Сè што знаеме за македонската игра Skopje

Најверојатно се сеќавате на македонското студио Dark-1 по брутално предизвикувачката игра Odium to the Core. Играта е феноменално достигнување за кое не штедевме пофални зборови во нашата рецензија. Пред само три дена дознавме дека играта конечно станала достапна и на Google Play, но од Dark-1 не дозволуваат тоа да се ударни вести неделава и, набргу по тоа, го објавија трејлерот за нивната нова игра – Skopje!

Skopje ќе се одликува со краеви кои директно ќе зависат од вашиот стил на играње

Skopje е пукачка игра во прво лице со roguelite елементи и гејмплеј кој се заснова на нелинеарно истражување на светот. Иако за играта не знаеме многу, од Dark-1 ветуваат дека ќе нѝ дозволат да истражуваме град кој е фрлен во безредие и е под константна опсада од мутирани суштества. За ефикасно справување со суштествата, ќе собираме најразлични материјали, ќе го надградуваме нашиот лик и ќе возиме автобус кој служи и како пренослива база на операции и како ефикасно засолниште од кошмарите кои демнеаат зад секое ќоше.

Секојпат кога ќе бидете убиени во играта, ќе започнете одново во автобусот

Точниот датум на излегување на Skopje е непознат, но играта првин ќе излезе како дел од раниот пристап на Steam. Се предвидува на играта да се работи најмалку две години, пред да се исфрли финалната верзија. Моментната верзија на Skopje е само 25% завршена. Кога ќе излезе како Early Access, играчите ќе можат да истражуваат, собираат плен, да го возат автобусот, да користат најразлични оружја за справување со најразлични непријатели, да создаваат и користат предмети, како и да отклучуваат бројни пасивни и активни способности.

Градот се менува со секоја нова игра, непријателите се на различни локации, а пленот е различен

На подалечна стаза, девелоперите од Dark-1 имаат амбициозни планови за нивното чедо. Финалната верзија на Skopje ќе се одликува со значително поголема област, раздлабочена приказна, нови оружја, непријатели, способности, како и подобрена и оптимизирана графика. Паралелно со ова, Skopje е планирана да дозволи ко-оп со до четири играчи, нешто што инстантно посакавме да е можно откако забележавме колку графиката потсетува на серијалот Borderlands.

Подразбирливо, за архитектурата во Skopje се влече инспирација од нашиот главен град

На хартија, Skopje изледа како феноменална игра. Dark-1 е студио кое веќе се има докажано со нивната прва игра, но Skopje е неспоредливо поамбициозен проект од Odium to the Core. И покрај ова, ако во нешто се добри Dark-1 тоа е во покажување спартански резерви на истрајност и, со текот на времето, сигурни сме дека ќе успејат во остварување на нивната цел. До тогаш, нетрпеливо го исчекуваме моментот за нашето навлегување во ретро-футуристичкиот град.

Следете ги Dark-1 на Facebook, Twitter, или YouTube!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии