Во последните десет години забележуваме се поголемо сајбер-шпионирање во светот, но за жал и на Балканот, вели безбедносниот експерт Предраг Тасевски. Предраг е ко-организатор и говорник на неодамнешната работилница на NATO за „Поттикнување на свеста во областа на кибернетичка одбрана на Балканот“, на која гостуваа странски и домашни експерти за да разговараат за сајбер криминалот и шпионажата.

На работилницата, спонзорирана од програмата на NATO за мир и безбедност, се разговараше за стратегии за справување на секојдневните проблеми со сајбер криминалот и безбедноста, како и за важноста на CERT (Critical Emergency Response Team) тимовите кои треба да ги заштитат граѓаните и државите од овие опасности.

„Кибернетичкиот криминал на Балканот не заостанува во ниту една гледна точка од светот. Воедно криминалот на Балканот не се разликува од другите региони, и е доволно софистициран при следење на најновите трендови на кибернетичкиот криминал. Како на пример најпознати се, на политичка мотивација: шпионажа, саботажа, кибернетички тероризам; економска мотивација се: измами, DoS, DDoS, кражба на идентитет, boiler-простории итн; каде пак во индивидуално компјутерски криминал мотивациите се највеќе: злоупотреба на малолетни деца, скришно следење итн“.

Како што напредува технологијата, така и се зголемуваат можностите за нејзина злоупотреба. Знаеме добро за светски примери, како шпионирањето на Интернeот од страна на американската NSA, што ни открија доверливите документи доставени од поранешниот аналитичар Едвард Сноуден. Но, знаеме и за домашни примери.

Kако што вели Предраг на Балканот „постојат земји кои се многу напредни и свесни во однос на предизвиците во кибернетичкото пространство и кои воопшто не заостануваат од западните земји“. Веќе некое време знаеме дека постојат FinFisher Command сервери за сајбер шпионирање во балканските земји, меѓу кои и Македонија, според извештајот на Универзитетот од Торонто. Слушаме и за скандалот #бомба за прислушувањето на македонските граѓани и политичари. Примери се чини има многу…

„Како што е свесен светот, така и ние во Балканот сме свесни за ваквите опасности. Во текот на три дневна работилница имавме возможност да видиме различни примери не само на Балканот, но и пошироко. Како на пример TROLL фабрики кои се распространети во Русија и во регионот на Украина, која главна цел им е преку социјалните мрежи да коментираат и споделуваат информации и идеи за Новарусија. Исто така, boiler простории кои се користат преку телефон и други видови на комуникација со цел да ги измамат граѓаните“.

Можеби звучи застрашувачки, но дали верувате дека може да се скриете? Кој треба да не одбрани нас од сајбер криминалците и тие што не им е гајле за нашата приватност? Можеби корисниците треба да се сомневаат на сите чудни сајтови и активности на Интернет, но поголем дел од обврската лежи кај властите кои мора да имаат стратегија за како да се справат со ваквите опасности. Заштитата треба да оди чекор по чекор, вели Предраг.

„Кога станува збор за заштита треба да се оди стапка по стапка. Бидејќи прeскокнување на едната стапка може да има голема последица. Токму затоа нашите експерти од регионот споделија искуства и кои се предизвици во реализирање на агенции, стратегии, законски регулативи итн. за заштитна на кибернетичкиот простор. Воедно, тие истакнаа дека за да може да имаме соодветно заштитен одбрамбен систем, не е доволно само да се усвојат законските регулативи, и да се создаде кибернетичко безбедна стратегија, туку треба да се земе во предвид холистички пристап. Исто така, еден од најважните елементи кон заштитате е, дали тие целосно се имплементирани и како се имплементирани. Токму за таа цел при создавање на CERT, предизвик не е само да се создаде стратегија, но како ќе се реагира“.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии