Се подготвува нов закон за електронско управување и е-услуги, набрзо и за е-трговија

Министерството за информатичко општество и администрација во ноември 2016-та година, при анализирање на  законските регулативи со цел започнување на проектот Регистар на население преку ИПА2012 фондовите на Европската Унија, има констатирано дека законот за електронско управување, кој е донесен во 2009 година е потребно да се замени со целосно нов закон. Со таа цел, го има подготвено новиот нацрт Закон за електронско управување и електронски услуги.

Според Нацрт Извештајот за проценка на влијанието на регулативата, кој е достапен на следниов линк, законот има за цел да поттикне користење на електронски услуги.

Нацрт Законот е подготвен од страна на работна група создадена од МИОА, во која имаат учествувано службеници од министерството, МВР, Министерство за правда – Управа за водење на матични книги, Државен завод за статистика, Министерство за труд и социјална политика, ДЗЛП и Дирекција за безбедност на класифицирани информации. Во документот се напоменува дека покрај работната група, одржани се и консултации со релевантни претставници.

Со овој закон се обезбедува ефикасно и ефективно спроведување на надлежностите на органите кои обезбедуваат услуги за физичките лица по електронски пат, а врз основа на утврдени стандарди и процедури. – стои во објаснувањето на целта на законот.
Според информациите со кои што располагаме, во подготовки е и нов нацрт закон за е-трговија на којшто работи министерството, а од страна на НБРМ се разгледува и можност за менување на дополнителни регулативи кои ќе го олеснат функционирањето на fin-tech компаниите во Македонија.

Што содржи новиот Нацрт закон за електронско управување и електронски услуги?

Новиот  закон за електронско управување и е-услуги ја уредува работата на министерствата, другите органи на државната управа и организациите утврдени со закон и други државни органи, како и единици на локална самоуправа при размена на податоци и документи во електронска форма, односно остварување на електронски услуги, кога тоа е утврдено со закон. Законот ги опфаќа и судовите и обвинителствата, како и правните лица на кои што со закон им е доверено да вршат јавни овластувања и услуги од јавен интерес, односно компании од областа на образование, здравство, финансии, банкарство, осигурување, енергетика и водоснабдување, електронско комуникации, поштенски услуги и комунални услуги.

Законот за електронско управување и електронски услуги, ги уредува и прашањата за воспоставување и функционирање на Национален портал на услуги, Каталог на услуги и Една точка за услуги.
  • НАЦИОНАЛЕН ПОРТАЛ ЗА УСЛУГИ е електронска платформа преку која се овозможува користење на електронските услуги, до која платформа се пристапува со користење на информатички технологии врз основа на логички поврзани процеси,
  • КАТАЛОГ НА УСЛУГИ за целите на овој закон претставува единствена дата база на услуги, во кој се јасно и недвосмислено утврдени: надлежниот орган што ја обезбедува секоја поединечна услуга, законот од којшто произлегува услугата и надлежноста на органот, условите коишто е потребно да бидат исполнети за користење на секоја поединечна услуга, како и доказите коишто се потребни за користење на конкретната услуга, врз основа на закон,
  • ЕДНА ТОЧКА ЗА УСЛУГИ претставува административна канцеларија која овозможува пристап до услуги на повеќе надлежни органи и во која може да се подигнат акти донесени од надлежните органи за кои е наменета административната канцеларија, а за кои услуги претходно е поднесено барање од страна на корисник на конкретна услуга којашто ја обезбедува надлежен орган во согласност со закон. Единствената точка за услуги обезбедува и информативни сервиси за различни видови на услуги кои ги обезбедуваат надлежните органи за населението во Република Македонија.

Целиот Нацрт на законот може да го прочитате на следниов линк.

Она што е исто важно е дека е дадена можност да се коментира на законот со било какви забелешки. Преостанатото време за коментирање, во моментот на пишување на овој текст е 16 дена.

За коментирање на нацрт законот, посетете го сајтот на Единствен Национален Електронски Регистар на прописи на Република Македонија.