е тука местото, лесно ја вадите од фолдерот со нејзино влечење кон надворешната површина.

Криење на листата со апликации

Секој пат кога ќе кликнете на копчето Start, левиот дел е резервиран за прикажување на инсталираните апликации, но доколку не сакате веднаш да ви се појавуваат, можете да ги скриете така што ќе отидете во Windows Settings > Personalization > Start и да ја деактивирате опцијата Show app list in Start menu. Нареден пат кога ќе кликнете на Start, ќе бидете пресретнати само со листа од плочки и фолдери, но не и апликации. За полесен пристап до апликациите директно од Start менито, треба само еднаш да кликнете на горното лево копче All apps.

Автоматско бришење на непотребни податоци со Storage sense

Storage sense е одлична опција за корисниците кои не сакаат или често забораваат да го растеретат нивниот хард диск од непотребни податоци, како привремени фајлови или работи кои ви се префрлени во Recycle bin. Оваа опција, која се наоѓа во Storage менито, навлегува во автоматизиран процес кој ги пронаоѓа таквите непотребни фајлови и ги брише од време на време. Storage sense треба рачно да се вклучи за да стапи на сила.

Нови поставки за бои и теми

Наместо 49-те претходно одредени бои за изгледот на Windows 10, сега имате на располагање опции за рачно подесување на каква било нијанса, а имате увид и во претходно избраните бои за да лесно се навратите на претходната најдобра опција, доколку експериментирањето со боите заземе катастрофална насока. Темите за вашата работна површина сега ги наоѓате преку Windows Settings > Personalization > Themes, а за полесно откривање на нови теми, можете да се упатите и преку специјализираниот оддел во Windows продавницата (сите теми се бесплатни).

Windows Defender Security Center ги обединува сите безбедносни опции под еден кров

Со Creators Update, сите безбедносни опции се префрлени во еден центар, наречен Windows Defender Security Center, а преку него добивате пристап до:

  • Заштитата против вируси и други закани,
  • Здравје и перформанси на направата,
  • Заштита на мрежата и firewall
  • Контрола врз апликации и прелистување
  • Семејни опции

Дополнително, од безбедносниот центар имате пристап и до опцијата Fresh Start, која ви дозволува да го избришете Windows и одново да започнете со свежа копија.

Потенцијално решение за сите проблеми од една појдовна дестинација

Секој пат кога ќе наидете на некој проблем (нема звук или пристап до печатач/ Bluetooth направа),  би можеле да побарате помош од Troubleshooting одделот. Со најновото надополнување, сите такви водичи се пристапуваат од Windows Settings > Update & Security > Troubleshoot.

Подобрени перформанси при играње со Game Mode

Game Mode е дополнителен труд од страна на Microsoft подобро да се оптимизираат игрите така што се отсекува пристапот до ресурси кои се непотребни за време на играта и се врши приоритизација на ресурсите за извлекување повисоки перформанси при играњето. Game Mode работи и со Win32 и со UWP игрите, но за да се искористат неговите потенцијали, потребно е рачно да го активирате за секоја ново-покрената игра преку Windows копчето + G, кликнување на копчето Settings и избирање на опцијата enable Game Mode. Ова се прави само еднаш за секоја игра која по прв пат ја покренувате. Имајте предвид, меѓутоа, дека Game Mode не прави никакви чуда и иако знае да ги подобри перформансите, сепак компаративните резултати се далеку од импресивни.

Флексибилно стримување со Beam

Вградената алатката за стримување, Beam ја елиминира потребата за дополнителни софтвери и нуди проширени можности за интеракција со вашата публика во реално време. Или со зборовите на Microsoft, со Beam „не само што ги гледате вашите омилени стримови туку и можете да четувате, да стапувате во интеракција и да земате учество во најразлични активности со стримерите и заедницата на целосно нови начини.“

Повеќе за гејминг новитетите преку следново видео:

Тродимензионална едноставност со Paint 3D

Paint 3D e апликација која ви дозволува да креирате едноставни 3D уметнички, ахем, дела со основен арсенал од алатки за остварување на таквата потреба. За креативна соработка и размена на знаење, сајтот Remix3D.com ви дозволува да преземате и споделувате 3D креации.

Напредно прелистување со Microsoft Edge

Прелистувачот на Microsoft не само што е побрз и троши значително помалку батерија, туку и ви дозволува да тргнете на страна серија од претходно отворени страни за лесно да им се навратите подоцна. Згора на ова, имате директно прегледување на сите отворени страни преку засебни прозорци, читач за е-книги (кои не се продаваат во Македонија), како и природна поддршка за гледање Netflix во 4К резолуција.

Останати новитети се можноста во слика-во-слика (picture-in-picture) како би можеле, на пример, да гледате филм и да ја надгледувате вашата работа во исто време, динамично заклучување на вашиот компјутер секојпат кога со Bluetooth направа (телефон, слушалки) ќе се оддалечите од него, како и подобрени опции во приватноста за поголема транспарентност.

Збогум за бројните реклами низ Windows 10

Windows 10 Creators надополнувањето го продолжува трендот со имплементирање алгоритми за агресивно рекламирање на крајно неочекувани места, како во File explorer-от, при заклучување/отклучување на екранот, во старт менито, во прозорецот при споделување податоци, во центарот за акции и многу повеќе. За да ја запрете ваквата пракса, следете ги следниве чекори.

  • File Explorer

Отворете го File Explorer-от и одете на View > Options > Change folder and search options. Од тука кликнете на View табот и исклучете ја опцијата sync provider notifications checkbox, па кликнете на Apply/OK.

  • Lock Screen

Преку Windows Settings и Personalization > Lock Screen изберете или Picture или Slideshow за да ви се појави Get fun facts, tips, and more from Windows and Cortana on your lock screen. Ова е опцијата која треба да ја исклучите.

  • Start Menu

Windows Settings > Personalization > Start, па деактивирање на опцијата Occasionally show suggestions in Start.

  • Share Dialog

File Explorer и изберете Share. Од тука, кликнете на кој било фајл за да ви се активира копчето Share во горниот лев агол. Кликнете на тоа, па десен клик на една од апликациите за да можете да дештиклирате Show apps suggestions.

  • Action Center

Преку старт менито пребарајте Notifications & actions settings и исклучете ја опцијата Get notifications from apps and other senders. Одете подолу и направете го истото со Show me the Windows welcome experience after updates and occasionally when I sign in to highlight what’s new and suggested. Кога сте веќе тука, направете си услуга и запечатете иста судбина и за Get tips, tricks, and suggestions as you use Windows така што ќе ја изберете опцијата off.

  • Office 365 претплата

Една од поагресивните рекламирања е и преколнувањето да се претплатите на Office 365. За да ставите крај и на ова, одете на Windows Settings > System > Notifications & Actions, најдете ја областа Get notifications from these senders и за Get Office изберете ја опцијата off. Ако од понудената листа сте скарани со некоја друга апликација, направете го истото.

Кој новитет со Windows 10 Creators Update најмногу ви се допадна? Ќе стримувате ли со Beam? Ќе растурате ли со Game Mode? Ќе ја негувате ли вашата аспирација за идниот Пикасо со Paint 3D? Кажете нѝ во коментарите или на социјалните мрежи. 😊

 

1 коментар на “Сè што треба да знаете за новиот Windows 10 Creators Update

  1. f.lux е сепак подобра варијанта, nught time ја ѓенува топлината на екранот наеднаш и изгледа неприродно, ф.лукс има можност постепено да ја менува бојата од зајдисонце при што не се забележува и очите се привикнуваат на новите бои

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии