Rust излезе од раниот пристап

Мартин Јованчевски

во гејминг

Играта Rust беше една од првите кои го прифатија моделот за ран пристап на Steam. Низ четирите години, играта на Гери Њуман претрпе бројни промени. Првин започна со зомби чудовишта, но откако тимот сфати дека Rust е многу повеќе од тоа, им удрија клоца и ги заменија зомби чудовиштата со најразлични диви животни. Потоа, привлекоа дополнително внимание со тоа што не им дозволуваа на играчите да ја бираат расата, полот и, ахем, одредена надареност во тој поглед. Низ времето, играта постојано бележеше позитивни рецензии од повеќето гејмери, а тимот исфрлаше најразлични надградби или исправки за играта на неделно ниво.

Претходната недела Rust реши да излезе од раниот пристап и таквото нешто го одбележа првин со зголемување на цената од 18 на 32 евра, а потоа со целосно графичко освежување. Тимот ја призна графичката деградација која се должела на постојаните промени додека играта била во раниот пристап и објаснија дека моментната верзија ги „расчешлува скоро сите аспекти од играта“ и допринесува до искуство кое е значително попријатно за очите. Графиката е навистина подобра и дава значително подлабока димензија во играта, но мора да потенцираме дека долгото време на вчитување и понатаму е присутно и покрај процесор од i7 генерација ќе ви се потребни и 16GB рам за максимално графичко уживање.

Паралелно со освежувањето во графичкиот сектор, тимот го има подобрено и потскокнувањето на оружјето и сега нишањето се случува само доколку не сте пукнале неколку секунди, што е одлично за посигурно следење на метата и пукање. За целата листа од исправки, упатете се и на нивниот официјален блог пост.

И надвор од раниот пристап, Rust е далеку од совршена игра. Покрај несоодветната оптимизација на графичкиот енџин и долгото време на вчитување, одредени гејмплеј механики бараат дополнителни разработувања. Иако играта е замислена да се игра со и против други играчи, сепак останува желбата на многумина самостојно да навлезат во играта и да ја истражуваат територијата без страв дека ќе бидат убиени во моментот кога ќе направат 10 чекори. Ваквата поставеност на механиките за многумина ја прави играта како нефер и удавена во бесмислени grind сесии. Токму поради ова, тимот вети дека и понатаму продолжува да работи на играта, но наместо надградби секоја недела, ќе исфрлаат надградби и надополнувања еднаш месечно.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии