Samsung Galaxy S20 – Што може да се очекува?

Андреј Хаџи-Василев

во feature, Мобилни

Image Courtesy of Samsung.com

Иако Samsung има две флегшип серии, Galaxy Note и Galaxy S, несомнено е дека Galaxy S моделите се оние кои се наменети за секојдневниот корисник кој не сака компромиси, но и нема потреба од фамозното пенкало на Samsung кое е ексклузивно за Galaxy Note серијата. Веројатно токму поради тоа и има огромен број на шпекулации и претпоставки за тоа како ќе изгледа, и што ќе добиеме од хардверски аспект, со новиот Galaxy S телефон.

Samsung ќе ги претстави уредите на 11-ти февруари, а иако нема официјална изјава, се очекува да бидат пуштени во продажба на 6-ти март. Една голема промена која се очекува е Samsung да направи промена во именувањето, па така наместо S11, ќе добиеме S20. Причината е проста – конзистентност со другите серии на Samsung кои ја следат таа номенклатура.

Galaxy Unpacked настанот на 11-ти февруари

Иако има уште неколку дена до официјалниот датум, во моментов со голема сигурност е познато како ќе изгледаат уредите кои Samsung ќе ги претстави, како и што може да се очекува. Ова е се благодарение на инсајдери како Max Weinbach и Ishan Agarwal, кои имаат солидна репутација за точни податоци во минатото.

Galaxy S20 и Galaxy S20+

Наследниците на Galaxy S10 и Galaxy S10+ се очекува да дојдат со мали хардверски промени во однос на претходната генерација. Се очекува двата уреди да имаат ист хардвер – Exynos 990 или Qualcomm Snapdragon 865, во зависност од пазарот, како и 12 гигабајти RAM и 128 гигабајти интерна меморија.

Споредено со претходната генерација, ќе има и неколку разлики во дизајнот. Напред, уредите се очекува да ја наследат позицијата на камерата од Note 10, и таа да дојде на средина наместо во десниот ќош како што беше случајот со S10 серијата. Позади, наместо сите камери да се на средина, ќе бидат сместени во левиот горен ќош. Очекуваме двата уреди да дојдат со IP68 рејтинг кој потврдува привремена водоотпорност до 1.5м под вода.

Galaxy S20 / Twitter @OnLeaks

Екранот е една работа во која ќе се разликуваат обичниот телефон и плус варијантата. S20 ќе доаѓа со 6.2 инчен екран, додека S20+ ќе има 6.7 инчен екран. Резолуцијата на двата ќе е идентична, 3200×1440, што значи дека помалиот уред ќе има нијанса поостра слика (563PPI наспрема 525PPI). Она што е голем напредок е што се очекува екраните да се 120Hz, со што би се добило значително помазно искуство споредено со 60Hz моделите на кои сме навикнати денес. Двата екрани ќе се Dynamic AMOLED.

Од аспект на камерите, уредите се скоро идентични. Имаме по три камери назад, и една напред, со таа разлика што S20+ додава и Time of Flight сензор кој користи инфрацрвено светло за да ја добие длабочината на сликата. Камерите се очекува да се со главен сензор со 12MP, ултраширок со 12MP, како и 3x оптички зум со 64MP. Предната камера кај двата модели ќе биде 10MP. Има големи шанси да добиеме големи напредоци во областа на видео, со што задната камера ќе добие можност за 8K видео со 30FPS, додека предната ќе е ограничена на 4K видео, но со 60FPS.

Батеријата е последната разлика, при што S20 ќе има 4000mAh батерија, додека поголемиот S20+ ќе има 4500mAh. Со оглед на разликата во големина на екран, како и помазните екрани кои веројатно ќе ги добиеме, интересно ќе биде да се види како ќе се покажат.

Galaxy S20 Ultra

Додека во претходната генерација имавме S10e, кој беше покомпактна, помала, и нијанса послаба варијанта од другите уреди во серијата, годинава Samsung одат на спротивното – S20 Ultra, кој ќе биде подобар од останатите два уреди во неколку клучни аспекти.

Процесорот, RAM меморијата и интерната меморија на основниот модел остануваат исти како кај другите два, но S20 Ultra исто така ќе доаѓа и во конфигурација со 16 гигабајти RAM, како и 512 гигабајти интерна меморија. Друга важна разлика е дисплејот, кој ќе е уште малку поголем со 6.9 инчи, но ја задржува истата резолуција.

Galaxy S20 Ultra / Twitter @BenGeskin

Можеби најголемата разлика споредено со S20 и S20+ е во камерата. S20 Ultra се очекува да има главна камера со импресивни 108MP и новиот Samsung ISOCELL Bright HMX сензор, кој првпат го видовме во Xiaomi Mi Note 10. Дали сензорот ќе остане ист, или Samsung го подобриле уште малку во меѓувреме, останува да видиме за некој ден. Во секој случај, главната камера на S20 Ultra се очекува да е во најдобрите камери за годинава.

Покрај неа, секако, има напредоци и во другите две камери, како и кај предната камера. Ултрашироката камера ќе има 44MP сензор, додека камерата доаѓа со 48MP и 5x оптички зум. Со зголемената резолуција, веројатно ќе видиме и 100x дигитален зум. Како и S20+, назад ќе има и Time of Flight сензор, кој помага кога се користи Portrait Mode во камерата. Можностите за видео остануваат исти, со 8K видео и 30FPS. Предната камера ќе има сензор со 40MP, и веројатно нијанса поширок агол од другите, и ќе може да снима видеа во 4K со 60FPS.

За крај, батеријата на S20 Ultra се очекува да биде со капацитет од 5000mAh, и според ова ќе трае подолго отколку другите два уреди.

Нов скенер за отпечатоци

Со трите нови уреди ќе го видиме и новиот скенер за отпечатоци, кој се очекува да биде околу 17 пати поголем од оној во S10. Ова би овозможило полесно отклучување, но можно е да има и поддршка за два отпечатоци во исто време, што би додало малку безбедност во одредени ситуации, како на пример при финансиски трансакции.

Galaxy Z Flip

Иако Galaxy Fold, првиот уред со превиткувачки екран на компанијата, имаше големи проблеми при пуштањето во продажба, Samsung се спремни за нов уред, кој исто така се очекува да биде претставен на 11ти Февруари.

За разлика од Galaxy Fold, овој уред ќе има многу мал екран на надворешната страна, со дијагонала од 1.06 инчи и резолуција од 300×116. Внатрешниот екран ќе биде со големина од 6.7 инчи, и резолуција од 2636×1080. Она што е интересно е што Samsung веројатно ќе користи ултра тенко стакло, што би требало да ги елиминира проблемите кои ги имаше Galaxy Fold.

Galaxy Z Flip / Twitter @MaxWinebach

Хардверот ќе е солиден, но нешто послаб од S20 серијата – Qualcomm Snapdragon 855+ процесор, 8 гигабајти RAM меморија, како и 256 гигабајти интерна меморија. Задните камери ќе се по 12MP, со што примарната ќе е обична, а секундарната ќе доаѓа со ултраширока леќа. Предната камера се очекува да биде 10MP, со веројатно истиот сензор како кај S20 и S20+.

Дали вреди да се направи апгрејд, доколку имате уред од претходната генерација?

Веројатно прашањето што многу си го поставуваат, дали вреди од S10 серијата да се премине на S20, и што се ќе се добие?

Доколку сте корисник на S10e, со било кој од трите уреди ќе добиете многу од гледна точка на перформанси и камера. Но, она што ќе го изгубите е компактноста на уредот – S10e има 5.8” екран, што го прави удобен за употреба со една рака, што не е случајот со ниеден од моделите од S20 серијата.

Од друга страна, доколку имате S10 или S10+, има многу работи кои се подобрени. Почнувајќи од високиот рефреш рејт на екранот, до зголемената RAM меморија, и секако, подобрената камера, особено кај S20 Ultra, има многу причини за апгрејд.

Исто така и се очекува цените за уредите да се значително повисоки од цените на S10 серијата кога првпат беше пуштена во продажба. Согласно претходните искуства, може да се очекува дека локалните оператори ќе започнат со преднарачки на денот или пак два-три дена по најавата.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии