Рецензија: No Man’s Sky – интересна игра, но игра изградена на тон лаги

Image Courtesy of Hello Games

За No Man’s Sky се веруваше дека ќе ги помести границите на гејмерските жанрови и ќе понуди спој од акционо-авантуристичка игра и строг акцент на истражувачко-преживувачките елементи. Од No Man’s Sky се очекуваше и да биде пример кој ќе се споредува со секое претходно и идно излагање во гејмерската индустрија. Она што никако не се очекуваше е да го вети небото, а да даде гол минимум, да ве мами во океан без дно, а да ве дави во капка вода.

Реални маки

Кога излезе првата Borderlands игра насекаде се зборуваше за неисцрпниот број оружја кои ви стоеја на располагање. Реалноста беше сосема поразлична и она што имавте на располагање беа бројни, но делумно модифицирани верзии на пет-шест вида огнено оружје (сачмарка, снајпер, пушка). Нема сомневање дека No Man’s Sky е визуелно-преубава, особено шареноликата палета од бои која придонесува за оригинална атмосфера, но слично со оружјата од Borderlands, нејзината убавина и територијална големина доаѓа од претходно-дефинирани и ограничени параметри. Сево ова е одлично за првите десетици часови каде посетувате најразлични планети со интригантни подземни и надземни локации како и динамична флора и фауна, но како истражувате понатаму така велот на илузија се тенчи до точка на кинење и она со што сте оставени се планети кои одненадеж делуваат премногу слични една со друга, еднолични тревки за кои се очекува да бидат различни само поради фактот дека нивната боја е различна, и суштества кои рушат бројни физички и биолошки закони за да изгледаат онака како што изгледаат, а чии модели на однесување се често идентични со другите видови.

Slika 1

Небо од лаги

No Man’s Sky е интересна игра, но игра изградена на тон лаги.

Челните лица ветија деноноќно искуство како резултат на планети кои ротираат околу своите оски, планети формирани од песок, односно вода, уникатни класи на вселенски бродови со различни стилови на управување како и именување на бродови. Наводно, доколку откриете нов тип на вселенско летало, ја имате честа да го именувате и сите последователни играчи кои ќе го откријат леталото ќе мора да го користат името кое сте го доделиле. Тоа не е точно. Она што имате се вселенски бродови чии разлики се во две полиња: козметичко и инвентарско. Пред само четири месеци, се ветуваа и трговски бродови кои патуваат од една до друга точка, собираат ресурси од планети и се приклучуваат на огромни, товарни бродови или вселенски станици. Се зборуваше и за слетувања на астероиди, уништување вселенски станици и навлегување низ портали кои инстантно ќе ве преселат во нови светови.

slika 2

Во хаосот на скршени ветувања, се шепотеше и за можноста да хакнуваме вонземни технологии за да добиеме пристап до одредени објекти, како и за сојузнички систем каде ќе можете да се приклучите на некоја од бројните завојувани фракции и да заземете страна од која значително ќе бенифицирате. Ништо од ова не е во играта, борбите на копно и вселена се постоечки, но се крајно упростени и недостојни за игра која се продава како чистокрвен ААА наслов од 60 евра. Како додатна сол на раната, се ветуваше дека ќе можете да играте со вашите пријатели и дека таквата мрежна интеракција ќе биде од натпреварувачки карактер, а потоа се утврди дека и тоа нема да е можно. Кога нешто се гради на темели од неиспочитувани ветувања, резултатот е секогаш ист.

slika 3

Кула од карти

Да се анализира оваа игра без да се земе во предвид сѐ што беше зборувано за неа пред официјалното излегување е подеднакво исто како да се купи празна кутија. Секако, ви се допаѓа што претставува кутијата и на какви еуфорични откритија се алудира со нејзиното отворање, но каде е содржината, каде е реализацијата и надградбата на оригиналната идеја која со години ни се сервираше?

Она што го има во No Man’s Sky не е доволно за исполнително, долго и, пред сѐ, пријатно искуство. Интерфејсот е проблематичен и не подржува hot keys, па често пати во сред борба треба да отворате мени/ инвентар кој, патем, воопшто не е пријателски-настроен при управување со ресурсите, особено како се зголемува нивниот број. Борбите никако не биле примарен фокус на развивачите и се еднообразни, неинспиративни и фрустрирачки, а она што требаше да биде неверојатно искуство, она за што се стремите уште од самиот почеток, односно да дојдете до центарот на универзумот излезе катастрофално разочарување кое не би го препорачале ни на најголемите непријатели.

slika 4

Дискутабилно е и што ќе видиме во иднина и како ќе ни биде приложено таквото нешто. Развивачите Hello Games ветија сите додатоци и проширувања да бидат бесплатни и силно веруваа дека ако еднаш платите за играта, треба да го имате целокупното искуство без повторно да посегнувате по паричникот. Како што можеби претпоставувате, и ова излезе дека е лага, и во едно од неодамнешните интервјуа се изјави дека таквиот став можеби не бил добар и дека не би требало да се исклучува опцијата да се наплаќа за идни проширувања. Кога ќе се земе сѐ во предвид, можеби и не изненадува фактот дека од излегување на No Man’s Sky, бројот на PC играчите се има намалено за 90%.

slika 5

Единствено нешто кое е на достојно ниво и вредно за пофалба е комплексноста на процедуралните создавања и естетскиот дизајн, особено во почетните часови, како и звучната подлога. Ниеден друг софтвер нема успеано да реализира комплексност на епско ниво. Велиме софтвер, затоа што, во моментната состојба Man’s Sky повеќе наликува на техничко демо или на алфа приказ на игра која допрва треба да заземе облик. Една игра не може да биде добра игра само поради напредни алгоритми за процедурално создавање. Сѐ останато е илузија изградена на солидни, но нереализирани идеи кои би можеле да бидат отскочна даска за некои други наслови, во некоја друга иднина, под некое друго небо.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Hello Games
  • Издава: Sony Interactive Entertainment (PS4), iam8bit (PC)
  • Жанр: Акциона авантура, survival
  • Платформа: PlayStation 4, Microsoft Windows

Оценка

  • Вкупна оценка: 6.5
  • Приказна: 4
  • Гејмплеј: 5
  • Графика: 8
  • Звук и музика: 9
Претходни написи за No Man’s Sky:

2 коментари на “Рецензија: No Man’s Sky – интересна игра, но игра изградена на тон лаги

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии