Друштвените мрежи ги ставаат корисниците во опасност со тоа што им го бараат вистинското име, вели основачот на Free Software фондацијата, Ричард Сталман. Неговата критика кон друштвените мрежи, поточно кон Facebook, е што мрежата ги набљудува корисниците преку Like копчињата кои се наоѓаат на надворешните сајтови.

„Facebook прави масовно набљудување. Ако има Like копче на страната, Facebook ќе знае дека сте ја посетиле таа страна. Така тие ќе ја знаат IP адресата на компјутерот кој ја посетува странта дури и ако личноста не е Facebook корисник. Така вие ќе посетите неколку страни кои имаат Like копче и Facebook ќе знае дека сте ги посетиле сите тие страни, дури и ако не знае кој сте.“

Во интервју за RT.com, г. Сталман објаснува дека слободниот софтвер може да им ја даде слобода на корисниците да имаат контрола врз своите компјутери и уреди, заштитувајќи се од злонамерните работи од лиценцираниот софтвер. Но, за да ја имаат таа слобода, корисниците ќе мора да се изборат за неа.

Во интервјуто, тој даде поддршка и за протестите на хакерите-активисти Anonymous велејќи дека нивните активности се легитимни.

„Активностите на Anonymous се еквивалентни на маса луѓе кои одат од врата до врата и протестираат на улица. Тие во основа се легитими. А кога луѓето се спротиставуваат на ова, тогаш да погледнеме кои се тие луѓе и што прават. Обично тоа се луѓе кои прават многу полоши работи.“