Сѐ што треба да знаете за тековната битка помеѓу Reddit/WSB и Wall Street за GameStop

За само неколку дена акциите (NYSE: GME) на најголемиот светски синџир на продавници за видео-игри GameStop скокнаа од 20-тина долари – колку што се продаваа на крајот на декември, на неверојатни 483 US долари во петокот. Овој раст од 1625% не се должи на некој исклучителен интерес за физичките копии на видеоигрите или колекционерски предмети.

Неверојатниот скок во акциите на $GME се должи всушност на координираното купување на акции на независни инвеститори поттикнато од форум на Reddit – r/WSB (Wall Street Bets) кој во моментот на извршување на акцијата имаше повеќе од 2 милиони следбеници. Идејата за координирано купување на поголемиот дел од овие корисници не е всушност манипулација на цената на акциите и некаква брза заработка, туку спротиставување на инвестициските фондови на Wall Street и нивните манипулативни инвестициски тактики.

Пред да започне приказната со Reddit инвеститорите, неколку инвестициски фондови, меѓу кои и Citadel – амерички хеџ фонд гигант со портфолио од преку 35 милијарди US долари, се одлучиле да ги инвестираат дел од своите средства преку искористување на напредни финансиски инструменти нарачени опции – кое всушност претставува договор каде што на одреден датум се утврдува цената на темелниот финансиски инструмент, но купопродажбата се врши во иднина. Опциите најчесто за користат за таканаречена “short selling” тактика или “шортирање”.

Што е Short Selling или “шортирање”?

„Short selling“ или “шортирање” е начин на инвестирање во коe се продаваат акции кои инвеститорот не ги поседува, па продадената акција е своевидна позајмица. На крајот на трансакцијата инвеститорот мора да поседува акции кои ќе ги замени за парите, всушност треба да ги врати акциите назад – но цената може да не е иста како цената кога ги позајмил. Во оваа инвестиција инвеститорот верува дека цената на акциите во иднина ќе биде пониска отколку во моментот кога ги купува.

Ако цената на акциите падне, инвеститорот ќе ја купи акцијата која треба да ја врати по пониска цена и ќе заработи; ако акциите рипнат цената на акциите кои треба да ги врати ќе бидат повисоки. Заработката е разликата помеѓу продажната и куповната цена на акциите.

Што е “Short Squeeze”?

„Short Squeeze“ се случува кога акциите на компанијата кои се шортирани ќе пораснат над вредноста за која се „позајмени“ во овој случај трговците купуваат акции за да спречат поголеми загуби. Ова придонесува до зголемување на побарувачката, а со тоа и на цената на акциите.

Можноста за заработка постои од двете страни, па инвеститорите може или да шортираат или да се обидат да погодат кога ќе има „short squeeze“ и да заработат на овој начин.

Ризикот на шортирањето е многу поголем од обичното инвестирање на берза. За илустрација, ако купите акции на некоја компанија за 100 денари и компанијата пропадне сте загубиле 100 денари. Ако истите акции се шортираат за 100 денари и рипнат на 500 денари, загубата е 400 денари. Загубите во овој случај се непредвидливи.

Што се случи со акциите на GameStop…

Сè започна со шорт-продажба на акции на GameStop на неколку големи фондови и негативна проекција на инвеститорот Ендрју Лефт од инвестицискиот фонд Citron за GameStop. Фондот Citron е еден од хеџ фондовите кои „се обложија“ на падот на акциите на GameStop.

Реакцијата на повеќе мали и независни инвеститори беше во другата насока, наеднаш организирано започнаа да ги купуваат акциите на GameStop.

GameStop е ланец на физички продавници кои продаваат видеоигри, играчки, колекционерски предмети. Продавницата продава копии на видеоигри за десктоп, но и за PlayStation и Xbox. Промените на навиките на купувачите кои сега веќе најголем дел од игрите ги купуваат како дигитални копии, ја намалуваат вредноста на компаниите како GameStop. Дополнително и пандемијата ја намали продажбата на сите физички продавници.

Веројатно оправдано, фондовите предвидуваа дека цената на GameStop ќе започнат да паѓаат и ги шортираа. Она што не го предвидоа е дека цела Reddit заедница на WallStreetBets ги следи акциите на GameStop. Корисникот DeepFuckingValue (економски консултант Кит Патрик Гил), процени дека компанијата направила голем исчекор во дигиталната продажба и нејзината положба на пазарот е значително потценета.

Благодарение на алатки како Robinhood – апликација која овозможува на индивидуи лесно да тргуваат акции и Reddit, повеќе независни инвеститори се организираа и започнаа да ги купуваат акциите. Обемот на продажба стана толку голем што за да го намали ризикот Robinhood мораше да го запре тргувањето со неколку акции за кои процени дека се ризични. По дополнителниот влез на над 2 милијарди долари, сервисот продолжи со тргување со акциите.

Штом едните започнаа со продавање, другите започнаа да ги купуваат акциите; во еден момент бројот на опции беше поголем од реалниот број на акции, и изнесуваше 140% од бројот на акции.

Ова беше доволно само за една недела акциите да рипнат 400%. Фондовите мораат да купуваат акции или да изгубат пари, а акции нема доволно бидејќи главната позиција која ја охрабруваат Reddit корисниците е да не се продава акцијата со цел фондовите да изгубат поголем дел од обложените средства. Од друга страна целото движење сега добива и одмаздничка димензија; можност на поединецот да „им врати“ на големите компании. Па покрај лудата побарувачка, акциите и натаму не се продаваат. Bloomberg го нарече ова „buy and never sell“ стратегија на толпа, а фондовите претрпеа загуби поради шортирањето на GameStop од преку 20 милијарди долари, пренесе Bloomberg.

Повеќе од GameStop

Наскоро целото движење се прошири и на други акции. BlackBerry, AMC Entertainment и Express. Акциите на овие компании постигнаа највисока вредност која ја имале неколку години. На популарноста на движењето придонесе и Елон Маск кој со еден твит „Gamestonk!!!“ ги поддржа малите независни инвеститори. Анимозитетот на Г. Маск кон шортирањето е познат од претходно. Во минатото акциите на Tesla беа едни од метите на инвеститорите кои ја користеа оваа практика.

За само една недела почетните инвестиции на членовите на групата WallStreetBets на Reddit се зголемија трипати, и изнесуваат 6,5 милиони долари. Приказната би можела да заврши и тука, но луѓето кои ги имаат акциите инаетливо ги чуваат, што придонесува цената на акциите да не падне, а повиците за непродавање и натаму се актуелни.

Лудилото на берзата продолжува и оваа недела. Секоја мала количина на акции која се продаваат веднаш се апсорбира од пазарот, а цената на акциите брзо паѓа, и брзо се враќа. Во моментов се стабилизирани на 250 долари, но тоа без сомневање ќе се промени бидејќи веќе има обвинувања дека дешениот пад на цената е поставен преку фиктивни зделки помеѓу инвестициските фондови и клириншките куќи кои всушност со мали количини меѓусебно си ги разменуваат акциите по пониска цена со цел да го изманипулираат пазарот, а со тоа и да ги натераат Reddit корисниците кои се решени да ги задржат акциите да ги продадат. Корисниците на Wall Street Bets обвинуваат и за манипулативни тактики како медиумско шпекулирање и наведување дека групата сега сака да го стори истово и со сребро и други акции надвор од иницијалните GME, AMC и BlackBerry – со цел да внесе недоверба кај корисниците на форумот кои сега бројат повеќе од 8 милиони корисници. Битката ќе продолжи несомнено низ цела недела, а што ќе биде исходот, останува да се види… Она што експертите сметаат дека нема да се промени е учеството на Reddit во иднина.

Учесниците во овој инвестициски бум имаат средства и информации да им ги измешаат плановите на инвеститорите. Дополнително со групирањето на Reddit набрзина добиваат и информации, но и група на која и припаѓаат и со која имаат заедничка агенда.

Дел од експертите веќе ја споредуваат оваа акција со движењето „Окупирај го Волстрит“. Со оглед на групирањето на друштвени мрежи и нетрпеливоста која постои кон „големите играчи“ од Волстрит, оваа споредба можеби и не е многу далеку од вистината.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии