Рецензија: Rogue Company е игра за натпреварувачки духови и мајстори на брзи рефлекси

Rogue Company e пукачка игра во трето лице за повеќе играчи и со силен натпреварувачки карактер. Со исклучок на тренинг сесии, соло играчите нема што да бараат тука. Ова е игра која позајмува и, во одредени ситуации, го усовршува најдоброто од Valor, пукачките елементи од Fortnite и режими како Call of Duty: Search and Destroy. Тоа никако не значи дека Rogue Company е наслов кој само бледо рефлектира копирани и веќе видени механики. Напротив, доколку сте фанови на ваква акција, но од Gears of War перспектива, Rogue Company ве впушта во адреналински сесии каде хаосот е секогаш еден чекор пред вас, а брзите рефлекси се повеќе од неопходни.

Надвор од ваквите трејлери, нема никаква приказна во Rogue Company

Затворената, бета верзија на Rogue Company нуди три режими на играње. Сите режими се засновани на едноставна поделба на два тима, секој тим со по четири членови. Првиот мод е туторијал каде сите останати членови се управувани од вештачката интелигенција. Режимот пружа одлични можности за интимно запознавање со играта, нејзините механики, како и разновидните ликови со кои играте.

Секојдневно треба да исполнувате одредени цели, како 5 победи или 60 елиминации, за добивање виртуелна валута

На располагање имате 13 платеници со кои можете да играте, под услов да ја имате стандардната едиција каде сè е отклучено. Сите ликови се движат исто, но се одликуваат со различни оружја и способности. Токму поради тоа, Phantom е одличен снајпер и атентатор. Нејзините димни гранати откриваат непријатели во областа, а секој пат кога ќе погоди непријател, нивното здравје се обновува со значително задоцнување.

Криење зад препреки знае да биде корисно, но главата и понатаму е во ранлива позиција

GI1tch, од друга страна е хакер кој користи технологија за да издвои победа на бојните полиња. Може да активира направа која детектира непријателски сигнали, а неговата интуиција покажува непријателска опрема преку ѕидови. Најголемата забава поврзана со ликовите е токму ова – откривање и жонглирање со нивните предности и недостатоци не само во поглед на способностите, туку и уникатните оружја со кои располагаат.

На убиените непријатели или сојузници можете да им го земете нивното оружје

Вториот режим се вика Demolition каде еден тим мора да постави бомба на една од две одбележани локации, додека другиот тим мора да ги спречи во тоа. Режимот се одвива на шест мапи кои воопшто не се големи, но значително се разликуваат една од друга. Дизајнот на мапите е мајсторски осмислен и пружа бројни можности за тактизирање, опколување на непријателот или прикрадување од различни точки.

Колут напред за да станете потешка мета

Третиот и последниот режим се вика Strikeout и се препорачува за causal играчите каде контролирате одредена цел или пак едноставно елиминирате непријатели се додека немаат повеќе животи. Ваквата формула се реализира на истите шест мапи како кај Demolition, но различните механики допринесуваат до интересна свежина при играњето.

Слетувањето е во стилот на Battle Royale игрите

Rogue Company е игра само за оние гејмери кои имаат брзи рефлекси и огромен праг на толеранција. Исклучително лесно е да бидете убиени, особено доколку не внимавате. Но, брзите рефлекси се само почетокот. За некаков успех во Rogue Company потребни се три дополнителни работи.

  1. Квалитетен тим кој не трча како луд-без-глава, туку покрива и се грижи за останатите членови
  2. Користење на уникатните способности, особено за откривање на локацијата на непријателите.
  3. Слушање. Аудио дизајнот е апсолутно феноменален и, со квалитетни слушалки, точно можете да чуете и да го предвидите правецот на приближување или оддалечување
Хаотични ситуации во кои често ќе се наоѓате

Откако ќе научите како функционираат огнените оружја, непријателите се готови во истиот момент кога ќе се најдат пред вашиот нишан. Неколку критични погодоци во глава и непријателите инстантно ги поплочуваат улиците. Тоа не е крајот за нив. Во моментот кога ќе се најдат на земја, не можат да пукаат во вас, но можат да се влечкаат краток период. Елиминирајте ги брзо, затоа што доколку друг непријател им се приближи, може да проба да ги излечи и да ги врати во играта.

Еден лечи, друг шепоти морална поддршка :)

Rogue Company вистински сјае кога ќе ја усовршите употребата со ладни оружја. Неописиво е чувството кога со десен клик ќе ја кренете катаната, ќе ја фрлите кон непријателот и ќе го елиминирате од далечина. Ваквите моменти, барем на почетокот, се вистинска реткост, но ве полнат со неверојатно ниво на сатисфакција кое ве држи сè до наредното укажување на истата прилика.

Готов со само еден удар со секирата. Среќа што е бот, а не вистински човек :)

Rogue Company ќе биде бесплатна за играње. За да добиете пристап до играта сега, која е во затворена бета, потребно е да купите една од три верзии, чија цена се движи од 15 до 60 евра. Иако ние ја тестиравме ултимативната верзија, сметаме дека истата не ја оправдува високата цена. Стандардната верзија чини 30 евра, но ги содржи сите осум дополнителни ликови и неколку предмети од козметична вредност. Кога играта ќе стане бесплатна за играње, ќе можете да ги отклучите сите ликови преку играње на играта и не сте принудени да трошите вистински пари.

Ултимативната едиција дава неколку екстра скинови на ликови, оружја, танцови, спрејови и 1500 Rogue Bucks валута за идни микротрансакции

Знаејќи го сево ова, сметаме дека апсолутно можете да заклучите дали Rogue Company е игра за вас. Доколку живеете за натпревар и целосно уништување на егото на противниците, финансиската инвестиција во оваа игра е целосно исплатлива. Пред и да почнете да размислувате за обесхрабрување, имајте во предвид дека е потребно неколку часовно запознавање не само со ликовите и оружјата, туку и со самите мапи, како и клучните механики на модовите. Во моментот кога ќе го сработите оваа домашно, непријателите ќе паѓаат пред вас како зрели круши. Или, вие пред нив. :)

Пред секое фрлање од авион, можете да ги потрошите вашите пари на различни оружја, опрема и надградби

Rogue Company е достапна на сите платформи, неисклучувајќи го и Nintendo Switch, со овозможени услови за cross play. Девелоперите се First Watch Games, а издавачите – Hi-Rez Studios.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии