На 2-ри јуни се одржа финалната рунда на CodeFu и со тоа заврши овогодинешното издание на натпреварот. На финалето учествуваа 27 студенти и 4 средношколци кои имаа можност да ги покажат своето знаење и вештини. Победник на натпреварот е Љупче Милошевски кој успеа да освои 1225 поени од вкупно 1500 поени. Второто место е за Александар Деспотовски, а третото место е за Давид Симеоновски. Во конкуренција на средношколци првото место го освои Андреј Величковски. За натпреварот зборувавме со организаторите, Панче Чавковски и Иван Секованиќ.

Кои се вашите впечатоци од годинешниот CodeFu?

Како организатори сме задоволни од целосниот настан. Покрај тоа што натпреварувачите покажаа одлични вештини, логистичките и организациските предизвици ги завршивме без никакви проблеми, што придонесува до успешно CodeFu издание, 13та година по ред. Се надеваме дека ова позитивно искуство го делат и натпреварувачите.

Колку натпреварувачии земаа учество?

Во финалната рунда вкупно се сретнаа 31 натпреварувач. Оваа година направивме една мала промена на правилата и воведовме можност и средношколци учествуваат во финалето. Така, имавме 27 студенти и 4 средношколци кои се натпреваруваа во две засебни групи.

Колку од нив го завршија предизвикот?

Оваа година никој не успеа да ги реши целосно сите 5 проблеми и да освои 1500 поени. Иако вкупно 6 натпреварувачи пратија решенија за сите задачи, натпреварувачот со најдобриот пристап ги победи сите останати и го зема првото место со 1225 поени.

Кои беа задачите и проблемите на кои работеа?

Наједноставно овде би било да се прегледаат задачите во секцијата на вежбање на codefu.mk. Кратко сумирано, овогодинешната тематика ни беше поврзана со дронови. Најлесните проблеми беа најкратки дистанци во една или две насоки на патување, понатака краток алгоритам за пакување односно “ловење” на дронови, до потешките задачи каде требаше да се оптимизираат движења со комплицирани правила, градења на дрва и графови и комбирање на повеќе техники за добивање на крајното решение.

Со оглед на тоа дека овој настан се одржува традиционално веќе подолг период може ли да направите споредба за подготвеноста и знаењето на учесниците, а со тоа секако и за подготвеноста на девелоперите?

Подготвеноста на натпреварувачите е веќе во продолжен раст неколку години. Овде спаѓаат и студентите и средношколците. Ние секако сме среќни со тоа и сакаме ова да продолжи, без разлика што секоја година ни е сѐ потешко да смислиме доволно тешки задачи :).

Она што може да се подобри секако е бројноста. Во наредниот период ние ќе работиме на неколку идеи за да ја направиме платформата поатрактивна и попристапна за поголем број на студенти и средношколци. Иако концептот е сепак натпревар во програмирање, самото учествување и вежбање на вакви проблеми директно ги прави натпреварувачите подобри програмери во иднина.

Кое е вашето мислење, на што се должат овие промени?

Прво секако е сè поголемиот број на ИТ студенти во државата. Наредно, гледаме зголемен ангажман од средните училишта и од други институции за воведување и практикување на оваа тематика. И на крај, на интернет има сѐ повеќе вакви платформи, има доста отворени материјали за учење и места за вежбање што го прави алгоритамското натпреварување многу попристапно.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии