Samsung со три години надградби, наместо две, за некои уреди

Доколку го следите пазарот за паметни телефони, или пак го читате подфорумот за Samsung паметни телефони, веројатно сте приметиле дека една од најчестите работи за кои се жалат корисниците е фактот што Samsung ви нуди само две години софтверски надградби, и тоа кај нивните најдобри уреди од Galaxy S и Galaxy Note серијата. Иако кај поефтините уреди, ова можеби и не е толку лошо, работите се малку поинакви кога имате хардвер кој со сигурност може да издржи понов софтвер.

Samsung најпосле почнаа да ги слушаат своите корисници, и при најавата на новиот Note 20 и Note 20 Ultra, најавија и дека некои од нивните хардверски помоќни уреди одсега ќе добиваат по три години надградби, наместо две. Ова значи дека наместо две, сега ќе имате три големи надградби на Android оперативниот систем, а за работите да се уште поубави, ова важи и за некои уреди од минатата година, како и некои уреди од средниот ранг, а еве и целосна листа на уреди:

  • Galaxy S модели: Galaxy S20 Ultra 5G, S20 Ultra, S20+ 5G, S20+, S20 5G, S20, S10+, S10 5G, S10, S10e, S10 Lite, како и идни Galaxy S уреди
  • Galaxy Note модели: Galaxy Note20 Ultra 5G, Note20 Ultra, Note20 5G, Note20, Note10+ 5G, Note10+, Note10 5G, Note10, Note10 Lite, како и идни Galaxy Note уреди
  • Galaxy Fold модели: Galaxy Z Fold2, Galaxy Z Fold2 5G, Z Flip, Z Flip 5G, Fold, Fold 5G, како и идни Z модели
  • Galaxy A модели: Galaxy A71, A71 5G, A51, A51 5G, A90 5G, како и идни Galaxy A модели
  • Таблети: Galaxy Tab S7+, Tab S7+ 5G, Tab S7, Tab S7 5G3, Tab S6, Tab S6 5G4, Tab S6 Lite, како и идни Tab S модели

Покрај ова, од Samsung уверуваат дека ќе продолжат со надградби во склоп со можностите на хардверот. Но, исто така и предупредуваат дека достапноста на овие надградби може да варира во зависност од пазарот.

Една работа која треба да се има на ум е дека и покрај фактот што некои уреди гарантирано ќе добијат три години надградби, тоа воопшто не мора да значи дека надградбите ќе ги добиете веднаш штом новата верзија на Android стане достапна. Секако, доколку се навратиме на минатите неколку генерации на Galaxy S уреди, ќе приметиме дека Samsung се сé побрзи во овој поглед, па чекањето не би требало да е големо. Доцнењето со вакви надградби не е проблем со кој се соочува само Samsung, но работите стануваат подобри во изминатиов период, па се надеваме дека ова ќе се смени на подобро во краток рок.  

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии