Samsung со DeX ќе се обиде од Galaxy S8 да направи десктоп. Идејата за телефон кој ќе се претвора по потреба во десктоп или лаптоп не е нова. Досега процесорите на телефоните не беа доволно моќни.
Samsung по сѐ изгледа смета дека новиот процесор е доволно моќен за да го замени нашиот компјутер. Dex е додаток за S8 телефоните кој го претвора телефонот во Android-десктоп. Докот доаѓа со две USB порти и една HDMI порта. Нормално на USB-портите можат да се приклучат тастатура и компјутерско глувче. HDMI портата секако е резервирана за монитор.
Со ова телефонот се претвора на нешто што повеќе наликува на Chromebook. Дел од апликациите веќе се прилагодени за DeX, но на поголемиот дел од нив ќе треба да се работи. Компанијата објави дека соработува со неколку партнери на прилагодување на апликациите.
Од вака модифицираниот десктоп не очекуваме чуда. Но, со оглед на тоа дека дел од апликациите за обработка на текст или презентации веќе се достапни на Android, хардверот е сосема адекватен за ова. Дополнително, DeX може да работи со виртуелен Windows 10, што ќе овозможи и Windows искуство за корисниците.
Со оглед на тоа дека Samsung Galaxy S8 телефоните доаѓаат со Snapdragon 835, перформансите не би требало да недостасуваат. Можеби поважно прашање е дали корисниците воопшто сакаат да го користат телефонот како десктоп. Секако подеднакво важно е колку ќе може телефонот да го замени компјутерот.
Цената на Samsung Dex ќе биде околу 150 долари.







