Сѐ што знаеме за PlayStation 5 и потсетување на претходниците

Sony оваа недела објави дел од деталите за следната конзола PlayStation 5. За жал на клучното прашање „Кога излегува?“ сè уште немаме одговор. Единствено е јасно дека новата конзола нема да биде достапна оваа година, пренесе Wired кој имаше ексклузивно интервју со Марк Черни.

Иако во овој и во останатите текстови кои ќе ги прочитате ќе ја именуваме конзолата како PlayStation 5 имајте предвид дека името на конзолата не е официјално потврдено од Sony. Она што го ветуваат и што го дознаваме е дека на оваа генерација на конзолата компанијата работи веќе 4 години и ќе биде огромен скок во однос на сегашната конзола. Ветувањето е дека следната генерација на конзолата ќе го редифинира гејмингот и она што видеоигрите го претставуваат.

Веројатно најдобрата вест е дека студијата веќе работат на развој на видеоигрите за оваа конзола и без сомневање ќе може да видиме неверојатни наслови уште од самиот почеток на продажбата. Лоша вест е дека ниту на Е3 нема да дознаеме повеќе за конзолата и ексклузивните наслови оваа година. Причина за ова секако е повлекувањето на Sony од овогодинешниот гејминг настан.

Хардвер

Секако не се познати деталите за хардверот кој ќе биде искористен во новата конзола, но имаме барем какви такви познавања. Во конзолата ќе бидат искористени нов процесор и графичка картичка. Следната генерација на PlayStation ќе доаѓа со 8-јадрен процесор базиран на трета генерација AMD Ryzen и графичка картичка заснована на AMD Radeon Navy. Оваа технологија ќе поддржува „raytracing“ што барем засега е надвор од „дофатот“ на најголем дел на компјутерите со исклучок на навистина поскапите машини. Конечно промена ќе има и на просторот на кој се чуваат игрите. Следната генерација на конзоли ќе го замени хард-дискот со SSD.

Сите овие промени ќе направат следната конзола да биде забележително побрза. На презентација Sony со демо на Spiderman покажа колку ќе биде побрза следната генерација на конзолата од PlayStation 4 Pro.

Хардверот е доволно моќен за играњето на следната генерација конзоли да биде на 8K резолуција, иако ова е тешко веројатно со оглед на тоа колкави перформанси се потребни за вистински 8К гејминг.

И иако речиси целиот хардвер е надграден најдобрата вест не доаѓа во овој сегмент. Најдобрата вест е дека целата библиотека на PlayStation ќе биде достапна на новата конзола. Sony вели дека конзолата ќе биде вистински „backward-compatible“ за постарите игри, иако во интервјуто за Wired е спомната единствено компатибилноста на игрите кои сега се достапни на PlayStation 4. Сопствениците на сетот за виртуелна реалност можат да бидат спокојни со оглед на тоа дека и на следната генерација конзоли ќе може да го користат истиот сет.

Освен дата на излегување, засега непозната останува и цената, но овие податоци секако ќе бидат достапни во иднина.

Sony и Microsoft заедно во облакот

Двете компании кои се веројатно најголеми конкуренти кај конзолите најавија дека започнуваат со партнерство за гејминг во облакот. Секако главна причина за ова е најавата за нов гејминг стриминг сервис на Amazon, а Google веќе ја најави својата платформа Stadia.

Двете компании имаат значителни инвестиции во своите гејминг платформи, па можеби оваа соработка под притисок на новите конкуренти нема да биде изненадување. Иако засега нема најава за тоа какво ќе биде решението можно е да станува збор за решение кое ќе им помогне на девелоперите полесно да развиваат игри за двете платформи, вели Verge.

Соработката на Microsoft и Sony секако е изненадување, но за прв пат има навистина голем број на сервиси кои најавуваат гејминг од облакот.  Поважно овојпат тоа не се само нови стартапи, туку и големи компании како Google и Amazon.

Кратка историја на PlayStation

Правата верзија на конзолата започна со продажба на 3 декември 1994. Ова беше првата конзола која успеа да продаде над 100 милиони уреди, а со тоа ја започна и ерата на конзолите. Секако не е најуспешната конзола, но поради првиот долготраен успех веројатно е најважната конзола. Но веројатно ако сте ја поседувале оваа конзола повеќе се сеќавате на некои од игрите, отколку на самиот хардвер.Tekken 3, Gran Turismo, Tony Hawk на конзолата и помогнаа да стигне до 102,5 милиони копии.

Неколку години подоцна на 4 март 2000, Sony ја издаде втората верзија на конзолата. Значително позрел производ и во период во кој пазарот беше подготвен за ваков хардвер PlayStation 2 долго време e најпродаваната конзола на Sony, но и најпродавана конзола во светот. Со 159 милиони продадени копии PlayStation 2 до денес е најпродавана конзола. God of War 2, Kingdom Hearts, Final Fantast X, GTA San Andreas и Metal Gear Solid 3 се дел од игрите на конзолата.

PlayStation 3 излезе на 11 ноември 2006. Ова е една од ретките помалку успешни лансирања на Sony. Конзолата беше прескапа, и немаше доволни игри на лансирањето. Sony продаде 88 милиони конзоли, пред се благодарение на игрите кои стигнаа подоцна: Grand Theft Auto IV, Uncharted 2: Among Thieves и секако Red Dead Redemption.

PlayStation 4 е последната верзија на конзолата која и сега е актуелна. Досега се продадени 91,6 милиони копии на конзолата и конзолата продолжува да се произведува. Проценките се дека PlayStation 4 дури ќе успее да ја надмине и PlayStation 4. Секако за гејмерите и натаму се најважни игрите, а на новиот PlayStation има тон предобри игри: Horizon Zero Dawn, Red Dead Redemption 2, God of War 4, Spiderman се само мал дел од игрите на конзолата.

Од она што го знаеме досега до следната генерација на конзолата веројатно има уште година, година и половина. Кој е следниот чекор на Sony e тешко да се предвиди. За првпат по многу години Sony оваа година нема да биде дел од Е3, па за повеќе податоци ќе мора да почекаме подолг период.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии