Сајбер сигурноста на САД под контрола на Обама?

{mosimage}Двајца членови на американскиот сенат предлагаат да се создаде Канцеларија за национална сајбер сигурност со седиште во Белата куќа, која ќе биде раководена од тимот на претседателот Обама. Во предлогот стои и дека овој оддел би можел директно да исклучува критични мрежи од владиниот систем на САД доколку истите бидат под било каква опасност.

"Според мене сајбер сигурноста на САД е еден сериозен проблем на кој не обрнуваме големо внимание." – изјави пред своите колеги, сенаторот Џеј Рокафелер, кој заедно со сенаторката на државата Мејн, Олимпија Сноу, се предлагачите на овој закон.

Предлогот на двајцата сенатори е охрабрен во извештајот на специјалниот тим на стручњаци кои под наредба на Обама пред неколку месеци спроведоа истражување и анализа на сигурносната состојба во американскиот сајбер простор. Во извештајот се истакнува дека Америка мора да обрне поголемо внимание на својата сајбер сигурност од причина што денеска на воените и владини компјутерски мрежи можат да се пронајдат голем број информации поврзани со националната сигурност и плановите за стратегиски развој на земјата, пример за тоа е неодамнешната случка со скиците од претседателскиот хеликоптер.

{mosimage}

Сегашната контрола врз сигурноста на владините компјутери ја има Одделот за домашна сигурност, кој работи под Департментот за одбрана на САД. Челните лица на овој оддел предупредуваат дека нема потреба од комплицирање и менување на работите затоа што тие ја имаат контролата врз сајбер просторот и имаат ресурси да се справат со можните проблеми.

Предлог законот на сенаторите сеуште е во припремна фаза и се очекува да содржи голем број измени до своето финално претставување, кое би требало да биде во следните два-три месеци. Предлогот содржи и дополнителни практики за зголемена сајбер сигурност како создавање на разни инцијативи за поголема соработка помеѓу владиниот и приватниот сектор, извршување на почести ревизии на состојбите на системите и спремноста на тимот да се справи со напади и сл.

Интересно во овој предлог е "одлуката за исклучување на критични системи кои ќе бидат под опасност"… со оваа изјава, практично се потврдува дека дури ни едни од најдобрите експерти кои располагаат со огромни буџети и ресурси неможат да гарантираат сигурност на еден компјутерски систем, па излезот го наоѓаат со исклучување на кабелот…

Што е со Македонија и сајбер сигурноста на земјата?
Според мое мислење – состојбата е навистина критична и треба што побрзо да и се посвети поголемо внимание, а особено треба да се забрза создавањето на компјутерски тим за одговор при инциденти и напади врз владини системи и мрежи. Создавањето на ваков тим беше и официјално најавено од министерот Иво Ивановски, кој во август за А1 изјави:

„За напади врз Република Македонија е разговарано со Центарот за управување со кризи. Тие ќе формираат тим кој ќе биде професионално обучен или во ЕУ или во САД. Тие ќе се грижат за упадите на територијата на РМ.’’

Од август наваму лично немам чуено ништо поконкретно за овој тим, дури и во е-маил комуникацијата со претставник на Министерството за информатичко општество не добив никакви детали и покрај моето прашање до каде е создавањето на тимот задолжен за сајбер сигурноста во Македонија. Се надевам набрзо ќе има новости на тоа поле…



Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии