Русија воведе мерки да ги држи блогерите под контрола

Нов руски закон воведува ограничувања за корисниците на друштвените мрежи и контрола врз популарните блогери кои, ако имаат над 3.000 читатели на ден, ќе мора да се регистрираат како медиум во агенцијата за медиуми Roskomnadzor. Целта на законот, изгласан во мај, а стапува на сила од 1 август, е да се идентификуваат блогерите, односно да нема анонимни критичари на власта. Ваквото регулирање на блогерите потсетува на обидот на македонските власти да го третираат интернетот како еден голем медиум, но, за среќа, по критиките од разни страни порталите и блогерите беа изоставени од Законот за медиуми.

Ако се регистрираат како медиум, руските блогери ќе треба да внимаваат што објавуваат, да нема лажни информации, навреди, клевети, ниту ќе користат вулгарен јазик, пишува RT.com. Законот се однесува на сите блогери кои пишуваат на руски и имаат руска публика. Ако не се регистрираат како медиум, блогерите ќе платат казни до 30.000 рубји, или околу 800 долари. Доколку не се однесуваат според правилата за медиуми, ќе бидат блокирани.

Што се однесува до друштвените мрежи, тие ќе мора да ги чуваат корисничките податоци на сервери во Русија до шест месеци. Руските интернет провајдери ќе им дозволат пристап на руските власти до корисничките податоци, пишува BBC, што според групите за заштита на човечки права ова е „драконска“ одлука.

Human Rights Watch го нарече законот „уште еден чекор на Русија кон газење на слободата на изразување“. Интернетот, вели организацијата, е последното место каде во Русија може да се зборува слободно, но со законот и тој се става под контрола на властите. Дури и про-Кремлински политичари го критикуваа законот, велејќи дека е нејасен, лошо напишан и тежок за спроведување, пишува Washington Post.

Според LiveInternet, во Русија има околу 500 блогери кои имаат над 3.000 читатели дневно. Нивното решение против законот е да најдат начин да ги лажираат статистиките. Популарната платформа за блогирање LiveJournal веднаш ја измени статистиката да не поминува над 2.500 посети на ден на секој блог. Но, во првиот ден околу 80 блогери веќе поднеле апликација да бидат регистрирани во Roskomnadzor.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии