Рецензија: PDF Bob ви дозволува уредување .pdf документи од вашиот прелистувач

На почетокот на годинава, пишувавме за исклучително квалитетен програм за манипулација со .pdf документи. Icecream PDF Editor успеа да нè импресионира со богати и апсолутно бесплатни можности за справување со овој формат, до таа мера, да сеуште продолжува да биде една од нашата омилена алтернатива на најдобрите PDF програми. Токму поради тоа, пријатно се изненадивме кога нè контактираа од Icecream Apps и нè замолија да го погледнеме нивниот најнов продукт. PDF Bob делува како следниот еволутивен чекор, но дали успева целосно да го засени постариот брат?

Две недели како PDF Bob се бори за својата сенка под сонцето. Препознатливо за Icecream Apps, се работи за комплексна колекција од алатки кои ви помагаат при анотација и уредување .pdf документи. Можете да вметнувате текст, слики, линии, стрелки, коментари, да истакнувате текст, како и рачно да пишувате или цртате низ документите. Дополнително, PDF Bob ќе ви излезе во пресрет и за управување со страни, односно промена на нивниот распоред, дополнување со нови страни, бришење некои стари и слично. За крај, имате на располагање брзи алатки за конверзија од PDF во Word, или најчесто користените JPG и PNG. Сево ова, и многу повеќе, од комфорот на вашиот прелистувач.

Би почнале првин така што би потенцирале дека PDF Bob најдобро функционира на преку прелистувачот на Google, Chrome. Преку Edge, половина од алатките беа нефункционални, а преку Internet Explorer вчитувањето на уредникот траеше исклучително долго. Преку Chrome, уредникот дише најдобро. По првичното навлегување, замолени сме да одбереме .pdf документ или преку прозорец или да фатиме и пуштиме еден во соодветното поле. Пробавме да вчитаме еден едноставен и еден комплексен документ, но, и во двете ситуации, не чекавме многу. Вчитаниот документ уредно го зазема централниот дел од екранот. Левата страна е резервирана за алатките, а десната за прикажување на сите претходно извршени промени.

На располагање имате три главни категории. Преку Annotate, добивате пристап до алатките за најразлични прибележувања, како селектирање одредени делови од документот, вметнување текст или фигури, истакнување одредени делови, како и (рачно) пишување и цртање. Преку Edit имате на располагање дел од истите алатки, но и можности за вметнување слики. Ваквата поделба, само поради една алатка, збунува и се чини непотребна. Во третиот дел, Manage Pages, можете да го менувате распоредот на страните на еден од најефикасните начини на кои сме наишле. Процедурата е брза и со интуитивни можности за додавање или бришење страни.

Во моментот кога сте задоволни со извршените промени, можете да започнете со зачувување во PDF, DOC(x), JPG, или PNG. Доколку чувствувате потреба, можете да вметнете и лозинка. За оние кои ќе креираат акаунт, се отвораат дополнителни можности за сочувување документи на облак, односно на серверите на PDF Bob, или на Dropbox, односно Google Drive.

PDF Bob се води како во бета верзија, но работата со него допринесува до исклучително едноставно и брзо искуство. При нашата работа, алатките во ниеден момент не откажаа послушност и максимално нѝ помогнаа во детално уредување на документите. Во меѓувреме, Icecream Apps работат на неколку дополнителни функции, како алатка за отстранување одреден текст за да се заштитат чувствителни податоци (redact), алатка за вметнување линкови, како и за потпишување документи.

Icecream Apps е составен од меѓународен тим, со седиште во Кипар. Функционираат од 2014 година и им нудат на корисниците десет алатки од најразлична функционалност. Од нашиот краток разговор, успеавме да извлечеме дека се особено горди на Icecream Screen Recorder. Претставник од компанијата се присетува како тоа бил еден од нивните најкоплексни производи кога почнале во 2015 година. Кога и да започнат некој проект, една од најважните работи на кои се фокусираат е овозможување пријателско-настроен кориснички интерфејс, нешто што одлично балансира интуитивност во минималистички простор, како би можело да се гарантира едноставна работа со програмите. За крај, ги прашавме дали имаат некој совет за сите амбициозни програмери. Одговорот го добивме во форма на мотивирачки цитат:

„Големите работи во бизнисот никогаш не се направени од една личност; тие се направени од тим од луѓе“

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии