Самоуслужни машини ќе бидат стандард во банкарството, вели Горан Хаџипетров од ProCredit

Е-банкарството во Македонија е нов концепт за сите нас бидејќи чекањето пред шалтер може да се каже дека е витален дел од општествената култура. Но, тоа се менува денес. Македонските банки се решени да нѐ воведат во една модерна ера на менаџирање на парите преку е-услуги и терминали. Нема банка во која ќе влезете, а да не ве потсетат дека електронското банкарство ќе ви заштеди време. Барем такво е моето искуство со ProCredit банка кои се обидуваат да одат уште еден чекор понатаму – да го заменат шалтерот со самоуслужни машини.

Модерното електронско банкарство доаѓа поради потребата на клиентите, вели Горан Хаџипетров, директор на сектор за физички лица. „Новиот концепт се разликува од традиционалното работење со банка и произлегува од забелешките на клиентите за тоа како им е најпрактично да ја добијат услугата од нивната банка. Имено, најчесто работното време на традиционална банка се поклопува со работното време на клиентите. За да можат да бидат услужени, клиентите би требало да ги прилагодат своите дневни активности кон работното време на банките, да излезат од работа или од своите компании за да бидат услужени“, вели тој.

За да го реши овој проблем ProCredit воведе таканаречени „24/7 зони“ заради кои ги редизајнираше сите свои канцеларии за да направи простор што ќе биде секогаш достапен за своите клиенти. Наместо шалтери, во овие зони се поставени автомати кои нудат разни услуги од автоматизирани сефови до исплата на готовина. „Процесите се креирани да бидат разбирливи, да ги водат клиентите и да бидат брзи и ефикасни. Ако до сега една трансакција се извршуваше во најмалку шест чекори и траеше 15 минути, сега истото може да се заврши на автомат во два чекора и за најмногу две минути. Самите трансакции се неколку пати побрзи отколку кога би се извршувале на шалтер и не бараат посебно познавање на технологија“.

Горан Хаџипетров во една од 24/7 зоните во ProCredit банка.

Горан Хаџипетров во една од 24/7 зоните во ProCredit банка.

„Со користењето на новиот концепт, клиентите добиваат брзи и ефикасни услуги , не треба да чекаат во редица за да бидат услужени и секако да добијат услуга без провизии. Од друга страна, вработените во ProCredit Банка можат повеќе време да посветат за разговор, да можат подобро да ги запознаат потребите на клиентите и да им понудат решение за тие потреби. Сега советниците за клиенти може да закажат состанок со клиентот кога нему му одговара, да одвојат и подолго време за разговор и советување без да има редици и гужва. Услугите кои се технички, клиентите побрзо, полесно и во секое време може сами да си ги извршуваат“.

Според г. Хаџипетров, дури 68 отсто од трансакциите клиентите ги прават преку електронското банкарство, додека на автоматите за готовина 70% од бројот на трансакции се извршува со 24/7 зоните. Предноста, објаснува тој, е што сите клиенти од правните лица и компании до физичките лица можат да ги користат автоматите во било кое време – да депонираат готовина од дневниот промет во деноноќниот сеф, до вадење на готовина и проверка на сметките преку инфо-терминалот. „За прв пат во Македонија за нив воведовме и уплата и исплата на евра од трансакциска и штедна сметка. Со ова клиентот нема потреба да прави менувачко работење, туку веднаш може да располага со девизи или преку електронско банкарство да ги ги конвертира од домашна во странска валута и обратно“.

Но, бидејќи се работи за пари и за нови концепти, сè уште постојат скептици (вклучувајќи ме и мене) за безбедноста на овие машини. Сепак, нас нѐ има сѐ помалку од ден за ден. „Никој не сака да чека во ред и секој сака да заврши кога му одговара, брзо и едноставно“, вели г. Хаџипетров. „27% од сите направени трансакции во нашите Зони 24/7 се по работното време на банката, по 16.00 часот, што го потврдува фактот дека работно време 24/7 е придобивка за клиентите. Оваа бројка очекуваме дa расте“, вели тој.

„Она што го истакнуваат е дека со оваа новина имаат поголем избор – да ја користат услугата кога најмногу им одговара, во попладневните часови, навечер, во недела. Оние бизниси кои имаат свои продажни или деловни објекти на повеќе локации можат да ја добијат оваа услуга секаде.“, вели тој. „Се трудиме да им ги објасниме придобивките на клиентите од користењето на електронското банкарство и Зони 24/7. Најдобар пример за одлучување на клиентите да ги користат овие услуги е кога самите ќе ги почувствуваат придобивките од користењето – и финансиски и од аспект на времето и флексибилноста“.

МАШИНИ-И-КЛИНЕТИ-DSC_0028-2

Засега банките се оптимисти за е-банкарството. Веруваат дека чекањето пред шалтер ќе биде заменето со машини кои ќе може да понудат разновидни услуги, и кои ќе бидат побрзи и поедноставни за користење. Тука голема улога игра и што се зголемува процентот на безготовинските трансакции, што го олеснува онлајн менаџирањето на финансии. „Практично она што го воведуваме ние денес како новост во насока на самоуслужување, автоматизација и дигитални канали ќе стане стандард во банкарството и во Македонија, како во западна Европа на пример, вели г. Хаџипетров. Иако ова звучи ново за Македонија, ProCredit како германска банка знае дека во Европа работите се малку поразлични.

„Германската економија многу помалку работи со готовина споредбено со нас. Бизнисите се движат кон безготовинска економија. Најголемиот број на трансакции направени од клиенти во Германија се направени електронски преку компјутер, паметна технологија и автомати. Според истражувањата на Народната Банка на Германија 47% од сите плаќања во Германија се безготовински. Речиси 50% од трансакциите се направени од претпријатија. Употребата на електронско банкарство постојано расте. Секој втор Германец користи електронско банкарство. Нашата банка банка во Германија функционира комплетно на онлајн принцип. Германската пошта прави верификација на идентитетот на клиентот, што значи дека клиентите воопшто не мора да доаѓаат во банка ниту за отворање на сметка. Со сите сметки и плаќања управуваат самостојно преку платформа на електронско банкарство или преку телефонски контакт со советници за клиенти од банката“.

Но, што ги чека банките во иднина? Според г. Хаџипетров, поради достапноста на технологијата се движиме во насока на „таканаречени Omni Channel платформи“ преку кои клиентите ќе бидат услужени преку разновидни и алтернативни канали, од е-банкарство до мобилни апликации, самоуслужни терминали, дури и друштвени мрежи.

1 коментар на “Самоуслужни машини ќе бидат стандард во банкарството, вели Горан Хаџипетров од ProCredit

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии