Се кршат копја за регулирање на онлајн медиумите и блогерите

Иако веб порталите и блоговите постојат повеќе од дваесет години, македонските власти сè уште се мачат да ги дефинираат за да ги вметнат во Законот за медиуми. Но, можеби веќе не е прашање што се овие сајтови, туку дали воопшто треба да се регулираат?

Новинари, уредници и експерти за медиуми се собраа на средба организирана од Центарот за развој на медиуми, да дискутираат за медиумското законодавство, и да најдат начин како да се воспостави ред помеѓу македонските медиуми. На маса се ставени два предлога – регулирање со закони или само-регулирање за кое треба да постои голема волја кај медиумите. Проблемот сепак е комплексен, бидејќи сите се согласуваат дека новинарството е загубено помеѓу портали платени од политички субјекти да шират пропаганда, до портали водени од непознати лица кои не почитуваат стандарди, до блогери кои се обидуваат да бидат сфатени посериозно, до нови медиуми и граѓански новинари, па сé до, нели, професионалните медиуми во кои работат дипломирани новинари.

Целта е да се најде решение со кое ќе се изедначат правата на секој медиум или блогер кој ќе ги почитува новинарските принципи и интернет етиката; но и да се стави крај на несериозното објавување на глупости само со цел да се привлече некој огласувач, дури и по цена на дезинформирање на јавноста.

Едната насока е регулирање со закон, но тука проблемот е како ќе дефинирате што е онлајн медиум, што е блог, што е друштвена мрежа, што е апликација преку која може да се споделуваат информации. Како ќе регулирате нови сервиси како Twitter преку кои новинарите известуваат, или чет апликации преку кои се објавуваат актуелни новости? Советот на Европа вели дека постојат критериуми за дефинирање на медиумите. Ако еден сајт има намера да дејствува како медиум, има систем за уредничка контрола, ги почитува професионалните стандарди, има досег до поголемата јавност и има очекувања од јавноста – тогаш може да се дефинира како медиум и да подлежи на Законот на медиуми. Но, од тој закон беа отстранети дефинициите за онлајн медиуми бидејќи тие станаа нејасни електронски публикации кои може или не може да објавуваат вести. Изоставувањето од законот ги ослободи од одговорност порталите да не ги почитуваат високите стандарди, и ги ограничи сите други кои сакаат да се натпреваруваат со другите офлајн медиуми во потрага по информациите.

Можеби дефинирањето на што е онлајн медиум е залуден обид да се измислуваат нови закони за да се регулира нешто што веќе се регулира. Меѓународниот експерт за медиумско право, Бојко Боев, кој беше гостин на средбата, неколку пати спомна дека медиумите треба да се третираат како бизнис, бидејќи тие се однесуваат кон својата публика како и другите компании. Тие прават пари од својот продукт и законски функционираат како компанија, иако имаат поголема одговорност бидејќи преку информирањето на вестите имаат поголемо влијание врз јавноста. Ако ги земеме пример блоговите, во светот постојат еден куп блогови кои прераснаа во портали со мултимилионска публика, за подоцна да се претворат во комплетни брендови што имаат и свои продукти. Интеграцијата на старите медиуми и новите сервиси го овозможува ова, и мислам дека нема потреба да се дефинира и регулира начинот на кој функционираат медиумите се додека тие се регулираат како бизниси. „Медиумите не мора да се дефинираат“, вели г. Боев, „Тоа се само препораки од Советот на Европа, не и правило“. Но, ако се третираат како бизниси за кои постојат строги правила, главно преку плаќање на данок, и ако се побара транспарентност во финансирањето тогаш тоа ќе им даде доверба на публиката да побара одговорност за содржината, и заштита за новинарите.

Сепак не треба да се заборави за ниту еден момент дека зборуваме за Македонија во која, за жал, медиумите, со чесни исклучоци, се поделени на два табори – едни кои работат за власта, и едни против неа. Објективноста е реткост, а финансирањето е селективно бидејќи се плаќа пропагандата. Злоупотребата на медиумите е главниот аргумент на противниците на законското регулирање на медиуми – ако им се даде законска основа на властите да регулираат медиуми, тогаш им давате слобода да цензурираат. Интернет неутралноста сè уште не е ставена за дебата, но има случаеви каде македонските интернет провајдери ограничуваат пристап до одредена содржина по наредба на власта. Забраната за онлајн обложување на странски сајтови е преседан во Македонија за блокирање на пристап до сајтови, но не е изненадувачки.

Тоа што останува сигурно е дека дебатата за онлајн медиуми треба да продолжи. На Македонија и се потребни медиуми кои ќе известуваат професионално, без разлика дали тие новинари тоа го прават од редакција со десетици новинари, преку блог или друштвена мрежа.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии