Samsung со нови уреди од Galaxy Book серијата

Иако првата половина од годинава сеуште не е ни близу до завршена, од Samsung досега добивме три Galaxy Unpacked настани. На првите два беа најавени Galaxy S21 уредите, во јануари, како и Galaxy A уредите во март. На овој последен настан, во април, од компанијата најавија неколку лаптопи кои се дел од Galaxy Book серијата.

Целата серија на лаптопи е наменета да им обезбеди на корисниците тенок и лесен уред, наменет за секојдневна употреба, со можност за интеграција со останатите производи од Samsung, вклучително и производите за паметен дом од SmartHome серијата. Па, да ги разгледаме новопретставените уреди, и да видиме што точно Samsung нуди за корисниците.  

Извор: Samsung

Galaxy Book Pro

Galaxy Book Pro моделот е изработен во соработка со Intel и Microsoft. Доаѓа со дисплеј со 13 инчи дијагонала, и со тежина од само 861 грам, е еден од најлесните уреди во категоријата. Исто вреди да се спомне и дека уредот е дебел само 109 милиметри, што го прави и еден од најтенките. Фокусот на преносливост е и повеќе од очигледен. Доколку пак, ви треба нешто поголемо, уредот е достапен и со 15.6” дисплеј со истата резолуција.

Но, и покрај самата тежина и дебелина, фактот што лаптопот е изработен од алуминиумска легура овозможува истиот да остане изненадувачки цврст. Сепак, според Digitaltrends, минимално виткање е возможно кога пишувате на тастатурата.

Извор: TechCrunch

Соработката со Intel е најочигледна кога станува збор за перформансите, но и селекцијата на порти. Кога станува збор за хардверот внатре, имате опција помеѓу Core i5-1135G7 и Core i7-1165G7 процесор, двата од 11та генерација на Intel. Исто така, лаптопот доаѓа со 8 или 16 гигабајти RAM меморија и SSD диск од 256 или 512 гигабајти.

Надвор, добивате Thunderbolt 4 порт, како и USB-A, 3.5mm порт за слушалки, и HDMI порт – комбинација која според многу производители е невозможна во толку тенок уред. За корисникот, ова овозможува поврзување со дополнителни уреди без потреба од адаптери.

Уште една значителна карактеристика кај Galaxy Book Pro е и дисплејот. Добивате 13 инчен AMOLED панел со резолуција од 1920 x 1080, што би требало да е позитивно кога станува збор за траењето на батеријата. Самата резолуција е повеќе од доволна, а не радува и фактот што ова и не се толку скапи уреди, а сепак имаат AMOLED панели. За жал, додека повеќето конкурентни уреди нудат 4K опција, и одат со 16:10 сооднос на страните за повеќе вертикален простор, кај Samsung не добивате ниту една од овие работи.

За секојдневниот корисник кој бара тенок и лесен лаптоп, ова звучи како сосем солидна опција.

Galaxy Book Pro 360

Доколку пак, барате 2 во 1 уред кој доаѓа со Samsung Stylus и можност да го користите како таблет, малку поскапиот Galaxy Book Pro 360 е вистинскиот избор за вас. Истиот доаѓа само со Core i7-1165G7 процесор, но и побрза 5G конекција. Покрај ова, имате и опција да одите до 1TB SSD диск. Единствениот компромис е недостатокот на HDMI и USB-A порти кои ги има на обичниот Galaxy Book Pro. Но ако ви треба 2 во 1 уред, ова е компромис со кој ќе мора да се справите.

Извор: Notebookcheck

Galaxy Book Odyssey

Веројатно најголемото изненадување од настанот беше Galaxy Book Odyssey. Уредот е наменет за гејмери, а од Samsung го најавија како најмоќниот Galaxy лаптоп досега. Покрај Intel Core i7 процесор од 11та генерација, лаптопот доаѓа со Nvidia GeForce RTX 3050 Max-Q, или RTX 3050 Ti Max-Q графичка картичка, и со тоа е и првиот лаптоп најавен со истите.

Добивате можност истиот да го конфигурирате со максимум 32 гигабајти RAM меморија, што би требало да е и повеќе од доволно, како и максимум 1TB NVMe SSD драјв. Дисплејот има дијагонала од 15.6 инчи и доаѓа со резолуција од 1920 x 1080.

Извор: SamMobile

Кога станува збор за поврзување, имате Wi-Fi 6, како и Bluetooth 5.1, и сосем солидна селекција на порти. Има два USB Type-C портови, еден од кои ќе ви треба за 135W полначот кој го добивате, како и три USB 3.2 портови, HDMI, Ethernet и читач за microSD мемориски картички. Дополнително, добивате и разочарувачка 720p веб камера, што е аспект за кој сметаме дека Samsung можеле и многу подобро.

За жал, иако на хартија лаптопот изгледа сосема солидно, за најавената цена ($1,399) има многу конкуренција. Покрај тоа, кога станува збор за посериозни сценарија, лаптопите со AMD процесори од 4та генерација и наваму неретко нудат многу повеќе за парите, што значи дека Galaxy Book Odyssey има тежок предизвик доколку од Samsung сакаат уредот да е успешен.

1 коментар на “Samsung со нови уреди од Galaxy Book серијата

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии