Сакаме целосно да ги ослободиме .мк домените, вели директорот на МАРНет

Од 2011-та МАРНет стана самостојна институција, а од оваа година доби и свој сопствен буџет. Регистарот на домени сега е преместен на нова локација (спроти Соборниот Храм во Скопје), а новиот директорот Сашо Димитријоски вели дека институцијата ќе биде реформирана, а домените комплетно ослободени.

„Сега регистрираме .мк домени за 5 минути. Ни донесувате барање, регистираме пред вас и ви издаваме фактура.“, вели г. Димитријоски. „Наскоро се ќе биде либерализирано и кој што сака ќе регистрира.“

Откако Уставниот суд го укина стартиот правилник на МАРНет бидејќи не е правен субјект кој има законска основа да носи правилници (МАРНет беше водена од Универзитетот „Кирил и Методиј“), новиот регистар сега е на пат да ги либерализира домените. Идејата е да се направи нов правилник со кој ќе дозволи и правни и физички лица да регистрираат домен.

Со либерализацијата ќе се дозволи на овластени регистранти, пример, Мкхост, Ухост, Телеком и сите други кои нудат хостинг и слични услуги, да им понудат на корисниците полесно да регистрираат домени. Пример, ако некој во Гевгелија сака да регистрира домен, наместо да мора да доаѓа во Скопје да поднесе барање за регистрација во МАРНет, ќе може да помине кај локален регистрант и да си добие .мк домен.

(Сликата е преземена од ICANN Wiki)

За жал, нема да има онлајн регистрација на домени бидејќи нема законски начин како да се регулира тоа. За разлика од комерцијалните генерички домени како .com, за националните домени како што е .мк доменот е потребно верификација на тој што го регистрира доменот.

„Мора да имаме официјален документ.“, вели г. Димитријоски. Еден начин да се направи онлајн верификација е со електронски потпис, но во Македонија нема таков систем.

„Министерството за информатичко општество започна таков проект кој сè уште не е реализиран. Електронскиот потпис не е сè уште во функција во Македонија. Тоа е основното што ќе помогне за електронско регистрирање. Електронскиот потпис е потребен и за здравствената картичка, во неа да биде потписот. Тогаш се ќе биде поедноставно.“

Кој е најстариот домен?

Во Македонија има околу 20.000 .мк домени. Неколку илјади од нив се или истечени или за нив нема трага бидејќи се регистрирани пред да се стартува официјалната дата база.

Во деведесетите години домените се регистрирале бесплатно по телефон на сервер во Словенија. Во тој период се регистрирале во просек по еден-два домени на месец. Но откако во 2003-та година се забележува поголема интернет пенетрација, МАРНет започнува да го води регистарот во кој ги нема информациите за старите домени. Поради ова, прашањето кој е најстар .мк домен ќе остане без одговор.

Сега стратегијата на МАРНет e да направи проверка на сите домени. Отприлика има 3.000 домени кои не се во регистарот, сопствениците се починати, фирмите се згаснати или доменот е заглавен некако според старите правила, пример има две страни имаат регистрирано ист .com.mk и org.mk домен, и за .mk домен, според старите правила, е потребно согласност од двете страни. Новиот МАРНет ќе го реши проблемот така што секој сопственик на домен ќе има два месеци период да пререгистрира домен кај регистрант по избор.

„Сега ќе исчешламе се, сите домени. Кога ќе се дозволи на други овластени да регистрират со домени, ќе побараме сите регистрирани домени да си одберат кај кого ќе се регистрираат.“, вели директорот на МАРНет, Димитријоски. „Сите стари домени кои нема да бидат пререгистрирани ќе згаснат и ќе бидат ослободени за користење. Ќе се ослободат многу домени.“

Цената на домените ќе остане иста

МАРНет ќе има основна цена за домени. Пазарот ќе биде отворен за сите овластен регистрант да си стават своја цена. Претпоставката е дека поголем дел од компаните ќе даваат и бесплатно домен доколку корисникот купи и хостинг.

„Ќе остане можноста да регистрирате домен во МАРНет, но тоа што очекуваме од овластените регистранти е да го олеснат процесот. Сепак е бизнис, и тие ќе најдат начин како да понудат поефикасно регистрирање на домени.“

МАРНет размислува и за аукција на популарни домени. Пример за таков домен може да бидат vesti.mk или sex.mk. Во пракса е вообичаено да се следи правилото кој прв побара домен, тој го добива. Но, бидејќи има многу барања за популарните домени, за да биде фер регистрирањето и да се додели на тој што ќе го искористи како што треба, наместо само да го закупи со празен сајт, една од можностите е да се отвори аукција за домени. Претпродажбата на домените ќе биде забранета.

Според г. Димитријоски, нема дефинитивен датум на либеразицијата на пазарот на домени, но се очекува се да биде подготвено до крајот на годинава.

12 коментари на “Сакаме целосно да ги ослободиме .мк домените, вели директорот на МАРНет

  1. Марнет стана синоним за непрофионализам, неинвентивност, патетика. Можеби и не се тие комплетно криви, најверојатно толку им е капацитетот, крив е министерот за инфоратичко општество што неколку години проповеда дека ќе ги реши безбројните пропусти на Марнет и не успева сеуште.

  2. За примерот од Гевгелија, доколку некој сака да регистрира домен од Гевгелија, значи треба да оди до Скопје и да поднесе пријава. Доколку е за еден домен ок, доколку е за 100 домени и секој домен да биде во различен период, треба да оди 100 пати… Едно одење до Скопје и назад чини само гориво околу 1800 денари + патарина 200 = 2000 денари Х 100 пати = 200.000 (двестеилјади) денари. За тие пари ќе регистрира околу 400 домени со .com .net .org – или – ќе плати онлајн на некој од компаниите кои регистрираат .mk домени и ќе заштеди многу пари… (примерот е многу груба пресметка и е чисто за илустрација)

  3. Не знам дали им е многу тешко да го направат системот, но реално е дека во моментот овој систем не функционира. Затоа и често во пракса среќаваме домени од типот imenafirmaMK.com затоа што за .com домен за регистрација е потребно околу 12/24 часа максимално.

    Да сумирам, МарНет значи сака да биде регистар, меѓутоа во тоа слабо успева. Да го спомена Мкхост (бидејќи е споменат погоре во написот) – кога може еден Мкхост да регистрира домени со плаќање онлајн, и да генерира фактури за истите, тогаш треба МарНет да отидат во Мкхост и да ги прашаат како им успева, и да побараат совети и насоки за имплементација во нивниот систем.

    1. „…за .com домен за регистрација е потребно околу 12/24 часа максимално. ..“
      Баш вчера регистрирав за еден клиент, .com се разбира, и искрено комплетно со се закупот на хостингот
      ми одзеде буквално половина час. Значи, откако седнав пред ПЦ и откако нарачав и си платив за домен и хостинг, после половина час страната беше и си е активна :)

  4. Друго: Не знам зошто се прави проблем за онлајн регистрација, демек требало да има некаков документ. Па може да се направи корисничка зона за оние кои сакаат да регистрираат домен (правните лица) со издавање на про-фактури онлајн, и фактура по пошта, и при регистрацијата да се бара документ за правното лице од Централен Регистар (Тековна состојба) која ќе се уплоадира при регистрацијата. Плаќањето ќе биде на пример преку CaSys или електронски на сметка на МарНет, и откако ќе ја видат уплата на нивниот извод, ќе го регистрираат доменот.

  5. Прво: Изјавата: Регистрираме домен за 5 минути е многу голема невистина, и не знам за кој период се однесува, дали сега откако ги променија канцелариите, а за пред да ги променат канцелариите се чекаше минимум 48 часа, и исто така, од лично искуство од пред 1 месец, за два домени (еден .com.mk и еден .mk) се изначекав 30 дена. Апликациите ги поднесував лично и тоа 2 пати…?!?

  6. Леле оваа Марнет е супер институција, ве молам не брзајте многу, еве и две години можете да се спремате, имаме ние време за чекање.

    Се надевам сега нема да го избришете постот!

  7. искрено ова е добра новост, "Непознат" зашто мислиш дека кирилични домејни се па добар начин? Освен ако не сакаме да се изолираме со страните само за во македонија јас личнко како и многу други би преферирале латинични домејни.

    1. Не реков дека се подобар начин. Но да регистрираш домен на интернет, преку општи уплатници и доаѓање на шалтер е катастрофа.

  8. Катастрофа организација.. За разлика од нас во Србија се воведе и регистрирање на кирилични домени ".срб". Не знам зошто уште објавувате текстови на оваа таканаречена "институција". Тоа е еден голем срам за Македонија како држава.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии