Рецензија: Mafia III е игра која се игра во мали дози

Оригиналната Mafia, од 2002 година, беше една од најреалните GTA алтернативи и успеа да го освои светот со поозбилна тема и систем на играње. Втората игра дојде дури во 2010, а со неа донесе сосема генерични и, на моменти, неисполнителни активности кои ги оставија играчите да посакуваат нешто повеќе. Mafia III требаше да биде отскочна даска за тимот на Hangar 13, а со тоа и целосно заживување во серијалот.

„Човекот кој сака премногу, ризикува да изгуби апсолутно сè. Секако, човекот кој сака премалку од животот би можел да не добие ништо.“

Уште во првиот час станува јасно дека третата игра е многу поразличен наслов, особено во начинот на кој се раскажува приказната. Сакајќи да се повлечат од стереотипската италијанска мафија, Hangar 13 обработува добро позната тема за освета во неконвенционален свет. Поставена во фиктивен град, Њу Бордо, и тоа во 1968 година, приказната се врти околу Линколн Клеј, ветеран од Виетнам кој гради темели за нова криминалистичка организација за да се спротивстави на италијанската мафија. Ставено вака на хартија, приказната делува како илјада пати преџвакана тема, но, во комбинација со феноменалните писателски и глумечки способности, Hangar 13 успева да понуди неверојатно уметничко дело кое интелигентно се носи со чувствителни теми како расизам и последиците од виетнамската војна. Кога и останатите аспекти во играта би биле подеднакво добри, Mafia III би била непобедлив шампион за игра на годината. Кога желбите би биле коњи, сега сите би јавале по еден.

slika-1

„Кога сте член на овие банди, вашиот живот се заснова на насилство и најверојатно ќе заврши на насилен начин. Многу малку луѓе, кои ја одбрале оваа работа умреле од природна смрт.“

Онолку колку што Mafia III е револуционерна во приказната, подеднакво толку е просечна во гејмплејот. Авторите, се чини, ја потрошиле целата креативност во градење впечатлива приказна и спектакуларен отворен свет. Како една акционо-авантуристичка игра, целите се комплетираат на неколку различни пристапи – директен напад со огнени оружја или пак прикрадување, криење зад пречки и елиминирање со нож. Звучи премногу познато, нели? Откако ќе помине еуфоријата за Рамбо пристап и фрустрирачкото препукување со глупавата вештачка интелигенција, често ќе се наоѓате зад пречки, ќе свиркате да привлечете внимание и тивко ќе елиминирате непријателите, не затоа што тоа е позабавно туку затоа што го избирате помалото од двете зла.

slika-2

Со тоа што многу исти локации се искористени за повеќе еднолични мисии само се дуплира здодевниот фактор и ве поставува во бесмислен круг од повторливи активности. Згора на тоа, до крајниот резултат секогаш доаѓате на приближно ист начин: напаѓате бизниси контролирани од италијанската мафија, убивате сѐ што мрда преку директен или прикрадувачки пристап, го преземате бизнисот и се префрлате на наредната иста цел. Секоја од преземените области ја давате под контрола на еден од трите ваши „поручници“, а, како резултат ви се отклучуваат способности како дилер за оружје,  тим за напад, или способност да складирате пари набрзина. Ова се интересни додатоци, но никако не успеваат да ве расонат.

slika-3

Ваквиот медиокритен начин на кој решиле да ве потопат во имерзивност е ултимативниот одговор зошто Mafia III не може да се издигне од просечните GTA клонови, а, да бидат работите полоши, немате многу споредни мисии или задачи. Њу Бордо е преубава дестинација, авторите дури и користеле многу фотографии од тогашниот период за да извршат веродостојна реконструкција на Њу Орлеанс, но надвор од приказната, Њу Бордо не е ништо повеќе од лушпа, празен град кој ја дави секоја желба за интеракција по првите неколку часа од престојот во него.

slika-4

„Светот не се врти околу закони напишани на хартија. Светот се врти околу луѓе. Зависи од секој индивидуалец каков ќе биде неговиот свет, каков тој ќе го направи.“

Mafia III е игра која се игра во мали дози. Сѐ останато е вештачко форсирање и присилно уживање. Само по себе, ваквото нешто не е лошо, особено доколку сте мазохист, но сите останати ќе бидат фасцинирани од првите неколку часа и презаситени од сите останати.  Градот е прекрасна технолошка реинкарнација и одлично игралиште за бесмислено возење низ живописните улици додека слушате соодветната музика од тогашниот период. Но, побарајте нешто повеќе од тоа и шансите се дека само ќе се разочарате, а празнината ќе мора да ја пополните со некоја друга игра.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Hangar 13/ 2K Czech
  • Издава: 2K Games
  • Жанр: Акциона авантура
  • Платформа: Microsoft Windows, OS X, PlayStation 4, Xbox One

2 коментари на “Рецензија: Mafia III е игра која се игра во мали дози

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии