Се што треба да знаете за новиот iOS 8

Apple го најави iOS 8 и како и сите претходници оперативниот систем е најавен како „подобра и поголема промена од сите претходни“. За почеток, центарот за нотификации на iOS ќе доживее промена, и ќе доаѓа со можност веднаш да се одговара на порака. Ова ќе биде овозможено со едноставно повлекување надолу и тоа од сите екрани заклучно со екранот за заклучување. „Swipe down“ ќе биде и команда за враќање назад во Inbox додека пишувате имејл, а враќањето назад кон пораката е овозможено со допир на дното на екранот.

Оперативниот систем доаѓа со нова верзија на тастатурата која, на радост на корисниците кои го бараа ова, конечно ќе овозможи сугестии. QuickType ќе ги бара зборовите кои одговараат разбирајќи го контекстот, па дел од предложените зборови ќе бидат зборови кои веќе корисникот ги напишал. При предвидувањето тастатурата има и во предвид и со кого разговарате, се со цел да понуди порелевантен предлог на збор. Односно QuickType нуди различни сугестии доколку разговарате со одреден пријател, девојката/момчето или директорот. Новитет е што Apple ќе им дозволи на девелоперите да креираат различна тастура, што можеби ја најавува Swype на iPhone, откако веќе се појавија вакви шпекулации. Освен ова, компанијата ќе ги издаде API за камерата и ќе овозможи девелоперите да го користат TouchID.

iOS 8 ќе добие и нова Photo апликација која ќе се поврзе преку iCloud и ќе овозможи сите фотографии да бидат достапни преку сите различни уреди. Додаден е и подобар пребарувач на фотографии. Со iCloud Drive ќе се дозволи да се користат различен вид на документи преку различни уреди, дури и преку PC.

И најпопуларниот сервис на Applе, iMessages ќе доживее промена. Новитет се аудио пораките кои корисниците сега можат да ги испраќаат преку сервисот. Слично како Snapchat корисниците сега можат да изберат пораките да се бришат по поминато време. Подобрени се и групните пораки каде корисниците сега можат да изберат име за раговорот, но и да одберат „не ме вознемирувај“ за секој контакт посебно.

Нова функција која доаѓа на iOS и OS X е Continuity, што е речиси како синхронизација, со таа разлика што овозможува веднаш да се префрлите од еден уред на друг. На пример доколку пишувате порака на Mac, во долниот лев агол на iPhone-от ќе се појави иконa која веднаш ќе ве префрли на пораката, истото важи за сите уреди од Apple. Корисниците на iPhone кои поседуваат и некој од Apple компјутерите ќе можат да одговараат на телефонските повици директно преку својот Mac доколку телефонот им е предалеку.

Конечно Apple откри кој е нивниот план за „интернет на нештата“ и за сега изгледа немаат намера да изработуваат уреди. Сепак компанијата ќе обезбеди платформа HomeKit, која ќе можат да ја користат сите компании кои изработуваат паметни уреди и апликации за iPhone за управување со нив. Целта на HomeKit е да се стави некаков ред, пред се кога е во прашање мрежниот протокол и безбедноста. А компанијата соработува со повеќе партнери кои изработуваат паметни уреди.

Еден од најизвесните новитети е HealthKit, нова здравствена апликација од Apple. HealthKit ќе биде своевиден центар за сите фитнес и медицински апликации и ќе ги собира податоците од сите апликации инсталирани на телефонот, со што ќе овозможи да бидат достапни на едно место. HealthKit нема да биде единствено за девелоперите, туку и за здравствените установи и медицинските институции.

„Hey Siri“ е задоцнетиот одговор на Apple на „Ok Google“. Гласовната команда овозможува конечно Siri да може „асистира“ без корисниците на iPhone да го држат телефонот во рацете. Отсега корисниците ќе можат и да купуваат содржини од iTunes со помош на асистентот, а најавени се и дополнителни 22 јазици на кои може да и се диктира на Siri.

Family Sharing е нова функција за уредите од Apple која овозможува сите уреди регистрирани на една платежна картичка автоматски да ги споделуваат музиката, филмовите, книгите, календарите и слично. Истовремено Family Sharing треба да биде лек и за проблемот на сметки кои ги прават децата преку кредитните картички на родителите, бидејќи одсега родителите ќе мора да дадат потврда за купувањето. Сепак воведувањето на Family Sharing e лоша вест за тинејџерите бидејќи овозможува и следење на уредите.

За жал не станува збор единствено за добри вести. Со излегувањето на iOS 8 застарен ќе стане iPhone 4. Најстариот модел кој ќе може да биде надграден на оперативниот систем ќе биде iPhone 4S. Според првите најави iOS 8 доаѓа наесен.

[youtube]i8Cx4_yTAfU[/youtube]

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии