Рецензија – Remnant: From the Ashes е игра со феноменална приказна, адреналинска ко-оп акција и огромна преигрувачка вредност

Има нешто исклучително неодоливо во Dark Souls серијалот и во тврдоглавите напори за константно умирање. Целиот серијал успеја да вроди интересна желба за истрајност кај играчот и магично да го подгурнува и охрабрува кон секоја, навидум, безизлезна ситуација. Dark Souls не направи преголеми фанови од нас, независно од тоа колку пати да се навраќавме на првите две игри. Но, Remnant успеа да нè освои уште во првите неколку часови и да нѝ се провлече под кожата со апсолутно секој аспект од играта.

„Се што гледаме или мислиме е само сон во сон“ – Едгар Алан По

Во доцните шеесетти години на минатиот век, научниците откриле камен со чудно изрезбани симболи. Дешифрирањето на руните произлезе дека е меч со две острици. Имено, каменот отвора портали кон бројни светови, но нешто демнее од другата страна. Немилосрдна сила позната како Коренот (The Root), ја поробува планетата Земја со запрепастувачка брзина и ја доведува популацијата до точка на истребување. 80 години провлекуваат одвратна, постапокалиптична наметка врз светот. Она што успеа да преживее, не е доволно за да биде некаква закана за Коренот. Барем додека вие не дојдете. Сами, или со уште двајца други играчи, претставници на она што некогаш беше светот, потребно е да ставите крај на Коренот во една од најдобрите survival акциони шутери што некогаш сме имале чест да заиграме.

„Да се живее е да се страда, да се преживее е да се најде некое значење во страдањето“ – Фридрих Ниче

Во Remnant: From the Ashes ја започнувате играта со одбирање еден од три претходно дефинирани класи. За вооружени пресметки од далеку се препорачува Hunter, а за вооружени и ладни пресметки од блиску, најдобро би било да одите со Scrapper. Ние го сакавме најдоброто од двата света и започнавме со третата класа. Ex-Cultist нѝ се чинеше како релативно добро избалансирана, и во поглед на опремата, и во поглед на оружјата, а и нѝ го привлече вниманието со моќта за лечење. Независно од класите, по првиот час од играње, ќе можете да забележите дека тие се само за полесно вовлекување во светот и, откако ќе ви легнат механиките, лесно можете да се префрлите на некоја друга класа, или пак да направите комбинација која најдобро би го дополнувала вашиот начин на играње. Ова е исклучително важно. Поголемиот број од непријателите се крајно немилосрдни и, доколку не внимавате, изненадувачки брзо можете да се збогувате со вашето здравје. Дури и откако ќе се запознаете со офанзивните механики на одредени противници, вештачката интелигенција знае да изненади, а непријателите да ви се прикрадат, особено кога ќе стапат на сила специјализирани противници- значително посилни од стандардните и со уникатни моќи. Шлагот на тортата се босовите. Над 20 монструозни босови за кои тимот вложил огромна креативност не само во нивниот изглед, туку и во начинот на кој се спротивставуваат со вас.

Неколку часа во играта, наидовме на змеј кој како да произлегол од нај вознемирувачките умови. Во Remnant, можете да напаѓате, но и да бидете нападнати со најразлични статус ефекти. Имено, доколку бидете критично исечени, ќе почнете да крварите. Во случај да немате завои, пијалаци за регенерација, или моќ за лечење, за релативно брзо време ќе искрварите. Слично на ова, можете да бидете запалени, инфицирани, озрачени, кородирани, или шокирани. Секој од овие елементи влијае на вас и доколку не ја активирате соодветната контра мерка, како во ситуацијата со крварење, тешко ви се пишува. Враќајќи се на змејот и ѕверејќи се во неговата сува, коренеста структура, прво нешто што помисливме беше како убаво би горело ова, особено откако ќе ја активираме нашата моќ со огнени куршуми и статус ефектот за горење. Змејот мора да нѝ ги прочитал мислите затоа што инстантно се запали и почна да нè напаѓа со огнени топки, како и фрла оган во огромен радиус. Нашата моќ излезе дека е крајно бескорисна. Потребно беше да го ликвидираме со двете оружја. Со одземена само третина од здравјето на змејот, се најдовме без муниција. Додека се мислевме што да правиме и да се каеме што не понесовме кутија со муниција, нè опколија огнените слуги на змејот, а со нив и неизбежниот крај. За време на рецензијата, често се навраќавме со мислите на оваа битка, затоа што многу добро ги објаснува клучните механики на Remnant: From the Ashes.

Ова е игра во која ќе умирате. Многу. Во ниеден момент играта не ве држи за рака, но не се ни покажува како премногу нефер према вас. Искуството кое ќе го земете, валутите и материјалите кои ќе ги соберете, остануваат со вас и по умирањето. Но, пристапете кон некоја ситуација без целосна концентрација и лесно ќе бидете надвладеани. Во нашите бројни обиди да го уништиме змејот, точно научивме кога и како да ги избегнуваме пламените, да внимаваме на околината и да ги ликвидираме огнените слуги во моментот кога ќе се појават. Пријатно се изненадивме откако откривме дека секојпат кога ќе нè запалат, наместо тоник, кој чини пари, може да се наведнеме и да се тркаламе на земјата за да го изгаснеме пламенот. Во моменти кога снемавме муниција, пробавме да присобереме нешто од уништените слуги, или да се подзаскриме зад некој ѕид и да земеме муниција од претходно-купените кутии. Змејот лесно ги руши ѕидините зад кои се криеме, но времето е сосема доволно за нашата намера.

Најважно од сè, научивме никако да не брзаме и да уживаме во епската, долгометражна битка која се одмотува пред нашите очи. Remnant: From the Ashes е игра која знае кога сте уморни и се храни од таквата реализација. Мора да заборавите на времето, на константната потреба за брзи резултати и на шетање со мислите. Во моментот кога ќе го прифатите овој став, играта почнува да сјае со нејзиниот целосен потенцијал и ве потопува во максимална имерзивност, ретко искусена до тој степен во некоја друга игра.

„Границите помеѓу животот и смртта се, во најмала рака, нејасни. Кој ќе каже каде едната завршува, а другата почнува?“ – Едгар Алан По

Секој од световите во Remnant се уникатни на некој начин и пленат со нивната сурова убавина, особено планетата Земја и пејзажите надвладеани од времето. Истражувањето се охрабрува со скриени тајни, валути, опрема и оружја. Scrap е валутата, а различни форми на Iron се главните материјали кои се бараат за надградба на оружјата и опремата која ја носите. И двете работи се исклучително ретки низ светот и мора да внимавате во што ги инвестирате. Паралелно со ова, имате одредени пасивни елементи кои, со секоја надградба, стануваат процентуално помоќни. На почетокот, почнувате со малку пасивни елементи, како можност за зголемување на здравјето или кондицијата, но како напредувате, во зависност од вашето истражување и интеракција во световите и со ликовите, така ви се отклучуваат поголем број пасивни елементи, како забрзано собирање искуствени поени, побрзо репетирање, посилни критични погодоци, и слично. На сличен третман подлегнува и механиката со модови, односно, моќни руни кои ги интегрирате во оружјата и, во моментот кога ќе се наполнат, отклучуваат моќи кои се клучни за вашата победа, моќи како групно лечење, фрлање куршуми со различни статус ефекти, поголема издржливост, рефлектирање на нападите, и многу повеќе.

 „Додека мислев дека учам како да живеам, јас сум учел како да умрам“ – Леонардо да Винчи

За пофалба е огромната преигрувачка вредност, која се темели на рачно-изработени содржини, исткаени по случаен избор. Па така, ниедно преигрување нема да биде исто, не само во поглед на локациите, туку и во природата на квестовите кои ги добивате, пленот со кој ќе се здобиете, непријателите со кои ќе се соочите и настаните на кои ќе наидете. Во поголемиот дел од играта, уживавме сами. Како што кажавме, Remnant: From the Ashes пружа феноменално соло искуство кое нè искачи на огромни имерзивни височини. Но, играта отвора дополнителни димензии кога ќе ви се приклучат други играчи. Секој играч е со различни способности и модови, и допринесува на различни начини до ултимативната победа. Враќајки се на битката со змејот, еден играч може да се посвети на босот, додека останатите да му го чуваат грбот и да ги ликвидираат огнените слуги. Да, тежината соодветно би била зголемена, но неможеме, а да не забележиме дека таквото искуство би било значително покул, особено доколку играте со ваши пријатели, и особено по издвојување на мачната победа која е целосно здобиена од меѓусебна соработка. Соло преигрување на целата игра отвора само 45% од севкупните содржини во играта. Останатите 55% содржини, дали во форма на квестови, непријатели, механики, или опрема, се отвора или при однови преигрувања, поразлични пристапи, или пак само кога играте со други играчи. На располагање имате бројни скриени цели и ситуации кои зависат и од тоа што ќе го кажете и како ќе биде протолкувано од NPC ликовите на кои, патем, им се позајмуваат гласови од феноменални актери. Згора на тоа, дополнителни награди добивате и доколку се справите со некои од дваесетте босови на некој уникатен начин. Сево ова е мајсторски потпомогнато со едни од најдобрите мелодии кои си играат со вашата меланхолична жичка и отвораат дополнителен глад за светот, како и чувство на исполнетост секојпат кога ќе ѝ се навратите на играта.

„Смрт е ништо, но да се живее поразено и срамно е да се умира секојдневно“ – Наполеон Бонапарт

Минимална побарувачка за Remnant: From the Ashes:
●ОС: Windows 7 / 8 / 10 64 bit
●Процесор: Intel i3-7350K
●Меморија: 8 GB RAM
●Графичка: AMD Radeon RX 470
●DirectX: Version 11
●Простор: ~30GB

Играта е одлично оптимизирана и може флуидно да се игра и на постарите конфигурации. Низ нашето играње низ опциите, не забележавме преголемо графичко деградирање од Ultra кон High. Дури и на Medium и со намалена резолуција, играта изгледаше солидно , со релативно незагрозен степен на графичко уживање.

Gunfire Games (Darksiders, Chronos) имаат создадено предизвикувачко и динамично искуство со феноменална приказна, адреналинска ко-оп акција и огромна преигрувачка вредност. Remnant: From the Ashes пријатно нè изненадуваше со секој направен чекор и, иако умиравме често, секое паѓање беше еуфорична прилика за одново станување.

Оценка

  • Вкупна оценка: 9
  • Приказна: 9
  • Гејмплеј: 9
  • Графика: 8
  • Звук и музика: 10

1 коментар на “Рецензија – Remnant: From the Ashes е игра со феноменална приказна, адреналинска ко-оп акција и огромна преигрувачка вредност

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии